Политичарите може да помодрат во лицето барајќи гаранции

Денко Малески

Македонските политичари можат да помодрат во лицето барајќи гаранции од ЕУ за да се согласат на бараните уставни измени, но нема да ги добијат. Зошто? Затоа што ЕУ не може да даде гаранции што не постојат.

Грешката што ја прават нашите актуелни политичари е што гледаат на ЕУ како на еден единствен политички ентитет а не како на сојуз на суверени држави во кои се одвиваат различни политички процеси. Имено, во политиката, за разлика од правото, ништо не е исто денес како што било вчера или ќе биде утре. Само во нормативниот поглед на светот нештата се фиксирани во одредби на хартија. Но, во реалната политика, тоа ви е како да гледате кога старовремските топломери ќе ви се скршеа и живата ќе истечеше цепјќи се на безброј мали топчиња и обединувајќи се во поголеми. Такви се и политичките процеси. Затоа, во меѓународната политика е важно да се фати моментот. Оттаму и „бамбурењето“ на претставниците на ЕУ повеќе од три децении:„ да се протнеме низ прозорецот на можностите“,„да го зграпчиме моментот“, „да гледаме на часовникот“,„ да не го пропуштиме возот“,„ само уште името и вие сте во ЕУ“… Тоа не го зборуваат зашто сакат да не лажат туку затоа што политичките процеси во државите се како живата од скршениот топломер.

Иако, во еден претходен текст напишав дека „Ни истече времето“, еден инспиративен разговор со странски дипломат ме поткина, со утринското кафе, да се обидам да ја објаснам сериозноста на нашата ситуација уште еднаш. Создаден е еден процеп низ кој би можеле, со тешки маки,едвај и со мали изгледи за успех, да се протнеме кон членство во ЕУ денес. Колку утре, после изборите во Франција, Германија и Велика Британија, прашање е дали ќе го има тој процеп. Имено, и на политичкиот пазар има понуда и побарувачка која постојано варира. Колку утре, побарувачката може да ја нема. Процепот е последица на политиката која поаѓа од руската опасност, нужноста од градење на европска армија и слично.О ттаму желбата да се заокружи процесот на проширување на ЕУ со неколку земји од Западниот Балкан. Но, се работи за непопуларна европска гарнитура на политичари, која , најверојатно, ќе ги загуби наредните избори. Многу е веројатно дека политичарите кои ќе ги заменат нема да ја споделуваат нивната загриженост дека руски војски ќе влезат во Париз или во Берлин туку ќе се ориентира кон мир со Русија и обновување на трговските односи. И сето ова е под претпоставка, ЕУ да го преживее страшниот удар кој ќе следи по завршувањето на војната во Украина со тотален пораз , не само на Украина, туку и на сите принципи и вредности на либералната демократија вградени во нејзините темели. Ако, пак, во меѓувреме, воинствената политика на Макрон, Мерц и Страмер го натера Трамп, кој сака да избегне нуклеарен кофликт со Русија, да се повлече од Европа каде што преку 100,000 американски војници се распоредени од Естонија до Романија, работите ќе станат уште посложени.Во отсутво на Америка, „помирителот“ на различните интереси на европските држави, можат да се активираат центрифугалните тенденции кои би можеле да ја разбијат Унијата.

2 / 2

Многу од овие работи што ги наведувам ќе се случат и, како мала држава вон од европскиот сојуз, ќе ја загрозат нашата ситуација во меѓународната политика. Но, еве, да го замислиме невозможното: се да остане исто. Паметиме ли дека за членство во ЕУ е потребна двотретинска одлука на секој од 27 парламенти, вклучувајќи го и парламентот во Бугарија? И дали сме заборавиле дека во Франција таквата одлука за проширување со нови членки оди на референдум? Референдум, пак, е како да организирате избори во кои не знаете кој ќе победи. И, во таквиот, реалниот, свет на политиката, Македонија уште бара гаранции? Се прашувам дали е тоа последица на страшно неразбирање на меѓународната политика или изговор за бегање од непопуларни, тешки па и трауматични одлуки, некогаш „името“, денес „идентитетот“. Веројанто е второто. Ете зошто, денешните македонски политичари барат гаранции кои не се можни во политиката и каде им истеклв волјата, во својот мандат, да се зачлениме во ЕУ.

Дека се трча кон целта и без оглед на отсуството на гранции покажува примерот на Албанија. Кој гарантира дека,во 2030, со подемот на десницата која е скептична кон европскиот проект во целина и после извесната смена на непопуларниот Макрон на наредните избори,дека Албанија ќе помине на референдумот во Франција. Ама Еди Рама, слушам, не се откажува. Свесен за реалната политика, тој веќе го врти вниманието на својата дипломатија кон придобивање на јавното мислење во Франција. Ќе успее ли? Не се знае оти гаранции нема. На крајот, едно е сигурно: се обидел.

 

Back to top button
Close