Политичка криза, излез или хаос

Завршија локалните избори, во рамки на кои ние граѓаните дадовме поддршка на кандидати за градоначалници и советници кои треба да работат во наш интерес во следните 4 години на локално ниво. Епилогот од завршените локални избори е јасен, меѓутоа овој резултат влијаеше директно на политичка дестабилизација во државата.

Партијата на власт и нивниот лидер и актуелен Премиер Зоран Заев најави своја оставка и заминување од политиката сцена поради неуспехот на локалните избори.

За само неколку дена македонската политичка сцена се вжешти до степен кој што, кај секој чесен и лојален граѓанин, предизвикува дилема дали ваквата вжештена политичка сцена ќе донесе добро за државата и поединецот или пак уште повеќе ќе не втурне во невиден хаос со катастрофални последици по нас граѓаните и секако државата. Мора да го имаме предвид фактот дека Македонија влегува во вистинска енергетска криза пред доаѓањето на зимата. Информациите околу РЕК Битола и неговиот капацитет и можноста да испорачува енергија се навистина шокантни, бидејќи резервите на јаглен се лимитирани до тој степен што во секој момент овој гигант може да престане со работа  и со тоа да запре производството на електрична енергија.

Од друга страна Ковидот и натаму беснее носејќи секојдневно нови жртви и ново заболени. Инфлацијата која се очекува да затропа во нашиот секојдневен живот е реалност, а со тоа уште повеќе ќе го поскапи животот на обичниот граѓанин.

Убеден сум дека во сиот период на самостојност на Р. Македонија имало тешки моменти кои многу повеќе зависеле од надворешниот фактор, односно нашите соседи кои што Македонија успешно ги преброди. Сегашниот предизвик е за мене многу сериозен.

Најавена е промена на владиното мнозинство, овој пат во очекување дека новото мнозинство ќе биде предводено од ВМРО-ДПМНЕ. Мнозинството што е објавено на социјалните мрежи е многу тенко. Во составот на ова мнозинство има многу политички актери и партии што имаат  многу спротивставени идеологии и размисли за приоритетите што Македонија и Владата на Македонија треба да ги стави во преден план.  Неколку нешта ме предупредуваат да бидам многу внимателен во мојот став дали овој турбулентен политички момент ќе предизвика нова пролет во Македонија или, пак, ќе предизвика вистински социјално економски и политички хаос. Доколку актерите на политичката сцена имаа вистинска желба за добробит на државата, а посебно на нејзините граѓани неколку нешта не смееат да се дозволат. Најпрво Господинот Заев не смееше да си даде оставка во овој момент. Требаше да прифати предвремени парламентарни избори во текот на следната 2022 година и да менаџира со справувањето со енергетската криза, Ковид-19 и очекуваната инфлација која директно ќе удри по стандардот на граѓаните. Оставката на Господинот Заев беше очекувана, меѓутоа доаѓа во најлош час за државата. Денес против  Господинот Заев го дигаат гласот не само неговите противници, туку и неговите следбеници, бидејќи зад себе остава пустош. Илјадници негови приврзаници со ваквиот потег ги става во незавидна ситуација. Сопствената партија ја фрла на колена. Од друга страна составот на новото очекувано владино мнозинство не ми дава многу надеж дека ќе биде функционално. Составот на ова мнозинство е хетероген со дијаметрално различни идеологии или политички платформи. Се трудам да ја разберам желбата за рушење на актуелната Влада, на сите партии кои се дел од ова мнозинство, меѓутоа не можам да ги разберам која е платформата на која ќе биде остварено ова мнозинство. Од партиските извори на учесниците во новото парламентарно мнозинство викендов излегоа информации од кои заклучувам дека основната цел за новото парламентарно мнозинство е рушење на Владата на Р. Македонија, посебно на партиите СДСМ и ДУИ. Партијата Левица дообјаснува дека тие нема да учествуваат во новата Влада и дека се усојузуваат само да се срушат СДСМ и ДУИ. Дали е тоа во ред? Според мене не е. Доблесно би било да се направи платформа со приоритети на новото парламентарно мнозинство. Рушење како рушење за мене не е прифатлив чин доколку  не постои издржана платформа како подобро ќе се менаџираат актуелните проблеми, а понатаму и просперитетот на државата. Но, за жал оваа нашата држава од првиот миг ја следи отсуството на политичка култура, знаење и приоретизирање на заедничките идеологии и интерсеите важни за целокупната заедница. Во новото мнозинство ниту гледам визија ниту некаква програмска заедничка нишка за подобрување на целокупната општествена состојба. Се чини како да се собрале само заради волја за моќ.

Одважноста на лидерите и нивните партии е за респект, меѓутоа мудроста треба да биде главниот двигател на секој политички субјект. Ако политичките партии претендираат да ги застапуваат интересите на граѓаните, тогаш упатувам порака подлабоко да навлезат во вистинската генеза на актуелните порблеми кои ќе се појават во наредниот период, само со една цел, како најлесно да ги пребродиме претстојните предизвици.

Изненадувачки е фактот што во ваква политичка турбуленција одредени членови на владеачката ДУИ опоменуваат на оружје што во превод значи тотална дестабилизација. Убеден сум дека заканата е несериозна, меѓутоа пораката е многу лоша. Војната од 2001 година беше за човекови права. Денес дел од тие борци повикуваат на оружје ама не за човекови права, туку за економски бенефит на сметка на државата. Со вакви умови не се гради соживот. Најчесно е да биде осуден сторителот на овој чин меѓу сопствениот народ. Градиме соживот на сите граѓани на Република Македонија без разлика на нивната верска и етнчка припадност. Ако е така, тогаш ваквите исклучоци треба да се санкционираат, во спротивно си дозволуваме право повторно да се загрее националистичката реторика која не носи ништо добро за државата, а уште помалку за поединецот.  На потег се лидерите на партиите во Република Македонија, бидејќи денес во нивни раце е нашата иднина. Повторувам, сериозни предизвици имаме пред нас, потребни ни се сериозни лидери бидејќи периодот кој доаѓа ни најмалку не е лесен и ќе се бара посветеност, знаење и истрајност, а пред сѐ, капацитет за ставање на интересот на државата пред сопствениот интерес.

Tрифун Костовски

Back to top button
Close