Политичка одмазда или прекршок?! Директорот на „Комуналец“ Кичево реагира за кривичната пријава
Случајот со депонијата во Кичево доведе до поднесување кривична пријава против директорот и четворица вработени како камионџии во општинското претпријатие што управува со отпадот. Според соопштението на МВР, директорот Зенел Јонузи се сомничи дека од 2020 година па сè до денес создал диви депонии во населено подрачје во градот, постапувајќи спротивно на законите за заштита на животната средина и природата.
„Поднесена е кривична пријава против З.Ј. (49), директор на ЈКП „Комуналец“, поради сомнение за сторени две кривични дела: „неодговорно работење во службата“ и „загрозување на животната средина и природата со штетни материи“. Кривична пријава е поднесена и против Б.Б. (49), С.А. (49), Д.Ј. (56) и Ф.Т. (62), вработени како возачи во ЈКП „Комуналец“, поради сомнение за кривично дело „загрозување на животната средина и природата со отпад“, велат од МВР.
Директорот на претпријатието, Зенел Јонузи, вели дека тоа не е депонија, туку центар за товар и истовар на отпадот, а за кривичната пријава нема коментар. Се чуди зошто се вклучени и работниците?!
-Конкретно, во раце немам никаква кривична пријава, чудно ми е и се зачудив зошто работниците? Ако има некое прекршок, јас сум тој што треба да одговара, јас сум директор на претпријатието и работниците немаат никаква одговорност за сè што се случува, изјави Зенел Јонузи, директор на ЈКП „Комуналец“ – Кичево.
Јонузи го оценува ова како политичка одмазда.
-Ова е политичка одмазда од човек кој некогаш беше прогонуван, а сега прогонуваниот станува прогонител, изјави Зенел Јонузи, директор на ЈКП „Комуналец“ – Кичево.
Овој случај беше отворен по неколку последователни протести од група граѓани во Кичево. Тие се жалеа за собирањето на отпадот во градот, кој всушност потоа се депонира во Русино.