Политичка траекторија на Мисајловски – без ден стаж во реалниот сектор, од фотелја во фотелја

Најавениот носител на Изборната единица 2 од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски нема ниту еден ден работен стаж во реалниот сектор, но затоа има доста искуство од менување фотељи во јавни и државни институции, како успешен партиски послушник, прво на Никола Груевски, а сега на Христијан Мицкоски.

Веднаш по дипломирањето, Мисајловски влегува во Кабинетот на поранешниот собраниски спикер, Трајко Вељановски, каде што по две години е унапреден во советник за меѓународна политика. После тоа е избран и за советник во Општина Ѓорче Петров, а по извесно време се сели во Центар, каде што станува шеф на Кабинетот на поранешниот градоначалник Владимир Тодоровиќ, во време кога се спроведуваше криминалниот проект „Скопје 2014“.

Од Центар, Мисајловски има „авантура“ и во МНР, каде што беше државен секретар, а потоа станува државен секретар и во Министерството за транспорт и врски, кај поранешниот министер Миле Јанакиески. Во министерството не се задржува долго, но останува во секторот како директор на Јавното претпријатие за државни патишта, каде што го започнува промашениот проект за изградба на автопатот Кичево-Охрид.

Од мај 2015, па се до падот на ВМРО-ДПМНЕ е и министер за транспорт врски, а во 2017 година беше и кандидат за градоначалник на Ѓорче Петров, каде што беше поразен од Александар Наумовски од СДСМ.

По неуспешниот обид повторно да седне во фотеља и да биде платен од граѓаните, станува потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, по изборот на Мицкоски за претседател, а во 2020 година, повторно успева да стигне до плата од државниот буџет станувајќи пратеник.

 

Му лежат договарања со Кинезите

Мисајловски е дел од екипата која потекнува од Министерството за транспорт и врски, заедно со Игор Јанушев и Димитар Димовски. Оваа екипа се поврзува со големите тендери и договори со кинески компании, а Мисајловски во јавни настапи кажува импресии од кинеските компании.

Договорањата со Кина и кинеските компании вклучуваат набавка на патнички возови за Македонски железници, каде што се избираше помеѓу понудите на Штадлер Буснанг АГ од Швајцарија и ЦСР Корпорејшан Лимитед од Кина.

Слична е и ситуацијата со набавката на градските автобуси за Скопје. На повикот се јавиле две компании „Јутонг“ од Кина и „Кинг Лонг“ од Бугарија, а фаворизирана била кинеската компанија, иако не доставила сертификат за квалитет ИСО 9001:2000, туку доставила сертификат ИСО/ТС 16949:2002, а банкарската гаранција, пак, која ја доставила била издадена од Охридска банка АД Скопје, која не поседувала „Б“ кредитен рејтинг, што било услов во тендерската документација. 

 

Патот Гостивар-Кичево сакал да го даде под концесија, а не да го гради државата

Наместо патот Гостивар-Кичево да го гради државата, Владо Мисајловски планирал да го даде под концесија и како што вели имало заинтересирани кинески и турски компании кои сакаат да се нафатат за тоа.

Во интерју за „Република“ од 2015 година, Мисаjловски вели дека на владина седница поминала студијата за концесија, а тоа што следува е распишување на јавен повик.

„Има голем интерес. Дури некои амбасади дојдоа тука, многу компании да се распрашаат за овој проект, да видат што е поентата, што добивка имаат, што се негативните можности, што се позитивните. Има голем интерес, кинески компании се заинтересирани, веќе турски компании се заинтересирани, од други држави исто така“ рече Мисајловски во 2015 година.

 

Близок до Курир-новинарството

Братот на Владо Мисајловски, Ацо Мисајловски беше сопственик на порталот Курир, портал кој отворено ги поддржуваше владините политики додека ВМРО-ДПМНЕ беше на власт. Како што пишува „Призма“, името на Мисајловски често се поврзуваше со медиумскиот бизнис преку неговиот брат Ацо Мисајловски кој раководеше со Ем медиа ДООЕЛ, фирмата сопственик на „Курир“ и на веб-порталот „Вистина“.

Порталот бил продаден на истиот ден кога Владо Мисјаловски стана Министер за транпосрт и врски, а нов сопственик станал дотогашниот главен уредник Саше Стојановски.

Начинот на известување на вестите на Курир, очигледно му е близок на Мисајловски, кој во неговите јавни настапи доста често знае во јавноста да излезе со дезинформации и лажни обвинувања.

Тој ја обвинуваше Владата дека не ја покачува минималната плата и дека потрошувачката кошничка расте. Сепак, минималната плата порасна на 22.500 денари, од околу 10 илјади колку што беше до 2017 година и потребни се 2 минимални плати за покривање на потрошувачката кошничка, додека во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ беа потребни четири и пол минимални плати.

Мисајловски излезе и во јавност со теза дека Северна Македонија нема да го започне скринигот како дел од преговорите со Европската Унија. Скринингот не само што започна, туку тој и успешно беше завршен, а за отворање на првите поглавја се потребни само уставните измени, кои токму неговата партија ги блокира со што ефективно става вето на продолжување на процесот.

 

Осуден за насилство

Носителот на пратеничката листа во ИЕ2 од ВМРО-ДПМНЕ, помеѓу другото е и осуден за условна казна од шест месеци за за нанесување на тешка телесна повреда, како што објави СДСМ во 2017 година. Тој во 2008 година бил правосилно осуден на условна казна од шест месеци, доколку во рок од две години не направи ново кривично дело, бидејќи заедно со уште еден соучесник нападнале едно лице и му нанеле тешки телесни повреди.

Кандидирањето на Мисajловски како носител на Изборната единица 2 од страна на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски покажува дека малку што е променето во оваа партија од 11 годишното владеење на Никола Груевски. Одредени лица во партијата, како Мисајловски, кои беа послушни на Груевски и за возврат добиваа функции и фотељи, сега станаа послушни на Мицкоски и за возврат добиваат повисоки функции и поголеми фотељи, но начин на работа останува ист.

Back to top button
Close