Политичката волја и заштитата на културното наследство

Во изминатите години многу говоревме, пишувавме за културното наследство и потребата од негова заштита. Говоревме за потребата од чување и негување на духовните врски со нашиот род преку писмото испишано во каменот, тулата, дрвото, песната, орото…уште пред да биде создадена буквата.

Уште од најраните предисториски времиња, од палеолитот и неолитот, за нашите претци читаме и учиме од сочуваните графити, камени фигурини и други артефакти. Тоа е нивното писмо по кое ги препознаваме, затоа што човекот поседува вродена дарба за творештво и потреба од создавање на културно наследство. Тоа е суштинската алка која не’ поврзува со нашите претци, со нас самите и со идните поколенија. Во оваа смисла, културното наследство не е минато, туку иднина. Затоа што човекот создава дела кои не остануваат во минатото, бидејќи ние ги пренесуваме во иднината.

Колку и да звучи парадоксално, тоа што го создаваме денес е проектирано за во иднина, за однапред.За тоа говорат најстарите сочувани артефакти како дел од цивилизациските вредности на човештвото во целина.Тие не се врзани ниту со организирани заедници ниту со конкретни народи, потекнуваат од предисториското време и претставуваат израз на индивидуален творечки порив и лична креација.

А ние денес ги откриваме, ги чуваме нивните дела како наше заедничко културно наследство, учиме и се инспирираме од нив. Културното наследство е многу постаро од било која заедница и форма на општествено уредување и истовремено е доказ дека може постојано да се збогатува и чува, дури и во услови на непостоење на држава.

Дури и денес, постојат народи кои поседуваат автентично културно наследство а немаат држава.А народ без културно наследство се’ едно не е народ! Не се бележи и памети народ доколку не се пројавил со сопствен културен белег и традиција. Може да нема сопствена држава и да споделува историја со други народи, но доколку нема свое културно наследство него го нема на културната мапа.

Културното наследство опстојува и во услови кога нема наследници. Кога одредени цивилизации изчезнуваат, за нив сведочат и говорат артефактите, остатоците од градби и населби Начинот на организација на населбите, местоложбата, материјалот од кој се изградени, украсувањето, претставуваат драгоцени нишки со кои се рaсплетува и повторно се преплетува историјата, се доловува профилот на жителите кои го населувале одреден простор.Тогаш за нив се грижат други наследници во името на државата на кое е откриено тоа наследство.

Во која релација е културното наследство со државата? Државата како заедница на одреден народ, како полис или национална држава во духот на деветнаестовековните творби, претставува организиран систем за заштита на правата и имотот на нејзините граѓани.

Во однос на културното наследство, улогата на државата е од првостепено значење, затоа што токму културното наследство е еден од нејзините базични конститутивни елементи. Одовде, неговата заштита претставува императив и загаратирано човеково право на култура и негување на идентитетските белези на колективно и лично ниво. Заштитатаа на културното наследство е општествена дејност, административна, нормативна и ограничувачка. Нормативата доколку не е изведена во систем, фундиран на специјалистичко и субспецијалистичко познавање на различните видови на културното наследството, најчесто предизвикува негативни ефекти. Но, системот исто така мора да претпостави и соодветен пристап, посебен приод кон споменикот. Културното наследство, односно поединечните примероци на споменици на културата кои ја чинат неговата целина, се производ на слободна индивидуална креација, обвиена со превез на тајновитост кој тешко може да се открие без соодветен приод.Секој споменик е посебен, еден и единствен. Како таков, тој ниту може, ниту треба целосно и до крај, да се подведе на пропишаните административни правила кои се унифицирани и безлични.Или поинаку кажано, во една утврдена административна постапка, доколку сакаме да го заштитиме споменикот, мораме да му пријдеме на посебен посебен, соодветен начен, затоа што, во огромниот корпус на културно наследство, секој поединечен споменик поседува духовни, идејни, свештени аспекти, кои го формираат и го обезбедууваат неговиот долгорочен опстанок.

Во оваа смисла, состојбата на културното наследство и неговата заштита (независно од видот и староста) претставува одраз, слика на општата состојба на државата, односно на политичката волја на власта. Во услови на демократска парламентарна демократија, политичката волја на власта произлегува од граѓаните кои на непосредни избори ја искажуваат својата политичка волја што треба да ја спроведуваат оние, кои од нив се избрани! Од тие причини, не е власта таа, која треба допрва да се мисли дали има или нема политичка воља да испорача резултати на барањата на граѓаните. Затоа што, со политичката воља на граѓаните доаѓа и си заминува! Нема посилна политичка воља, од волјата на граѓаните кои поседуваат огромна сила и моќ Иако за тоа не секогаш се свесни.

Донка Барџиева Трајковска

 

Back to top button
Close