Политичките партии ќе формираат работни групи за забелешки за францускиот предлог, најавува ВМРО-ДПМНЕ

Ќе се формираат работни групи помеѓу политичките партии кои ќе работат на предлог забелешки на преговарачката рамка која е предложена, најавуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Предлогот, како што брифираат од опозициската партија, е во тие работи групи да има по двајца претставници од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, по еден од ДУИ и Алијанса за Албанците и уште еден од помалите партиите кои се дел од парламентот.

Според најавите, се очекува првата средба да се одржи утре.

„Ваквиот процес доаѓа по повикот на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски да се разговара за измени кои предлогот ќе го подобрат и да се вметнат забелешките кои се на текстот кој е на штета на државните и национални интереси. Позициите на ВМРО-ДПМНЕ и забелешките кои ќе бидат дадени ќе ги одразуваат позициите кои Мицкоски ги соопшти по средбата со Ковачевски“ брифираат од опозициската партија.

За потсетување, средбата помеѓу Мицкоски и Ковачевски се одржа на 3 јули, по што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најави дека за неговата партија францускиот предлог ќе биде прифатлив ако се избришат четири точки.

„Да се избришат членот 11 и членот 14 од Протоколот, а потоа во преговарачката рамка каде имаме принципи врз кои се водат преговорите да ги избришат членовите каде се годишните прегледи и делот каде се повикуваат на протоколот на првата меѓувладина конференција. Нека ги избришат ако ова обезбедува европска иднина, еве нека ги тргнат овие четири точки. Нека останат Копенхагеншките критериуми како за сите земји“ рече Мицкоски по средбата на 3 јули

Back to top button
Close