Политика на одговорност и Ковид-19
Корона вирусот е во воздухот…… но исто така е и нешто друго. Една возбуда која зуи наоколу, чудна радост, ослободување од репресираниот нагон, цивилизациските стеги. Никој не покажува никакви знаци на страв или анксиозност. Спротивно. Луѓето, всушност уживаат. Се забавуваат. Распашани по улиците, низ трговските центри и излетничките места, ентузијастички разговори и насмевки, празнично чувство на заедница. Македонците повторно добија можност да се ангажираат во нивниот омилен ритуал: да одат против себе. Исправени (со крената глава и изваден нос) тие се над сето ова: маски и растојанија. Не веруваат никому, знаат дека светот е една голема илузија…. „Македонија вечна“ може да умира до вечноста и назад.
И така, во екот на пандемија, одиме наоколу и заразуваме, не применувајќи ниту една мерка која има за цел да спаси животи, додека стотици луѓе низ земјата се разболуваат и десетици умираат секој ден. Тоа што овој вирус – кој бара обединет фронт и каде што нашето јавно здравје е онолку силно колку што се најмалку свесните граѓани – доаѓа во момент на комплетна поларизација и наша општа културолошка дегенерација е трагедија. Но, овој момент е она кон што одиме со години. И така, неносењето на маски и недржењето на потребната социјална дистанца изгледаат неразумо и сепак целосно предвидливо.
Вирусот е доведен до „социјална категорија“! (Христо Поп-Дучев). Затоа е опасен, а за македонците и погубен. Тој е во директна корелација со меѓусебните интеракции кои се обликувани од нашата базична способност за проценка и грижа (за сопствениот живот и животот на другите). Во отсуство на било какви државни или социјални рестрикции, основната грижа сега станува прашањето како ние ја разбираме сопствената улога во општеството.
Мнозинството граѓани отсекогаш ја перцепирало својата слобода како неограничена и непроверена дозвола да прави што сака, а не независност дефинирана и ограничена од граѓанското општество. И покрај доминантниот наратив за колективните слободи (на македонците од албанците и од светот, на албанците од македонците), огромното мнозинство не успеа да развие правилен сентимент кон слободата како човеково право, кон индивидуалната слобода која е длабоко врзана за смислата на одговорност.
Ова е фронтот каде се води не само културната војна околу одлуките и препораките на владата за карантин, само-изолација, дистанцирање и маски, туку и сите македонските културни војни (од непочитување на закони, сообраќајни и еколошки правила, подривање/уривање на правните реформи и воопшто на сите демократски реформи, до десетгодишното толерирање на груевизмот, па дури и личен процут во целиот тој авторитарен хаос).
И не е едноставно нашето разбирање на „слободата“ она што недостасува. Реториката на слобода и нејзиното типчно разбирање тука е код за етичка негрижа, како и политичка и социјална доминација. Слободата отсекогаш функционирала како стратешки апсект на напорите на десницата да се уништат движењата на социјалната и економска правда, особено преку мамката на ксенофобичната реторика. Тоа го објаснува парадоксот зошто „непокорните македонци“ и нивната академија можат самовдахновено да битисуваат во диктатура, а да се повикуваат на Агабмен и Фуко (Логор, Паноптикон) во борбата против воспоставувањето на демократија.
Во моментов „слободата“ е дополнителен штит на вмровците, кои ја извикуваат како „оган“ во театар. И, како хаосот на пожарот, таа е тактички користена за да поттикне недоверба на јавноста кон власта. Треба да се запрашаме зошто некои граѓани толку бесно се спротиставуваат на одлуките за носење маски и држење дистанца, и зошто веруваат дека овие одлуки, кои имаат за цел да го заштитат не само нивното здравје, туку и здравјето на сите граѓани, се толку длабоко угнетувачки. Постои запрепастувачка разлика помеѓу слободата да заразиш (и да се заразиш) и слободата од заразување. Да бидеме јасни, пораката тука не е „дај ми слобода или дај ми смрт“ (и целата таа иконографија на „камата и пиштолот“), таа е „дај ми слобода, и исто така и малку смрт“. Дури и кога е приморан да носи маска, со својот изваден нос македонецот продолжува да ја опипува својата слобода (а и својата смрт).
Во вакви околности, нашиот секојдневен контакт станува екстремно опасен, мачен и проткаен со микроагресија. Провалата на насилство во секојдневните разминувања со распашаните непокорни македонци (кои се премногу умни за да паднат на светските заговори или владините интриги) нѐ остава беспомошни, особено кога дел од владата ги наградува за тој непокор. Повеќе нема потреба од крвави упади во Собранието. Македонецот сега убива со својата индиферентност (и со својот изваден нос).
Без сомнеж, не е нашата топлина, блискот или дружељубивост тоа поради кое сега страдаме. „Блискоста“ тука ја покажуваме како отустство на субјективитет (и себе-почитување). Без потреба за личен простор, како и чуство за оној на другиот, македонецот е секогаш некаде впикан или настојува да се впика или провре. На некоја позиција, во некој управен одбор, во друга сообраќајна лента, на шалтер, на каса, со зградата/станот во нечиј личен или јавен хабитат, со возилото во просторот на пешаците……. Тешко дека оној кој без проблем се проврува низ дупчињата на искасапениот јавен простор, ниту реагира на државно-партиското узурпирање на неговиот личен простор и приватност (масовно прислушување, узурпирање на личниот хабитат со криминални урбанистички планови, упад во автономијата на професорите, итн.) ќе биде дополнително чуствителен кон одржувањето на безбедна дистанца од другите. Особено од нешто во што и не верува.
Па така, оваа наша состојба е едноставно производ на извитопереното разбирање на слободата кое уредно се поклопува во поголемата стратегија на вмро, чии министри и Уставен суд изминатите месеци жестоко ги оспоруваат обидите на здравствените власти да применат било какви ограничувања на индивидуалното однесување или мобилност во лицето на Ковид-19 пандемијата. Пандемијата бара ограничувања, гранични контроли и надгледување. Таа нуди популарност на секоја влада која ситуацијата ја има под контрола. Сепак, во негодувањата против „санитарната диктатура“ на државата, вмровците заедно со анти-ваксерите се мобилизираат околу одбраната на личните и телесните слободи или „личниот суверенитет“ (на пример за вмровските New Age докторки здравата храна и здравата психа на луѓето во моментов се далеку поважни од маските и мерките на социјално дистанцирање).
Зошто нашите „суверенисти“ ја отфрлаат „државната сувереност“?
Ова е важно политичко поместување (од колективот кон индивидуата како место на заштита и барање на права) кое може да се забележи во овој Ковид момент, кога токму добросостојбата на колективното „ние“ е она кое е доведено во прашање. Иако на прв поглед неконзистентна со самопозиционирањето на ВМРО како чувар на националното „ние“, ваквата позиција на авторитарните, анти-мигрантски националисти е само навидум нова. Колективната „народна“ солидарност, како што тие си ја замислуваат, отсекогаш била лимитирана, ексклузивна солидарност, заснована на шовинизам врз благосостојбата и нативизам кој ветува надеж и емпатија само во рамките на групата на слични. Во нивните барања за признавање и права, тие секогаш се обраќаат до – или се жалат на – ексклузивна заедница, ограничувајќи кој заслужува грижа, заштита и нега; кој треба и кој не треба да го има правото да го побарува националниот простор на колективни права.
Уште повеќе, иако вмровските форми на афективна мобилизација експлицитно се повикуваат на „силна“ држава и „силни“ права (исправена Македонија, права за Македонците), тие секогаш биле цврсто дел од – и производ на- неолибералната држава (онаа која ќе му пркоси на ЕУ, но ќе му биде продадена како ствар на Субрата Рој) и нео-либералните концепции на граѓанство (индивидуализирано, претприемачко граѓанство, втурнато во нефер натпревар и несигурност). Во оваа смисла експлицитното отфрлање на повиците за практикување на одговорност и поместувањето од народен кон личен суверенитет се едноставно еволуција на постоечката политичка логика која ја управува крајната и популистичка десница, но исто така и Европската политика пошироко. Правото да се грижи единствено за себе си; правото да се биде селективно одговорен, правото на „лоши“ емоции – тие се сите аспекти на неолибералната афективна економија.
Без оглед дали ја замислуваме раката на „глобалистичките елити“ или на „големите фармацевтски куќи“ позади државните контроли нужни во конфронтирањето со пандемијата, нашето мнозинство се согласува по тоа што треба да биде направено: Да се земе назад (насилно ако треба) контролата над нечие сопствено и простор, со тоа негирајќи им го на другите. А кога стилот на инфо-војните ќе се спои со вмровската реторика, резултатот е израмнување на сите аргументи на науката и политиката во поедноставена битка меѓу патриоти и тирани. Тогаш општото непочитување на мерките на владата за индивидуална одговорност на одржување дистанца и носење на маски може да процвета дури и во „национален наратив“, а негирањето на јавното здравство како колективно добро – во „борба за човековите права“.
Но, јазикот на правата и слободите е важен, за да се остави да гние или да се злоупотребува во таквата реторика. Наместо недискриминирачки да се вришти „слобода“ за да се брани нечие претпоставено право да повредува, штети или убива, слободата ќе мора да се разбере и применува како слобода на сите граѓани. Слободата како тип на слобода која нѐ држи одговорни за добросостојбата на другите.
Нашето право на здравје, но исто така правата на слобода, слобода на движење, образование, информација, храна и живеалиште…се сите доведени во прашање. Како што владите носат исклучувачки патни и гранични политики, некои од овие права може да се загрозени и владата треба да направи баланс помеѓу заштитата на здравјето и почитувањето на човековите права. Ваквото балансирање е во основата, а не на маргините на човековите права. Клучните меѓународни акти за правата на човекот зборуваат за ограничување на правата заради „почитување на правата и слободите на другите“, за нашите „обврски кон заедницата“ односно политика на одговорност која акцентира дека полната реализација на нашите човекови права е колективен напор.
Со цел секој да ги ужива овие права, сите актери општествено поврзани со овој проблем и способни да дејствуваат, мора да практикуваат одговорности кои не се секогаш добро дефинирани. За да го заштитиме нашето колективно право на здравје, ние можеби ќе мораме да признаеме дека имаме право на слобода на движење, но исто така и одговорност да не патуваме во определени околности; право на образование, но и одговорност да прифатиме дека може да биде суспендирано привремено или обезбедено онлајн. Во овој контекст, една од одговорностите, одговорноста да се гласа, станува уште поважна. Опасносите од ВМРО непријателски настроена кон науката и фактите не може да биде поочигледна отколку сега, во случај на вистинска меѓународна криза, кога вмровските опструкции се буквално прашање на живот и смрт.
И она што е најважно е дека ние не ги практикуваме своите одговорности на изолиран начин, туку во координација со институциите и социјалната поврзаност со другите, дури и кога ја обезбедуваме „социјалната дистанца“ (два метри) неопходна да се ограничи пренесувањето на заразата. Држењето на социјалната дистанца во моментов е најголемиот показател на грижата за другиот, на социјалната кохезија. Тоа е она што во овие услови би значело „да се помогне“. Така се случува бивствувањето заедно: благодарејќи на тој слободен простор кој го одржуваме едни за други. Потврдување на слободна, еднаква, братска, праведна егзистенција.
Промените во идеите или институциите е поверојатно да се случат во пресрет на криза. Оваа криза не смее де отиде залудно. Новата влада, ослободена од натрапникот, по изборите ќе мора да направи нов напор за структурна трансформација. Далекусежниот пристап на правата и одговорностите сугерира дека нам ни се потребни добро координирани национални одговори. Повеќе и подобро управување е неопходно за решавање на ковид-19 кризата и економската рецесија која ќе изникне од неа.
Краткорочните приоритети се јасни уште од почетокот на кризата. Најочигледно, здравствената ургентност мора да се адресира (како што е со обезбедување соодветни резерви на лична заштитна опрема и болнички капацитети, но и „принудување на совесно граѓанство“ со строга контрола на почитувањето на мерките за маски и социјална дистанца), затоа што не може да има економско закрепнување сè додека вирусот се шири. Во исто време, политиките за заштита на оние на кои им е најпотребно, обезбедувањето ликвидност и одржувањето на врски меѓу работниците и нивните фирми се од суштинско значење за да се обезбеди брзо рестартирање кога ќе дојде време. Но, дури и со овие очигледни есенцијалности на агендата, ќе има тешки избори. Она што е важно е тие да се направат според анализите на крајно едуцираните економисти кои бараат правична економска дистрибуција, а не олигарсите и нивната „бизнис култура“. Во меѓувреме, владата ќе треба да продолжи да влегува во помош на индивидуите и малите бизниси да останат во живот, а не да се претвори во платформа за дообогатување на олигарсите.
Она што притоа мора да остане константа, и на краток и на долг рок се демократските реформи како изнесување на криминалот пред лицето на правдата и она што е темел на таа култура/способност за негување на јавно добро – а тоа е образованието.
По падот на гуевизмот образованието можеби е тргнато од строгата партиска контрола, но е оставено да гние одвнатре, со негово дополнително „пазарно“ расклопување. Ваквата економска редукција на знаењето е посебно погубна за општествените науки кои се комплетно поклопени како однадвор, така и одвнатре со наводно „поупотребливи“ области (бизнис права, приватни арбитражи, итн. … за сметка на јавноправните дисциплини, како и теориите и филозофиите на правото и на човековите права). Она што тука систематски се промовира е незаинтересираност за јавното добро, како и гледање на слободата, правдата и демократијата како товар, ако не и патологија. Нашите невладини асоцијации и културни јадра не можат да бидат толку просветителски колку што одредени факултети можат да бидат анти-интелектуални. Тешко дека овој субјект, производ на нашиот Универзитет ќе може да препознае диктатура, или одново да ја пронајде слободата и правдата. Тој можеби ќе влезе на пазарот на труд, во бруталната репродукција на моќта (или евентуално ќе профитира од неа), но тешко дека ќе ги предводи новите модели на општествена интеракција и работна етика.
Па така, третирањето на школите како демократски јавни сфери и Универзитетот како јавно добро и центар на критичкото мислење и учење мора да се разбере како составен дел од реформите за повторно воспоставување на демократија.
Наместо „неможното“ да им се остава на нашите ретки културни „Јадра“, власта ќе мора одново да застане во одбрана на јавното добро, јавните вредности и пространото поимање на слободата. КОВИД -19 може да донесе можности за политика на одговорност и за слободата како одговорност, до критичко образование како темел за сето тоа.
Eлена Михајлова Стратилати