Политика: Тема во Вашингтон меѓу Белград и Приштина е економско и инфраструктурно поврзување
– На агендата на состанокот на претставниците на Белград и Приштина, што ќе се одржи на 4 септември во Вашингтон, ќе биде економското поврзување, отстранување на трговските бариери и инфраструктурни проекти во вредност од стотици милиони евра, објави денеска „Политика“.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, Политика посочува дека постои можност на крајот на дијалогот меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Авдулах Хоти, со посредство на Ричард Гренел, да биде потпишано писмо за намери „кое би можело да постави цврста основа за континуиран дијалог“.
– Тој договор ќе биде чекор кон создавање на економска унија и ќе претставува продолжение на иницијативата „Мал Шенген“, чија основна идеја е создавање регионална економска зона, која беше договорена во рамките на Берлинскиот процес“, објави „Политика“.
Средбата меѓу Вучиќ и Хоти ќе се одржи на 4 септември во Вашингтон, потврди Џон Улиот, портпарол на Советот за национална безбедност на САД. Тој потсети дека разговорите биле закажани за 2 септември и изјави дека се одложени за два дена подоцна поради „распоредот“.
Медиумите во Косово во петокот објавија дека средбата меѓу Хоти и Вучиќ во Белата куќа може да биде одложена, а како причина ја наведоа можноста да присуствува и американскиот претседател Доналд Трамп. Претседателот на Србија, Александар Вучиќ потврди дека состанокот во Белата куќа е одложен за 3 или 4 септември.
Портпаролот на Советот за национална безбедност на САД, во пресрет на средбата изјави дека САД со нетрпение ги очекуваат овие важни разговори со Вучиќ и Хоти.
– Веруваме дека напредокот во економските прашања, вклучително и отворањето на работни места и забрзување на економскиот раст е првиот чекор во унапредување на мировниот процес“, кажа Улиот.