Политикантска мимикрија

Ако во ова предизборие за миг ја тргнете на страна културата како владин ресор, па ѕирнете што и како се случува на поширок „културен“ план и (ин)директно поврзано со партиите, кандидатите, нивните ставови и однесување во најшироката смисла на зборот, некултурата (повторно) ве удира директно в лице, со тупаница или со шамар, сеедно. И боли, тоа боли. Не дека и досега не сме имале „валкани“ и некултурни избори – имало и крвави, да не се повтори! – со ниски и непримерени потпојасни директи филувани со „бомбастични“ аудио материјали… ама наместо македонската (изборна) „демократија“ да зрее, таа упорно се држи до старите нецивилизрани навики. Од идиотски спотови до неартикулирани говори, од непристојност и невоспитаност до хистерични обраќања, од глупост до тотална необразованост… се’ се тоа дневни примери на „културата“ на идниот македонски застапник на народот во неговата највисока законодавна институција – Собранието на СРМ!

Крајната некултура и дури вулгарно извртување на тезите, апсолутно неочекувани од одреден профил кандидати токму заради нивниот „интелектуален“ бекграунд, просто фрапира со неискреноста и лажниот морал. Зашто како, на пример, со кои аргументи ја убедувате јавноста дека сте независен кандидат кога сте на чело на листата на една (во суштина злосторничка) политичка опција? А згора, речиси вчера сте биле и нејзин кандидат за претседател на државата? Која и каква е таа култура, политичка култура, политички/човечки морал како модел за пратеник? Како можете да се гледате себеси како независна, или како нешто целосно одделено од криминалната банда што седи/стои околу вас, чекори со вас низ сите спотови, седите со нив на оние опскурно „мистични“ брифинзи… Тоа, најблаго речено, е минхаузеновски синдром, фрлање песок в очи на гласачкото тело, потценување на неговата интелигенција, политикантска мимикрија којашто, се надевам, не може да ги прелаже гласачите во Изборната единица 1.

За злосторничково здружение кое глуми политичка партија е безмалу јасно зошто му требаат (и) такви кандидати. Ама, што нивните црнила, нивната некултура и манипулативност можат да му пружат на нормален (возрасен) човек како нивен кандидат? Што, освен – лукративна „понуда на животот“? Патриотизам, европеизација, демократски слободи, право и правда, култура, образование, наука… ? Па малку години ли ги гледавме на дело, што (повторно) повеќе говори за кандидатот отколку за „партијата“?! Следствено, низ обидот да се дистанцирате од таа и таква политичка опција којашто де факто ве кандидирала за носител на нивна листа заглавувате се’ повеќе и повеќе и луѓето/гласачите целосно (и со право) ве идентификуваат како припадник на таа опција, како кримоген елемент кој се дружи и ги поддржува на себе (политички) еднаквите. И, се разбира, тоа не може долго да се крие, заробениот ум секогаш излегува на површина по еден или друг повод.

Како типично културна тема – иако и со поширок опфат – е и обидот на оваа кандидатка на злосторничкото здружение за нејзино оградување дури и од она кичерско „Скопје 2014“. Таа, едноставно, као одбива да биде иднетификувана со нешто во што самата не учествувала. Иако, за воља на вистината, не се сеќаваме на некаков нејзин негативен коментар во однос на овој идиотски „проект“. Ама, вистинските мисли и чувства човек тешко ги сокрива, за што деновиве во јавноста се обзнани една особено илустративна нејзина ФБ „преписка“ со градоначалникот на Скопје Шилегов, а каде „госпожата“ славодобитно ги набројува „успесите“ токму на малоумното груевистичко „Скопје 2014“, и тоа: „Сега Петре имаме најсовремена и нова филхармонија и реновирана Македонска опера и балет (каде патем организиравте многу настани). Не се сеќавам дека ја прекоривте и министерката Шеќеринска за прославата во прекрасниот македонски народен театар. Таму се Петре и Музејот на македонската борба, Археолошкиот музеј, Музејот на жртвите од холокаустот итн…

Би било добро да ги посетите некогаш, секако, ако тоа не значи дека ќе страда боемскиот живот. На плоштадот Филип Втори, Петре, можеш да слушнеш секакви гласови и детски џагор. Македонски, албански, турски, ромски … Се сеќаваме на годините кога беше страв и трепет ноќе некој да помине преку Камен мост.
Таму се и многу институции, меѓу кои и узурпираните Уставен суд, Јавно обвинителство, МНР и други“.[1]

И немам јас дилеми дека и едно чудо други самопрогласени интелектуалци се идентификуваат со овој кич, се сликаат пред него и им испраќаат фотографии на колеги во странство неразбирајќи ја сопствената простотија и глупост, немам дилеми дека многумина тоа сакаат дури да го сведат и на дискусија за „вкус“ за којшто, нели, не се расправа. Ама „Скопје 2014“ не е и не може да биде тоа, а „слободоумнава“ идна пратеничка се самооткрива како уште една во низата фалсификат интелектуалци, заробени умови, ситни провинциски ликови кои едноставно не можат да избегаат од себеси. Згора на се’, тоа „Скопје 2014“ со коешто се фали ама после не сака да ја поистоветуваат со него е најголемата криминална, историска, идентитетска, културна и уметничка измама во оваа држава во целата нејзина современа историја. И тоа осмислена и реализирана токму од нејзините политички ментори – злосторничкото здружение коешто стои зад сите нејзини кандидатури. Оттука, во Македонија и во вемерото ништо не е и не може да биде случајно! И нашиот проблем се токму таквите луѓе со заробени умови – а ги имаме премноги во сите политички табори – кои нивната простотија, нивниот подпросек го креваат на државно рамниште. Најчесто успешно, за жал.

[1] Силјановска Давкова: Петре, не можете да го избелите тоа што претходната власт го изградила, АКО, 4 јули 2020

Златко Теодосиевски

Back to top button
Close