Политиката на трудничкиот стил на Ријана

Кога ќе се вкрстат правото да имаш контрола врз сопственото тело и правото да се облекуваш онака како што сакаш.

Откако во јануари објави на Инстаграм дека е бремена, со уметнички исценирана папараци фотографија на која се шета со нејзиниот партнер, ASAP Rocky, трудничкиот стил на Ријана стана главна тема на разговор и тоа не поради она што го носи, туку она што не го носи на себе.

Ријана не облече ниту еден вреќест труднички фустан ниту пак фармерки за трудници. Всушност, таа речиси и да не носи ништо.

Наместо тоа, го разголува својот труднички стомак во секоја можна прилика: во зелен топ со реси и омбре панталони на настанот за убавина на Fenty; со градник, проѕирен син топ откопчан над нејзиното трудничко стомаче и сиви фармерки со низок струк на Super Bowl; во црни панталони со извезени змејови, винил топ и кристален превез за коса на ревијата на Гучи; во проѕирен Диор фустан над чипкаст градник и гаќички; и, неодамна, во проѕирна синтетичка Валентино ролка, топ и здолниште со монисти на афтер забавата на Џеј Зи за Оскарите.

Навистина не постоел ваков призор во аналите на јавната бременост! Со право збеснаа сите сајтови за славни личности. „Ријана продолжува да се облекува најсекси помеѓу трудниците“, напиша HighSnobiety. „Ријана успеа сама да го ребрендира трудничкиот стил“, се одважи Glamour UK.

Се разбира дека се во право. Но стилските избори се само дел од приказната. Постојано облечена со намера да го соочи светот со физичката реалност на нејзината бременост, Ријана не праќа само современа модна порака. Таа праќа „целосно трансгресивна и ултра политичка порака“, вели Лиза Цалики (Liza Tsaliki), професорка по медиумски студии и популарна култура на Националниот и Каподистрискиот универзитет во Атина во Грција.

Овој современ феномен ги вклучува: (1) културата на славните личности, која сè повеќе ги обликува нашите потрошувачки навики и однесувања; (2) она што Цалики го нарекува „естетизирање на телото и набљудување на струкот на жените“; и (3) современите политики.

Затоа трудничката модна приказна на Ријана оди подалеку од она „да изгледаш исто како твојот идол“. Ова се случува во време кога „многу луѓе од екстремната, па дури и главнотековната десница промовираат политики кои ја оспоруваат автономијата на жените и лицата кои се идентификуваат како жени врз нивните тела, животи и капацитетот за одлучување“, вели Renée Ann Cramer, авторка на „Бремени со ѕвездите: гледајќи го и посакувајќи го бебешкото стомаче на славните“.

Со тоа што го покажува својот труднички стомак и се облекува сосема различно од традиционалната трудничка облека, Ријана создава една сосема спротивна реалност. „Таа вели: Јас сум пред сè личност и тоа моја личност“, абележува Крамер, односно дека таа може да биде „независна, моќна и онаква каква што е, дури и во бременоста“. Таа го поврзува правото да се облекувате онака како што сакате со други, уставни права што е прилично радикален потег.

Со векови наназад, бременото тело се славело, се цензурирало, било криено и сметано за проблематично. Во античко време, бременоста била почитувана и изложувана. Ја сметале за физичка манифестација на поврзаноста на жените со мајката земја. Во средниот век, под влијание на средновековното христијанство, бременоста станала нешто срамно, состојба која повеќе не била поврзувана со светото, туку со профаното, вулгарното.

Бременоста станала симбол за нашите ниски страсти и за женската нестабилност и недостаток на контрола. Нешто што било најдобро да се чува зад затворени врати и слоеви облека. Барем додека не се појави детето и жената не се претвори во олицетворение на чиста мајчинска несебичност.

Оваа еволуција беше разоткриена во „Приказ на бременоста“ (Portraying Pregnancy), изложба од 2020 година, поставена во музејот Foundling во Лондон. Поставките покажаа како, од 16 век па наваму, „реакцијата и односот кон вознемирувачкиот физички потсетник за смртноста и сексуалноста кој го претставуваат бремените тела се менувале“. Барем така напиша Helen Charman во нејзиниот осврт кон изложбата во меѓународниот уметнички магазин Apollo.

Како што вели таа, изложбата покажува како сликите и другите уметнички форми мигрирале од првичното прикажување на бремените тела „како своевидно афирмирање на патерналистичките структури на наследство и моќ“, преправањето дека бремените тела воопшто не постојат, сè до ставањето на бременоста во центарот на самото дело како една крајно идеализирана состојба.

Во 1952 година, Лусил Бол забремени за време на снимањето на „Ја сакам Луси“ и ги принуди нејзините продуценти да ја додадат во сценариото и да ја прикажат на малите екрани нејзината „состојба-невозможна-за-игнорирање“ (иако сè уште не смееле да го користат зборот „бремена“ на телевизија). Овој историски настан беше неодамна прикажан во филмот „Being the Ricardos“.

Од тој момент на сила стапуваат вреќестите фустани за трудници. Можеби се сеќавате на разбрануваните слоести труднички фустани на принцезата Дијана на почетокот и средината на 80-тите. Сè додека Деми Мур не го шокираше светот позирајќи гола во поодминат стадиум од бременоста за насловната страница на Vanity Fair во 1991 година, свечно отварајќи ја ерата на уметнички портрети на бремени жени.

Тој период се протегаше преку дузина корици со разголени труднички стомаци – Синди Крафорд, гола и бремена за W; Бритни Спирс, гола и бремена за Harper’s Bazaar во 2006 година; и Серена Вилијамс, гола и бремена за Vanity Fair во 2017 година. Оваа фаза го достигна својот врв со фотосесијата на Бијонсе во 2017 година со која таа објави дека е бремена со близнаци, серија тешко едитирани фотографии со уметнички референци како Венера на Ботичели и ренесансна Мадона.

Како што бременото тело почна да биде валоризирано за својот животворен потенцијал, така сè повеќе почна да станува „место на безбедна транзгресија“, вели Крамер. Според неа, бременоста стана еден од ретките случаеви кога жените можат „безбедно да нарушат некои норми“.

Иако изгледаат прогресивни, сепак, како што напиша Charman во Apollo за таквите слики, тие сепак „ги следат блескавите конвенции“.

Тоа не е случајот со Ријана, која го претвори соочувањето со нејзината бременост во секојдневна работа за неа. Или уште подобро, за нас. „Ја очекував нејзината објава“, вели Крамер – можеби и неколку други, внимателно искалкулирани појави и фотографии. „Но таа одбива да ја скрие бременоста“.

Иако е можно да се работи за несвесен избор – можеби нејзината кожа е толку чувствителна што не ѝ годи да има нешто врз нејзиниот стомак – Ријана има историја на свесно користење на сопствениот изглед и профил за преиспитување на постоечките предрасуди и социјалните конвенции за женската автономност и убавина. Најдобар пример за тоа е нејзиниот бренд за долна облека, Savage X Fenty, моментално проценет на околу 3 милијарди долари.

Навистина, би можеле да кажеме дека нејзиниот сегашен пристап беше наговестен од нејзиниот избор да ја вклучи Slick Woods, во деветтиот месец од бременоста, како модел на нејзиното прво шоу на Savage X Fenty во 2018 година, носејќи само лепенки на брадавиците и чипкаста долна облека. Вудс се породи веднаш по ревијата, а подоцна објави: „Тука сум за да кажам дека МОЖАМ ДА ПРАВАМ ШТО САКАМ КОГА САКАМ А МОЖЕШ И ТИ“. (Плус минус некој збор што не може да се испечати во овој весник.)

Сменете го датумот и оваа изјава лесно би можела да биде мотото позади трудничката облека на Ријана. Најпосле, самата таа својот труднички стил го нарече „бунтовнички“.

Сега, останува прашањето дали „јавното славење на телесната автономност преку бременоста може да направи разлика?“, вели Крамер. Може ли „изведбата на оснажена бременост од страна на богата жена на врвот на нејзината игра да се филтрира“ за да направи промена во начинот на кој се перципира бременоста воопшто?

Ако е можно, тогаш Ријана ќе направи многу повеќе од тоа да смени како се облекуваат трудниците. Таа ќе издејствува врз тоа како размислуваме за правата на жените. Бремени или не.

превод: МЕДУЗА

Back to top button
Close