Политики на ранливост

ПОЛИТИКИ НА ОСЦИЛАЦИЈА: КОНЗЕРВАТИВНОТО И ПРОГРЕСИВНОТО НЕ СЕ ИДЕНТИТЕТИ

Јелисавета Благојевиќ

Постои нешто заморно во тоа што и понатаму зборуваме за „конзервативни“ и „прогресивни“ луѓе, како да се тоа две цврсти политички структури, јасно ограничени, јасно одвоени, врежани во нас како крвна група. Како сè уште да постојат два уредно формирани табора, две страни на светот што се судираат преку една непрекината линија. Како секој од нас засекогаш да може да се смести лево или десно, напредно или назадно, револуционерно или реакционерно. Се чини дека тој јазик повеќе не функционира. Луѓето не живеат како политички етикети. И никогаш не живееле така. Наместо идентитети, постојат начини на кои се снаоѓаме во светот. Начини на кои реагираме кога нешто нè загрозува. Начини на кои го поднесуваме притисокот, начини на кои се извлекуваме од тешки ситуации, начини на кои се браниме, се отвораме, се повлекуваме, се изложуваме. Во таа смисла, „конзервативно“ и „прогресивно“ не се однесуваат на тоа кои сме – тоа се начини на кои се справуваме со свет што е премногу нестабилен, премногу напорен, премногу контрадикторен.

Политичкото не започнува од идеологија. Започнува многу подлабоко — во телото, во чувството на загрозеност, во немирот, во лутината, во немоќта, во желбата работите да се поместат или конечно да се смират. Пред да имаме мислење, имаме релација. Односот му претходи на мислењето: пред да почнеме да мислиме, ние веќе сме во некаков однос. Во односи. Затоа, она што се нарекува конзервативно често значи дека, на пример, сакаме да го сочуваме она без кое би се распаднале. Тоа не е само носталгија по минатите времиња, туку чувство дека одредени обрасци, ритуали, начини на живот — иако се несовршени — сè уште чуваат минимум смисла и минимум стабилност.

А она што се нарекува прогресивно често започнува на сосема спротивно место, имено, кога сè станува неподносливо. Постои момент кога постојниот поредок станува неиздржлив. Кога ограничува, гуши, заморува, исцрпува, исклучува или едноставно повеќе не овозможува живот. Тогаш се појавува импулсот за промена, не затоа што новото секогаш е подобро, туку затоа што постојното станува неподносливо.

Најважно е дека двата импулси — и конзервативниот и прогресивниот — можат да се појават кај истата личност, во истиот живот, понекогаш и во истиот ден. Нема доследност во таа динамика. И тоа не е знак на политичка нестабилност, туку знак на човечност. Човекот може жестоко да брани една форма на живот, а истовремено да посакува радикална промена на некоја друга. Може да го чува она што го смета за драгоцено и да го руши она што го смета за неправедно. Во тоа нема никаква контрадикција — контрадикцијата е во нашиот однос кон светот, а не само во самите луѓе.

Ранливоста е местото на кое овие два политички импулса најјасно се гледаат. Кога ранливоста ја чувствуваме како закана, стануваме дефанзивни, се затвораме, го зацврстуваме она што останало и настојуваме да ја минимизираме загубата. Кога, напротив, ранливоста ја гледаме како заедничка, како нешто што нè поврзува со другите, тогаш се отвора простор за промена, за споделување на ризикот, за преуредување на постојните односи. Двата одговора се легитимни, но и двата стануваат проблем кога ќе се претворат во апсолутна позиција – апсолутната одбрана станува агресија, апсолутната промена станува насилство врз она што на луѓето им значи потпора.

Луѓето не постојат едни покрај други, туку едни со други, едни за други. Нашите односи им претходат на политичките идеологии. Од нив израснуваат понатамошните разлики. Во тие односи се појавуваат два основни геста: едниот се обидува да ја зачува препознатливоста, континуитетот, кревките структури во кои се чувствуваме како дома ( chez moi значи, буквално, „кај мене“, но значи и „во мојата куќа“, како и на српски, впрочем: се вели „одиме кај мене“); другиот се обидува да отвори простор во кој е можно поинакво заедништво — заедништво на оние што немаат заедница. Вториот е она што внесува пукнатина во секоја форма на заедништво, она што спречува заедницата да стане затворена, целосна, сигурна во себе, конечна. Вториот е, пред сè, фигура на отвореност, на непознатото, на непредвидливото, на она што нè изместува од „сопствената куќа“ и покажува дека „кај мене“ никогаш не е само мое.

Овие два геста не им припаѓаат на „две страни“, туку постојано циркулираат низ секој однос, низ секоја врска, низ секоја заедница.
Денес живееме во општество што е течно, нестабилно, непредвидливо. Старите потпори се распукани — стабилна работа, јасни улоги, предвидливи институции, општествени договори кои некогаш беа барем минимално одржливи. Затоа луѓето истовремено сакаат сигурност и промена, континуитет и слобода, заштита и отвореност. Тоа не е доказ дека луѓето се недоследни. Тоа е доказ дека светот не дозволува едноставен живот.

Политичките идентитети, како „јас сум прогресивна“ или „јас сум конзервативна“, служат само за да ја камуфлираат таа сложеност. Кога ќе поверуваме дека сме едно засекогаш, престануваме да ги забележуваме сопствените внатрешни крстосници. Етичката димензија на оваа ситуација е уште подлабока. Луѓето не донесуваат одлуки исклучиво во согласност со своите интереси или идеологија. Понекогаш постапуваме од одговорност кон другиот, кон нешто кревко што не сакаме да го изгубиме. Понекогаш реагираме затоа што чувствуваме дека нешто повеќе не е подносливо. Оттука, конзервативното може да биде гест на грижа, а прогресивното гест на правда. А најчесто двата геста се истовремено присутни, како два барања меѓу кои нема лесен избор.

Во тој контекст станува јасно дека политиката не може да биде заснована врз стабилни идентитети. Она што нè придвижува е осцилацијата, движењето меѓу заштитата или имунизацијата и промената, меѓу (за)чувувањето и преобразбата, меѓу она што е незаменливо и она што е неподносливо. Тоа движење не е слабост, ниту пак е знак на неодлучност. Тоа е единствениот начин да бидеме одговорни кон свет кој самиот по себе не е еднозначен. Затоа прашањето „дали си конзервативен или прогресивен?“ денес е погрешно прашање. Вистинското прашање гласи: што сакаш да заштитиш, да зачуваш, да конзервираш и зошто? Што сакаш да промениш и зошто? Што сметаш дека е неподносливо, а што незаменливо? Каква одговорност чувствуваш кон другите? Тоа се прашања кои не ги сведуваат луѓето на етикети, туку го откриваат начинот на кој се движат низ светот.

Можеби токму таа промена на перспективата ни недостига најмногу — политика која повеќе не бара да се откажеме од сопствените внатрешни контрадикции, туку да научиме да ги промислиме, да ги разбираме и да ги преведуваме во заеднички живот. Конзервирањето и менувањето не се идентитети; тие се начини на постоење. И дури кога тоа ќе го прифатиме, политичкиот разговор повторно може да стане можен.

Извор: Време

Превод: Лени Фрчкоска

Back to top button
Close