Политиките на Трамп ќе помогнат да се скроти инфлацијата, вели идниот министер за финансии на САД

Политиките на идниот американски претседател Доналд Трамп ќе помогнат да се скроти инфлацијата до посакуваните нивоа и да се зголемат приходите на работниците, најави Скот Бесант, номиниран за иден министер за финансии на САД.

„Мислам дека реалните плати ќе се зголемат и инфлацијата ќе падне до посакуваното ниво на ФЕД од 2 отсто, како што беше за време на првиот мандат на претседателот Трамп“, изјави Бесант пред Комитетот за финансии на американскиот Сенат. На прашањето дали некоја од планираните политики ќе доведе до зголемена потрошувачка на домаќинствата, тој одговори дека „не може да се сети на ниту една“.

Бесант, исто така, рече дека воведувањето царини за јаглерод треба да биде дел од промените во американската царинска политика. Според него, преостанатите планирани царински тарифи треба да се искористат за „елиминирање на нелојалната трговска практика и зголемување на приходите во државната каса“.

Бесант нагласи дека Бордот на Федералните резерви мора да ја задржи својата независност во донесувањето на одлуките за монетарната политика.

Идниот министер за финансии на САД изрази поддршка за продлабочување на санкциите против руските производители на нафта. Според неговите зборови, ограничувањата и забраните наметнати од администрацијата на Бајден „не се доволно ефективни“.

Back to top button
Close