Политико: Бугарија ја разгледува можноста да побара изземање од американските санкции за „Лукоил“

Бугарија ја разгледува можноста да побара изземање од новите американски санкции против „Лукоил“, најголемата приватна нафтена компанија во Русија, бидејќи се плаши дека мерките ќе предизвикаат голем недостиг на гориво низ целата земја и протести што би можеле да доведат на власт проруски политичари, објави денеска Политико, повикувајќи се на два извори.

Изворите наведуваат дека бугарската Влада побарала од Вашингтон објаснување како може да добие одложување на санкциите што ќе стапат на сила на 21 ноември.

Бугарија смета дека таквата ситуација би можела да го забрза падот на владата и да ја зајакне поддршката за претседателот Румен Радев, кого некои го сметаат за проруски политичар и кој јавно ја изнесе идејата за формирање нова партија, според извори цитирани од Политико.

Поранешниот министер за екологија и член на организацијата „Стратешка перспектива“, Јулијан Попов, смета дека владата не е соодветно подготвена и нема план за излез на „Лукоил“ од Бугарија, што би значело дека недостигот на гориво е веројатно сценарио доколку не се најде решение.

Тој наведува дека владата треба да ја преземе оперативната контрола врз рафинеријата, со поддршка на „меѓународен комитет“ од адвокати и експерти.

Меѓутоа, експертите ги доведуваат во прашање тврдењата дека, доколку САД не одобрат ослободување од санкции, Радев ќе се обиде да ја преземе власта.

Американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела објави санкции против двете најголеми руски нафтени компании, „Роснефт“ и „Лукоил“, што поттикна неколку земји од ЕУ каде што работат овие фирми да побараат изземање од санкциите.

Back to top button
Close