Политико: Трамп учествувал на само 12 разузнавачки брифинзи од почетокот на мандатот
Американскиот претседател Доналд Трамп, од јануари кога повторно стапи на функцијата, присуствувал на само 12 разузнавачки брифинзи, познати како „претседателски дневни извештаи“ (ПДЕ), објави американскиот весник „Политико“.
Во споредба со првиот мандат, кога редовно учествуваше на два такви брифинзи неделно, сегашното темпо претставува значително намалување, наведува порталот. Според податоците од страницата Faceba.se, во јануари, февруари и март, Трамп присуствувал на два брифинзи месечно, додека во април и мај фреквенцијата се зголемила на еден неделно.
Некои поранешни разузнавачки функционери изразија загриженост поради намалениот број брифинзи, истакнувајќи дека тие состаноци му овозможуваат на претседателот директен пристап до проценките за глобалните кризи и доверливите информации.
Белата куќа, сепак, тврди дека Трамп редовно добива информации преку комуникација со тимот за национална безбедност.
Портпаролот на Белата куќа, Дејвис Ингли, изјави дека Трамп секојдневно прима доверливи информации и е во постојан контакт со безбедносните функционери. Некои поранешни функционери наведуваат дека Трамп добива информации и надвор од официјалните брифинзи, преку одделни состаноци или директни повици до соработниците.
Си-Ен-Ен претходно објави дека бројот на службеници со пристап до ПДЕ извештаите е намален во однос на првиот мандат. Минатата недела, Трамп го смени советникот за национална безбедност Мајк Волц, кој наводно подолго време имал тензични односи со дел од администрацијата.