Полни амбуланти кај матичните и дежурните пунктови: 152 пациенти за една ноќ во Скопје
Чекалните кај матичните лекари и дежурните амбуланти во Скопје се полни, а во текот на ноќта помош побарале 152 пациенти во шесте дежурни пунктови на Здравствениот дом Скопје. Лекарите велат дека кај помладите преовладуваат симптоми слични на грип и ковид, додека кај повозрасните најчести се проблемите со покачен крвен притисок, пренесе 4news.mk.

Во шесте дежурни пунктови на Здравствениот дом Скопје ноќеска биле прегледани 152 пациенти. Според информациите, најголем дел од нив, односно околу една третина, имале покачен крвен притисок. Околу триесетина пациенти се пожалиле на болки во грлото, а останатите имале главоболки и стомачни тегоби.
Лекарите посочуваат дека чекалните кај матичните лекари се исполнети со пациенти со акутни инфекции, кај кои подоцна се јавуваат и долно респираторни проблеми. Во дел од случаите, терапијата што им била дадена не дала резултати, по што пациентите биле испратени на дополнителни испитувања. Притоа, кај некои од нив бил дијагностициран и ковид.
Докторката Ангица Станоевска вели дека симптоматологијата што се забележува деновиве упатува и на можно присуство на грип.
„Во однос на симптоматологијата, она што се случува во моментот и оваа недела, јас би казала дека возможно е инфлуенцата да ни е тука, односно грипот уште пред вакцините секогаш и така пристигнува нели во оваа сезона, затоа што имаме пациенти кај кои што клиничката слика многу наликува на инфлуенца и на грип“, изјави Станоевска.
Таа додава дека дел од пациентите повторно се упатени на дијагностика и изолација.
„Пративме неколку пациенти повторно нели за дијагностика за изолација, па иве ги чекаме резултатите и ќе видиме што ќе биде понатаму“, рече докторката.
Според неа, ковид и инфлуенца најчесто се регистрираат кај работоспособното население и кај децата на школска возраст.
„Овие со ковид и со инфлуенца се баш она работоспособно население и се дечиња кои што се во школска возраст. Тоа е и очекувана популација, каде што контактите се навистина многу големи и близки“, вели Станоевска. Таа посочи и дека постарата популација засега помалку се јавува во чекалните кога станува збор за инфлуенца.
Како што најави министерот, од среда треба да почне процесот на имунизација. Во државата има 30 илјади вакцини, а до вчера биле пријавени околу 25 илјади лица. Според најавите, приоритет ќе имаат лицата со сериозна здравствена состојба и граѓаните постари од 65 години.






