Половина од водата што влегува во јавните водоводи во земјава се „губи“

 

Во земјава годишно се произведуваат по 456 литри вода по глава на жител, од кои околу 45 проценти или 212 литри се испорачува/фактурира на корисници. Домаќинствата во просек трошат по 156 литри вода, што е над просекот од 123 литри во Европа.

Само во главниот град Скопје, каде според последниот Попис 2021 живеат 28 проценти од вкупното население во земјава, дневно се трошат по 500 литри вода по човек или над 100 олимписки базени со вода. Од нив, околу 60 проценти се загуби, а се фактурираат околу 212 литри.

Во Европа највисока просечна потрошувачка имаат домаќинствата во Италија – по 223 литри по човек на ден, а најмала Малта – по 77 литри по човек на ден.

Во светот, регионите во кои луѓето кои „трошат“ помалку од 40 литри вода на ден се сметаат за „сиромашни со вода“.

Во државата се произведуваат по 456 литри вода по глава на жител, во Европа по 248 литри

Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2021 година во јавниот водовод биле зафатени и преземени 306 259 илјади м3 вода за снабдување, што е за 2,2 проценти помалку во однос на 2020 година.

Од вкупното зафатено количество вода, најмногу вода е од изворските води – 65,6 отсто, а најмалку од езерата – 0,9 проценти.

Вкупното количество испорачана вода од јавен водовод во 2021 година изнесува 142 267 илјади метри кубни, што е за 1,6 проценти повеќе во однос на претходната година.

Интересно е дека додека вкупно испорачаната/фактурирана вода изнесува 212 литри по глава на жител на ден, вкупно произведена вода во земјава по глава на жител во 2021 година е 456,8 литри на ден.

Според структурата на потрошувачката на вода, најголеми потрошувачи биле домаќинствата, кои потрошиле 67,2 проценти од вкупната испорачана вода од јавен водовод или 95 672 илјади метри кубни вода, што значи дека во просек по член на домаќинство во 2021 година се трошеле по 156 литри вода на ден.

Според начинот на снабдување на домаќинствата во земјава со вода за пиење, статистичките податоци покажуваат дека на јавен водовод се приклучени над 91 процент од домаќинствата, а околу шест проценти користат вода од посебен извор (хидрофор, бунар или улична чешма). Над два процента користат флаширана вода за пиење.

Според извештајот за 2021 година на Европската федерација на национални асоцијации за водни услуги, кои опслужуваат 507 милиони жители во Европа, вкупната произведена вода (тарифирана и неприходовна вода) е 45.9 билиони кубни метри вода или во просек по 248 литри по човек на ден. Од друга страна, наплатената – тарифирана вода изнесува 33,2 билиони кубни метри вода или во просек по 179 литри по човек на ден.

Просечната потрошувачка на домаќинствата во Европа, изнесува 105 м3 годишно или по 124 литри по човек на ден. Највисока имаат Италија – по 223 литри по човек на ден, Шведска – 176 и Франција – 165 литри по човек на ден. Најмала имаат Малта – по 77 литри по човек на ден, Словачка – 79 литри и Бугарија – 84 литри по човек на ден.

Скопје дневно троши по 500 литри вода по жител

Според Годишниот извештај за работата на ЈП „Водовод и канализација“ Скопје во 2021 година има произведено вкупно 102 258 297 м3 вода од двете изворишни подрачја Рашче 1 и Рашче 2, како и од бунарските подрачја Лепенец и Нерези. Од вкупно произведените, кон своите корисници има фактурирано 40 777 023 м3 вода.

Фактурираната вода во Скопје има постојан раст во последните години од 38.953.488м3 во 2019 година, 39.550.217м3 во 2020 година, на 40 777 023 м3 во 2021 година. Ако се земе дека според Пописот 2021 резидентното население во Скопје е 526 502 жители, тогаш во просек секој жител на градот потрошил по 212 литри вода на ден.

Во извештајот се вели дека произведената вода се користи и за комунална потрошувачка, комерцијални загуби – корисно употребена вода. Загубите претставуваат и неприходувана количина на вода.

Стварните загуби во 2021 година произлегуваат од истекување на цевките и на приклучните цевки, истекување на транспортните цевки и позадинско истекување.

Административните (привидни) загуби во 2021 година произлегуваат од неизмерена, нефактурирана потрошувачка, потрошувачка од испорачаната количина на вода, грешки при мерење на потрошувачка кај корисниците и од нечитани состојби.

Врз основа на последниот извештај за работата на претпријатието кој се однесува на 2021, неприходована вода е 60,12 проценти, од која 30,67 отсто се физички загуби.

Средната вредност на прифатени загуби во системот или не тарифирана вода во Европа, според извештајот за 2021 година на Европската федерација на национални асоцијации за водни услуги, изнесува 25 проценти.  Највисока е во Бугарија – 61 процент, Италија – 41 и Малта – 40 проценти. Најниска е во Германија и Данска – 6 и 8 проценти.

Скопјани дневно трошат околу 105 олимписки базени со вода

Потрошувачката на вода во Скопје, според податоците од ЈП „Водовод и канализација“, во зимскиот период (октомври- март) кој најчесто го користат како релевантен период за реалната потрошувачка во градот, се движи во рамките на 500 литри на жител дневно или во просек произведена вода од околу 268.000 м3 секој ден за задоволување на потребите.

Во летниот период (април – септември) од повеќегодишните анализи потрошувачката на вода се зголемува во просек за 10-15 проценти во зависност од просечните температури во посочениот период. Во овој период, жителите на градот Скопје просечно трошат по околу 560 – 570  литри дневно или во просек по околу 295.000 м3 вода.

Колку за споредба, ако се земе во предвид дека еден олимписки базен со димензии 50 на 25 метри и длабочина од 2 метри собира 2 500 000 литри вода, а во Скопје дневно се трошат во просек по 500 литри на човек (500 литри х 526 502 жители според Попис 2021) тогаш дневно Скопјани трошат околу 105 олимписки базени со вода.

Од нив, само 42 се фактурираат, односно се наплаќаат, додека 63 се водат како недоходовна вода.

Рашче има 3 600 литри во секунда, од кои моментално трошиме 85 проценти 

Изворот Рашче, од каде се снабдува со вода Градот Скопје, од ЈП „Водовод и канализација“- Скопје велат дека во моментов дава околу 3 600 литри во секунда. Во периодите на денот со повисока потрошувачка на располагање стојат и бунарските подрачја „Нерези“ и „Лепенец“ кои би можеле да дадат дополнителни околу 700 л/с, што е доволно за задоволување на потребите.

– Иако постоечките капацитети ги задоволуваат потребите на граѓаните на град Скопје, кога станува збор за природни извори, треба да бидеме свесни дека ние не можеме да управуваме со природата и треба рационално и совесно да ги користиме нејзините ресурси кои се изложени на различни фактори како климатските промени што резултираат со зголемени температури, но и поголеми сушни периоди, посочуваат од ЈП „Водовод и канализација“ Скопје.

Постоечките капацитети се доволни за задоволување на потребите на граѓаните, но ЈП Водовод и канализација – Скопје работи и на истражување за изнаоѓање на алтернативни извори на водоснабдување, имајќи ги предвид сите фактори меѓу кои и проширувањето на градот како и зголемувањето на бројот на жителите на краток и долг временски период.

-Во моментов повторно се почнува со мониторингот на алтернативни извори за водоснабдување, а тоа се Патишка река, Кадина река, Мала река  и Кадина по влив на Мала река. Тоа се водени примероци кои имаат низок минеролошки состав и следствено на тоа и ниска тврдина. Во досегашните испитувања истите се покажале со задоволителен квалитет по физичко-хемиски ипараметри, микробиолошки, радиолошки анализи и анализи на пестициди и паразити, а со тоа и се јавува потребата да се трага по идни можни решенија за да истите можат да се користат како алтернативни извори за водоснабдување, посочуваат од ЈП „Водовод и канализација“.

Воедно, како што информираат, претпријатието во текот на минатата година како и сега работи на повторно ревитализирање на веќе постоечки бунарски капацитети кои се во негова сопственост – бунарскиот систем во Бутел и Инџиково.

Во општина Центар се наплатуваат по 198 литри, а во Сопиште по 100 литри по жител на ден

Град Скопје располага со 1.242 км водоводна мрежа која е под надлежност на ЈП Водовод и канализација – Скопје.  Во однос на бројот на корисници кои се опслужуваат на дневно, неделно и месечно ниво, ЈП Водовод и канализација – Скопје не може да води по број на жители, резиденти во Скопје, со оглед на фактот кој говори дека бројот на граѓани кои гравитираат во Скопје, на дневно ниво е поголем од оној кој се однесува на постојани жители во градот.

Но, според податоците од фактурираната вода по општини, најмногу се наплатува во општина Центар – по 198 литри по жител на ден, а најмалку во Сопиште – по 100 литри по жител на ден.

Втора по потрошувачка на вода е општина Карпош, каде на ден се фактурираат по 173 литри по жител, а потоа следи Кисела Вода со 159 литри.

Во општина Бутел, според фактурираната вода, дневно се трошат по 143 литри вода по глава на жител, во Аеродром по 144, а во Ѓорче Петров по 145 литри по жител дневно.

Општина Чаир, според фактурираната вода, секој жител дневно троши по 121 литар, потоа следи Гази Баба со 116 литри и Шуто Оризари со по 108 литри.

Во Европа околу една третина од територијата е изложена на услови на стрес за вода

Според Европската агенција за животна средина околу 88,2 проценти од свежата вода (за пиење и друга намена) во Европа доаѓа од реки и подземни базени, додека останатите 10,3 проценти од резервоари и  1,5 отсто од езера, што овие извори ги прави особено ранливи на закани од прекумерно искористување, загадување и климатски промени.

Европската агенција за животна средина оценува дека околу една третина од територијата на ЕУ е изложена на услови на стрес за вода, дали привремени или постојани. Земјите како Грција, Португалија и Шпанија веќе се соочуваат со страшни суши за време на летните месеци, но недостигот на вода веќе станува прашање и за северните делови од континентот, вклучително Германија и Британија. Земјоделските средина со интензивни системи на наводнување, острови во јужна Европа кои се популарни за туристите и големите урбани центри се проценува дека ќе бидат најголемите жаришта за недостиг на вода. Недостигот на вода, според  Европската агенција за животна средина, се очекува да биде се почест во иднина поради климатските промени.

Од вкупно потрошената вода на ниво на Европа околу 40 проценти отпаѓаат на земјоделството, додека околу 28 отсто на производство на енергија (ладење на нуклеарни или фосилни електроцентрали и за хидроцентрали), рударството и индустријата трошат околу 18 проценти, додека домаќинствата трошат околу 12 отсто од вкупната потрошувачка на вода.

Според Европската агенција за животна средина, домаќинствата, во просек, од вкупната потрошувачка на вода само четири проценти трошат на пиење и јадење, додека најголемиот дел – 40 отсто на хигиена на телото, 30 проценти на тоалет, 13 отсто на перење алишта, седум проценти на миење садови и шест отсто на чистење на домот, автомобилот и градината.

Водата покрива 70 проценти од планетата Земја и лесно е да се помисли дека таа секогаш ќе ја има во изобилство. Сепак, слатката вода – која ја пиеме,се капеме, ги наводнуваме полињата претставува само 3 отсто од светската вода.

Како резултат на тоа, се проценува дека околу 1,1 милијарда луѓе ширум светот немаат пристап до вода, а вкупно 2,7 милијарди дека се соочуваат со недостиг на вода барем еден месец во годината.

Александар Атанасов

Фото: Фросина Насковиќ

Back to top button
Close