Полска утре избира помеѓу проевропскиот и протрамповскиот пат
Полјаците утре излегуваат на претседателски избори. Проевропската влада во Варшава се надева дека изборите ќе го вратат слабиот демократски моментум, додека нејзините националистички противници ги гледаат изборите како можност Полска да тргне по пат инспириран од американскиот претседател Доналд Трамп.
Според анкетите, победата би требало да ја однесе градоначалникот на Варшава, 53-годишниот Рафал Тржасковски, кој е и сојузник на владејачката коалиција, иако најверојатно дури во вториот круг од изборите на 1 јуни.
Втор на анкетите е 42-годишниот Карол Навроцки, боксер аматер и конзервативен историчар, кој е поддржан од националистичката опозициска партија Право и правда (ПиС). Кандидатот на крајната десница Славомир Менцен (38) е трет.
И двајцата се поддржувачи на Трамп и неговото движење „Да ја направиме Америка повторно голема“(МАГА), го поддржуваат неговиот антиимиграциски став и се борат против „разбудените“ либерални вредности.
Победникот ќе го наследи националистичкиот сојузник Анджеј Дуда, чиј втор мандат завршува, пишува Хина.
Изборите се совпаѓаат со вториот круг од претседателските избори во Романија. Таму, крајнодесничарскиот обожавател на Трамп, Георге Симион, е фаворит за победа во услови на растечки национализам во централна Европа, поттикнат од загриженоста за трошоците за живот, миграцијата и безбедносните закани од Русија.
Во Полска, Тржасковски веројатно ќе ги победи националистичките ривали, делумно затоа што се помести надесно во обид да освои поконзервативни гласови.
Доколку успее, тој вети дека ќе соработува со владата на премиерот Доналд Туск за да ги поништи промените во судството на Полска воведени во рамките на ПиС, за кои критичарите во Европската Унија и дома велат дека ги поткопуваат демократските контроли и рамнотежа на моќта.
ПиС го загуби мнозинството од центристичката коалиција на Туск на изборите во октомври 2023 година, по речиси една деценија на власт, поради бран народен гнев поради ерозијата на правата на жените и малцинствата.
Но, Дуда го искористи претседателското вето за да блокира голем дел од реформските напори на Туск.
„Влоговите на овие избори се високи како што беа на 15 октомври“, рече Туск.
„Затоа, се надевам на мобилизација на гласачите. Тешко е да се владее со непријателски настроен претседател, со сите тие ветувања“, додаде Туск.
Во Полска, претседателот има право на вето врз законодавството и служи како врховен воен командант, но има ограничени извршни овластувања.