Полскиот претседател Дуда доаѓа во Скопје од Подгорица

Пред утрешното пристигнување на Дуда во дводневна посета, од МВР денеска соопштија дека ќе има посебен режим на сообраќај на поширокото централно подрачје на главниот град

Полскиот претседателот Анджеј Дуда утре ќе допатува во дводневна официјална посета на земјава, во чии рамки в петок ќе има средба со неговиот домаќин, шефот на државата Стево Пендаровски, а предвидено е да се сретне и со претседателот на Собранието, Талат Џафери и со премиерот Зоран Заев.

Според највавата, Дуда ќе ја почне посетата утревечер, со церемонија на доделување Медал на претседателот на Република Полска на Здружението на полската заедница во Северна Македонија „Полонија“.

Пендаровски в петок ќе го пречека Дуда со државнички почести во вилата Водно, каде што ќе имаат тет-а-тет средба, по што ќе следат пленарни разговори на делегациите на двете земји, а потоа двајцата претседатели ќе одржат заедничка прес-конференција.

Дуда и Пендаровски истиот ден ќе се обратат и на отворањето на Полско-македонскиот економски форум, што ќе се одржи во хотелот „Мериот“ во Скопје.

Во рамки на посетата, шефот на полската држава ќе положи венец на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“.

Пред утрешното пристигнување на Дуда, од МВР денеска соопштија дека ќе има посебен режим на сообраќај на поширокото централно подрачје на Скопје.

Полскиот претседател денеска престојуваше во Црна Гора, каде што имаше средби со државниот врв, а со неговиот домаќин, црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ, покрај пречекот во Подгорица, беа и во обиколка на Цетиње.

Во Скопје утре доаѓа и сојузниот министер за европски и меѓународни работи на Република Австрија, Михаил Линхарт.

Back to top button
Close