Помеѓу бегството и предавството: Македонска политичка трагедија
Почитувани читатели, изминативе неколку дена на социјалните мрежи во нашата држава бевме сведоци на ниските страсти и вербални препукувања со рафали од меѓусебни навреди помеѓу бивши премиери. Говорам за премиери кои што во Македонија биле на функција, на власт, полни 16 години.

Едниот е господинот Груевски, кој побегнат од земјата денеска живее слободно во Унгарија, а другиот е господинот Заев кој ја уништи партијата СДСМ, од една силна политичка партија ја претвори во ништожност.
Нивните дегутантни дискусии изненадувачки беа инспиративни за моите сограѓани, кои подржуваат нешто навистина болно и неразбирливо за мене. Во нивното електронско препукување учествуваа повеќе од двесте илјади наши сограѓани, кои со мал исклучок на неколкумина мои сограѓани, фаќаа сеир или на едната или на другата страна.
Првиот, господинот Груевски побегна од Македонија, веднаш по завршувањето на неговиот мандат и полни 9 години живее во Унгарија. Беше свесен дека ќе биде сериозно гонет за криминалот и корупцијата во кои што и самиот беше вклучен за време на неговиот десетгодишен мандат како премиер.
Денес господинот Груевски, од многу наши граѓани и негови приврзаници, се доживува како легенда која триумфално треба да се врати на бел коњ.
Господинот Заев направи катастрофални грешки како премиер. Го смени името на нашата татковина, иако на распишаниот референдум за промена на името ние, граѓаните на нашата држава, бевме против овој чин. Очигледно визијата на господинот Заев била лична, со катастрофални последици по нас, Македонците.
Господинот Заев е главниот иницијатор за создавање меѓу државна омраза, меѓу нас Македонците и Бугарите.
Сѐ уште во етерот, а во потсвеста на секој Македонец е неговотo гостување на националната бугарска телевизија БГНЕТ. Не е проблемот што самиот себе се понижи како Македонец, бидејќи тоа е лично право и сопствено размислување. Проблемот е во тоа што тој беше нашиот премиер кој нѐ престори во ништожни, говорејќи дека сме ист народ со исти култури, без да води сметка за достоинството на сопствениот народ кој го избрал да биде премиер.
Сега, македонската јавност беше сведок на меѓусебни напади меѓу овие двајца бивши премиери, од кои едниот е „побегуља”, а другиот по мое сопствено размислување е предавник.
Господинот Груевски побегна да не биде гонет од судските институции во нашата држава, а господинот Заев живее слободно, иако во основа неговите дела се многу погрозоморни со предавството на сопствениот народ во очите на нашите соседи.
Почитувани читатели, пишувам за двајца бивши премиери кои зад себе оставиле силни траги во криминалот, корупцијата и во историјата на македонското предавство.
Не можам да го разберам поривот на моите сограѓани за поддршка на било кој од овие двајца екс-премиери, бидејќи во основа не го испорачале тоа за што биле избрани. Двајцата ја користеле власта исклучиво за сопствени интереси. Во случајот на Груевски лични интереси, а во случајот на Заев предавство во име на интересите на нашите соседи Грција и Бугарија.
Ја барам логиката за нивното присуство на социјалните мрежи во Македонија? Нема логика, бидејќи и двата екс-премиери по мое лично убедување треба да бидат гонети и донесени пред лицето на правдата.
За ваквиот чин на прогон недостасува политичка култура. Недостасуваат вистински политичари кои ќе се заземат да го бранат интересот на граѓаните и државата. Сите тие, со претходно извалкано политичко досие и огрешени пред законот, мора да се донесат пред лицето на правдата.
Сведоци сме на многу „побегуљи„ од владините системи кои остануваат недопрени од институциите на прогонот.
Молчењето и непреземањето на силни ингеренции за носење на овие политички криминалци пред портите на судството, само се лош патоказ дека ние не градиме држава, туку ја разградуваме.
Општа тајна меѓу нас граѓаните е дека корупцијата и криминалот се вгнездени во сите институции, од најниско до највисоко ниво.
Политичките партии се тие кои први треба да преземат мерки за нивните партиски сторители на криминал и корупција и нивно носење пред лицето на правдата. Молкот трае меѓу политичките партии. Толеранцијата за гонење на нивниот политички криминал е вдомена во нашето секојдневие.
Прашање за секој поединец e како да ја градиме нашата иднина со вакво политичко милје
Радикални мерки се неопходни, најнапред во статутите на сите политички субјекти, што ќе значи дека криминалецот најнапред ќе биде осуден од партијата, а потоа од општеството.
Друг начин за излез од ова проклетство не можам да видам. Вие размислете, дали вреди многу врева за ништо, многу вербални расправии меѓу народот додека виновниците си го тераат животот без никаква совест и одговорност. Пародија од држава е нашата реалност.





