Помилување ќе може да има само по правосилна пресуда, вели Тупанчески

Доколку во Собранието биде изгласан новиот закон за помилување, тогаш претседателот на државата нема да може да помилува лица пред за нив да има судски процес, односно ќе може да помилува само по правосилност на пресуда.

Ова денеска го потврди и министерот за правда Никола Тупанчески откако претходно новитетите ги најави и шефот на државата Стево Пендаровски.

„Тоа значи дека во една поранешна фаза од судската постапка не ќе постои можност за помилување“ вели Тупанчески.

Новиот закон, нагласи министерот, има прецизирани рокови и надлежности на институциите, а и во него клучниот збор ќе го има претседателот. Кон вакви измени, како што рече Тупанчески, се пристапило со оглед дека во минатото имаше различни толкувања на постојниот закон.

 

„Законот за помилување е практично нов закон. Сведоци сме дека долг период во неколку наврати беше применуван постоечкиот и примената на тој закон навистина покажа дека навистина постојат одредби кои различно се интерпретираат. Во таа насока се обидуваме да се сведат на минимум таквите можности за различни толкувања на законот, така што се дадени прецизни критериуми, се знае кои институции, до каде се надлежностите и практично се анулирани сите потенцијални можности за злоупотреба на можности – рече Тупанчески.

Пред десетина дена за ова зборуваше и Пендаровски од чиј кабинет експерти учествуваат во работната група која го подготвува законот. Претседателот рече дека ги поддржува ваквите измени со оглед дека изминативе 20 години во земјава сме имале неколку контроверзни ситуации, дали од политички или од други причини, кога некој помилувал некого уште во рана фаза на постапка.

„Треба да се остави судскиот систем да истера постапка, да се соочат аргументите на обвинителството и на одбраната и на крајот ако смета претседателот, кога ќе заврши целата постапка и таа пресуда стане правосилна, дека има некаков простор за корекција на таа пресуда, тогаш е дозволено да ’влезе‘ во процесот, а не првиот, вториот или третиот ден да пресуди и да рече: ’ Нема да има постапка понатаму‘, со што практично де факто се дерогира целокупниот правосуден систем“,рече Пендаровски на 21 април годинава.

 

 

Back to top button
Close