Помина на Комисија Извештајот на Државниот обвинител за примена на посебните истражни мерки во 2024
Собраниската Комисија за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите, денеска го разгледа Извештајот за примена на посебни истражни мерки за минатата година и го проследи на понатамошна постапка во Собранието.
На Комисијата на која присуствувал обвинителот Наум Пановски, не бил образложен Извештајот и немало расправа по истиот.
Според поднесниот Извештај објавен на собраниската веб страница, бројот на случаи во кои се применувале посебни истражни мерки (ПИМ) во текот на 2024 година имал значителен тренд на намалување во однос на 2023 година.
Во заклучокот од Извештајот, поднесен од Републичкиот јавен обвинител, Љупчо Коцевски, пишува дека ефикасноста на органите на кривичниот прогон во борбата против организираниот криминал и корупција се зголемува со примена на посебните истражни мерки.
– Забележително е дека бројот на случаи во кои се применувале посебни истражни мерки во текот на 2024 година има значителен тренд на намалување во однос на 2023 година (35 случаи во однос на ланските 87 случаи), меѓутоа податоците за опфатот на лица и предмети покажуваат дека овој вид мерки и натаму се користат како исклучително важно средство за обезбедување докази, пишува во документот.
Така, во текот на извештајната година, под опфат на посебни истражни мерки биле вкупно 363 лица со утврден идентитет, осум лица со неутврден идентитет и 163 предмети на кривично дело.
– Вкрстувањето на податоците според бројот на случаи и бројот на опфатени лица и предмети недвосмислено укажува дека во извештајната 2024 година бил заземен посложен пристап за примена на посебните истражни мерки, со комбинирање на повеќе видови мерки во еден предмет и со опфат на повеќе лица и предмети со цел поефикасно обезбедување на доказите, се наведува во заклучокот.
Во најголем број случаи била користена мерката од член 252 ст.1 т.3 (тајно следење и снимање на лица и предмети со технички средства надвор од домот или деловен простор означен како приватен), а веднаш потоа и мерката предвидена во член 252 ст.1 т.1 (следење и снимање на телефонските и други електронски комуникации во постапка утврдена со посебен закон).
– Забележително е дека посебните истражни мерки во најголем број случаи се применувале за откривање на кривичните дела неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и перкурзори, перење пари и други приноси од казниво дело, злоупотреба на службена должност и овластување, примање и давање поткуп, криумчарење мигранти, тероризам и терористичка организација, како и злосторничко здружување, што значи дека мерките биле применети за откривање на сериозни и тешки облици на криминал, коруптивни кривични дела и за откривање на кривични дела и сторители за кои доказите тешко би можеле да бидат обезбедени на друг начин, се вели понатаму во заклучокот од извештајот.
Во најголем дел од случаите иницијативата за примена на посебни истражи мерки потекнала од Министерството за внатрешни работи.
– Меѓутоа за одбележување е фактот дека во два случаи Јавното обвинителство применувало посебни истражни мерки по сопствена иницијатива. Во однос на претходната 2023 година, ова покажува дека постои тренд на постепено зголемување на примената на посебните истражни мерки по сопствена иницијатива од страна на обвинителствата, се додава во документот.
Неопходно е да се истакне, пишува во него, дека примената на посебните истражни мерки во 2024 година била ефикасна, времетраењето на нивната примена е намалено и најголем број случаи мерките завршиле со понатамошни постапки – отворање истраги и подигнување обвиненија.
Според тоа што е напишано, мерките биле применувани само во ситуации во кои не можело со конвенционални методи да се прибават квалитетни докази за кривичен прогон. Притоа се додава дека без вакви мерки, особено борбата против сложените облици на криминал, а особено против организираниот криминал и корупцијата, би била недоволно ефикасна.
Потребата од овој вид мерки за обезбедување докази, се потврдила, се наведува, и со фактот што значителен број истраги во кои биле користени, завршиле со покренување обвиненија и осудителни пресуди, од кои во голем дел од случаите со прифаќање на вината од страна на сторителите за кривичните дела.
Сепак, повеќегодишната примена на истите посебни истражни мерки, од една страна, но и современиот забрзан развој на средствата за комуникации и промената на начините на кои сторителите се обидуваат да го прикријат сторувањето на кривичните дела, од друга страна, наметнувале потреба од постојано унапредување на можностите и на системите за примена на ПИМ – мерките како средство за ефикасна борба против криминалот, стои во Извештајот.