Помисли ли некој на Св. Пантелејмон?

Секакво квалитативно „натпреварување“ во категоријата на најдрагоценото културно наследство е неумесно, непрофесионално и често контрапродуктивно. Самата придавка дека станува збор за светско културно наследство во најголем број случаи сосема доволно ја одразува непроценливата вреденост на тоа наследство. Но кога/ако како држава сте исправени пред (хипотетичкиот) избор на што да дадете предност при потенцијалната квалификација за Листата на светско културно наследство на УНЕСКО тогаш, за жал, (ќе) морате да се определите, (ќе) морате да изберете. И од тој избор веројатно (ќе) зависат многу идни нешта, се разбира, за избраниот објект. Но – и на неизбраниот, можеби!?

Затоа, кога тој избор го прави државата – никој друг – истиот не може, не смее да биде препуштен на затворени кругови на одлучување, на салонски „политичари“, уште помалку на умислени или самопрогласени стручњаци. Кога државата предлага дел од сопственото културно наследство за Листата на светско културно наследство на УНЕСКО – што ќе рече го предлага она што смета дека е највредно во државата – тој предлог едноставно мора да помине повеќе стручни и јавни инстанци, мора да биде филтриран низ компетентното јавно и стручно мислење, па дури тогаш, со таа „тежина“, да се пристапи кон званичен предлог. Се’ друго би било импровизација, самоволие, непрофесионалност…

А, за жал, на тоа наликуваше (не само) онаа првична (најблаго речено смешна) „најава“ пред Министерството за култура од 02 декември минатата година за започнување на процедурата за запишување на црквата Св. Ѓорѓи во Курбиново на Листата на светско културно наследство на УНЕСКО. И никој ни тогаш, но ни денес, не објасни зошто, како, од каде дојде предлогот за Курбиново визави толку други монументални градби – пред или токму од истиот период, со идентични атрибути, квалитети и вредности – за да јавноста добие впечаток дека станува збор за сериозен, обмислен и стручно фундиран предлог! Или, ако сакате, сето тоа наликуваше на некаква непотребна трка по „резултат“ во 100те дена, нешто што не смее (барем не во таа област!) да му се случува на државен орган надлежен за работите на културата! Јавноста, но и струката, мораат да бидат убедени, недвосмислено, дека Министерството за култура како прв претставник/застапник на државата во таа област, работи според јавни, јасни, професионални, компетентни… стандарди и критериуми, врз основа на широки консултации (барем) со експерти од областа итн. Ако не повеќе тоа мораше да биде направено на посоодветен начин, со други луѓе – експерти за областа, во поинаков амбиент, со друга дикција, со стручна експликација… со директен упат дека (барем) зад таквиот предлог стои и Националната комисија за УНЕСКО, со знаење на Владата, со известување на Парламентот… Зашто, простете, вака излегува дека секој таму, во тоа Министерство – па нека е и административец директно од седиштето на УНЕСКО во Париз – се бави со нешто што е целосно вон неговите компетенции!?!

Но, но, на крај памет не ми паѓа да помислам, не пак да кажам, дека едно Курбиново, еден драгоцен бисер како црквичката Св. Ѓорѓи, не е достојно да биде предложено од страна на државата за впишување на Листата на светско културно наследство на УНЕСКО. Никако! Меѓутоа, мислам дека во целата таа постапка некако биле измешани брзините, компетенциите, надлежностите, начинот на избор… па се’ до самиот избор како таков! И тоа ќе го образложам. Прво, како што веќе реков, предлогот дојде само два месеци од формирањето на новиот кабинет во Министерството за култура, и дури месец и половина пред конститутивната седница на новата Национална комисија на УНЕСКО (sic!). Следствено, прашањето е дали тоа навистина бил баш првиот и најважниот приоритет? Но и да бил, тоа прашање не може да се држи само во „ексклузивните ровови“ на државниот орган надлежен за работите на културата – особено заради фактот што во неговиот кабинет нема ама баш ниту еден стручен човек за тоа прашање (вклучувајќи ги тука и посебните советнички)! – па дури ни во владините редови. Едно можно (идно) решение во оваа насока би било носење на ваквите одлуки на ниво на Собранието на СРМ, кадешто може да дојдат до израз различни стручни (па нека се и политички!) ставови.

Второ, бидејќи црквата Св. Ѓорѓи во Курбиново веќе беше впишана на онаа прелиминарна листа (Tentative list) на УНЕСКО кадешто секоја држава има слободен пристап и право да впишува свое културно наследство, а имајќи предвид дека црквата денес е во процес на целосна реставрација – така барем велат надлежните – нели е логично црквата Св. Ѓорѓи да остане на прелиминарната листа до завршување на работите и стручниот увид во истите? И следствено, да се покрене постапка за впишување на Листата на светско културно наследство на УНЕСКО на друг еднакво важен (некои велат и поважен!) објект од тој период?

Трето, токму црквата Св.Ѓорги во Курбиново, иако еден од највредните споменици на архитектонското и сликарското средновековно наследство во Македонија, кај нас дома не ужива никаква заштита, а ние ќе бараме УНЕСКО да ја запише на светската листа? Ако црквата Св.Ѓорги во Курбиново уште ја „заштитуваме“ според решение од 1952 година, а истото не е ревалоризирано дури ни според законот од 2004 година, како ова надлежните ќе му го образложат на УНЕСКО?

Четврто, без оглед што никој компетентен не објави барем минимално аргументирано образложение за предлогот токму овој објект да биде предложен за Листата на светско културно наследство на УНЕСКО – можеби сметајќи дека тоа е непотребно – сепак може да се постави следново прашање: а дали некој помисли на црквата Св. Пантелејмон во Нерези? Дали некој помисли дека токму овој објект, а имајќи предвид некои од претходните наводи, сепак има некаква „предност“ во овој поглед?

За ова, и за многу други нешта, во следната прилика!

Златко Теодосиевски

Back to top button
Close