Помпео ги пофали Гугл, Фејсбук и Твитер поради Хонгконг

Американскиот државен секретар Мајк Помпео ги пофали денеска Гугл, Фејсбук и Твитер бидејќи одбиле да им предадат податоци за своите корисници на Владата на Хонгконг и ги охрабри другите компании да го направат истото.

– Пекинг рече дека за 50 години ќе му даде поголема автономија на народот на Хонгконг. А гледајте што се случи по само 23 години – празни ветувања, истакна Помпео.

Компаниите Гугл, Фејсбук и Твитер ја суспендираа претходно обработката на државните барања за корисничките податоци во Хонгконг, откако Кина го воведе новиот закон за национална безбедност за полуавтономниот град.

Фејсбук, кој е сопственик на ВоцАп и Инстраграм, „ги паузира“ прегледите за сите свои услуги „во очекување на натамошните проценки на Законот за национална безбедност“, се наведува во изјавата.

Твитер соопшти дека ги суспендирал сите барања на властите во Хонгконг веднаш откако законот стапил во сила минатата недела, повикувајќи се на „сериозна загриженост“ поради неговите импликации.

Компаниите немаат прецизирано дали суспендирањата ќе се применат и на владините барања за отстранување на содржини кои ги создал корисник на нивните услуги од Хонгконг.

Овие компании веќе подолг период слободно работат во Хонгконг, каде пристапот до интернет не е под влијание на ограничувањата кои се воведени во континентална Кина, а која ги блокира Гугл, Фејсбук и Твитер.

Back to top button
Close