Поништена пресудата на поранешниот колумбиски претседател Алваро Урибе за поткуп и манипулирање со сведоци
Колумбиски апелациски суд денеска ја поништи пресудата на поранешниот колумбиски претседател Алваро Урибе за поткуп и манипулирање со сведоци во значаен случај што ја потресе јужноамериканската земја и го наруши угледот на конзервативниот лидер, јавија американските медиуми.
Урибе (73) ги негира обвиненијата, а во август годинава беше осуден на 12 години затвор, кои ќе ги отслужи во домашен притвор, по речиси шестмесечно судење во кое обвинителите презентираа докази дека се обидел да влијае врз сведоците кои го обвинија за врски со паравоена група во 1990-тите.
Судот денеска соопшти дека пресудата имала „структурни недостатоци“, користела нејасни претпоставки и ѝ недостасувала сеопфатна анализа.
Урибе, кој владееше со Колумбија од 2002 до 2010 година, ја нарече пресудата политички прогон и рече дека судијата бил пристрасен.
Во својата жалба, неговите адвокати ја доведоа во прашање валидноста на доказите и рекоа дека одговорноста на поранешниот претседател не е „недвосмислено“ докажана.
Обвинителите и осудениот можат да поднесат жалба на денешната одлука до Врховниот суд на Колумбија.
Администрацијата на поранешниот претседател уживаше силна поддршка од САД. Тој е поларизирачка фигура во Колумбија, каде што многумина му ја припишуваат заслугата за спасување на земјата од банкрот, додека други го поврзуваат со злоупотреби на човековите права и подемот на паравоените групи во 1990-тите.