ПОНТИЈ ПИЛАТ
Се собраа пари во буџетот оти и донациите што ги дававме за Кочани ги оданочија, ама пари за инспектори – нема.
Онаа слика од Собранието, од комеморативната седница за 63-те загинати во пожарот во Кочани на 16 март минатата година, каде што стојат претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, претседателот на Собранието Африм Гаши и премиерот Христијан Мицкоски, а зад нив се пратениците, свечено облечени, натажени и задумани, беше како сцена од судењето кај Понтиј Пилат. Сите присутни, сите со одговорни државни функции, а никој со вина.
Закажувањето комеморација после година дена од националната трагедија изгледаше баш како да си ги мијат рацете. Само што, овојпат наместо леген со вода за Пилат, имаше говор.
Премиерот Христијан Мицкоски по комеморацијата изјави дека „во спомен на оние кои ги загубија животите се сплотуваме во тага, но и во надеж за посигурна иднина“.
Прво, тоа не беа загубени животи. Тие луѓе беа убиени од непочитување на закони и од корупција. Од локално до државно ниво.
А што се однесува до тоа дека сме се „сплотиле во надеж за посигурна иднина“, случајно баш тој ден беше објавен извештајот на Државниот завод за ревизија кој откри дека Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам работел само со еден градежен и двајца инспектори за урбанизам за цела држава. Дека требало да има минимум осум инспектори за сите региони, ама Министерството за финансии не давало согласност за вработување. Дека и тоа што ќе го утврделе овие малкуте инспектори било сосема неважно, бидејќи на градоначалниците баш им било гајле и не постапувале по нивните наоди. И дека од 2018 година не бил распишан оглас за избор на директор, туку партиите на власт си го пополнувале тоа место со вршители на должноста, без огласи.
Кој е виновен за оваа ситуација? Партиите на власт оти немаат соодветен кадар за директор и инспектори? Оти нивните членови сакаат само државна плата, колку да маткаат нешто, ама да немаат никаква одговорност. Или, можеби е крива министерката за финансии дека не дава согласност за вработувања? Треба да има одреден број инспектори. А нема. Заштедила. Изгледа во коалицијата уште немаат најдено писмени за таа работа.
И после се чудиме зошто имаме илјадници дивоградби. И зошто секој ден ни е катастрофа во најава, од домовите и зградите каде што живееме, од лифтовите во кои се возиме, тротоарот на кој минуваме, на работа, во театар, во кафеана, во дискотека, сосе воздухот што го дишеме, водата што ја пиеме и кучињата скитници што нѐ јадат по улици…
Мислам дека си здодеав и самиот себеси, а и на блиските, ловејќи црни точки на секој чекор. Ама, еве бидете искрени кон себе, свртете се околу, разгледајте каде сте и помислете си: што се смени после Кочани, 16 март 2025?
Па луѓе мои, во Кочани, ова нашево Кочани, што беше прва вест во светските медими и уште го споменуваат, во кое се случи масовна трагедија од пожар, уште нема инспектор за противпожарна заштита. Ќе заштедиме од буџетот. Ама затоа ќе имаме меѓународна конференција да ја одбележиме годишнината и од овој историски настан. Се собраа пари во буџетот оти и донациите што ги дававме за Кочани ги оданочија.
Целата колумна на Горан Михајловски на СДК.МК






