Попис на иселувањето од Исток

Пописот во Македонија, распнат над шупливиот простор на екстремната политизација и партиска војна, веќе две децении е силно стегнат во канџите на политиката. И најновиот обид за утврдување на фактичката бројност на населението, опозицијата веднаш почна да го саботира, тврдејќи дека не станува збор за статистичка, туку за „насилна“ политичка операција. Со таков пристап, како и обично, наместо доближување на ставовите, предност се дава на вкопувањето во пратиските ровови.

Но уште поважно се чини е сознанието дека соочувањето со сериозноста на загрижувачкиот демографски развој во земјата се сведува на еден едноставно избран и проверен метод – затворање на очите пред реалноста.

Половина Европа, вклучувајќи ја и Македонија, е погодена од стареење, од една, и од континуирано иселување на населението, од друга страна. Во Бугарија во 1989 година живееле околу девет милиони луѓе, а денес веројатно околу седум. Според прогнозите, по две децении во Бугарија најверојатно ќе жевеат само шест милиони луѓе. Тоа е сигурно и една од причините што Бугарија не го признава македонското малцинство, надевајќи се дека на таков начин ќе го спречи уште подраматичниот пад на бројноста на Бугарите во границите на матичната држава.

По влезот во ЕУ два милиона жители ја напуштиле Полска. Од 1989 година населението на Естонија е намалено за 16 проценти, а на Литванија за 24 проценти. И Романија, Хрватска и Грција се погодени од масовно иселување. Тоа го покажува официјалната статистика во тие земји, презентирана преку Евростат, која во извесна смисла всушност претставува попис на иселувањето од Источна кон Западна Европа.

Евростат води и статистика во однос на демографските процеси на регионално ниво во Европа, вклучувајќи ги и регионите во одделни земји. Одливот на населението од поранешните комунистички источноевропски земји јасно се забележува, на пример, и на внатрешен план во Германија, каде што намалувањето на бројот на жители покажува тенденции на пораст во регионите што порано биле во составот на Источна Германија.

Статистичките анализи покажуваат дека миграциските движења се најважното објаснување кога станува збор за порастот на населението во одделни ЕУ-членки, што отприлика е слично со податоците што се однесуваат на ЕУ во целина, а според кои порастот на мигранти во периодот 2000-2018 бил пет пати поголем од бројките што произлегуваат од разликата на родени и умрени. Но, не и кога станува збор балканските земји, во кои вкупната промена на населението постојано е означена со минус.

Евростат прави и една интересна прогноза. Доколку во ЕУ целосно би биле запрени миграциите однадвор, населението во периодот до 2080 година би се намалило на 408 милиони жители, значи, за околу 100 милиони помалку од бројот на жители што моментно живеат на подрачјето на Унијата. Под такви претпоставки би се намалило населението во речиси сите земји-членки. Според најцрното сценарио, Германија, Италија и Грција би изгубиле над 35 проценти од своето население, а Бугарија и Хрватска околу 30 проценти. Словенија околу 27 проценти. За Македонија, иако не се дадени такви прогнози, според општите демографски тенденции во регионот, тешко би можел да се очекува барем минимален зрак на некаква оптимистичка светлина.

Миграциите кон ЕУ се несомнено главниот придонес што внесува динамика и ги засилува позитивните демографски показатели. Но, едновремено најтешкиот камен на сопнување, што во изминатите години континуирано ги заострува тензиите и разидувањата меѓу ЕУ-лидерите, се токму мигрантите, односно мигрантската криза.

Ова прашање во екот на пандемијата е привремено ставено на страна, иако не ќе може да остане и трајно одложено. Но, во основа, отпорот кон миграните во Источна Европа е засилен токму поради масовниот егзодус на населението од овие земји, кои, со евентуално отворање на просторот за мигранти од поинакви културни и религиозни средини, би го зголемиле ризикот од промена на традиционалната општествена структура, онака како што тоа обично се сфаќа во однос на историското наследство и неговата проекција низ несигурните перспективи на идниот развој.

Напоредно на тоа, во богатите земји ситуацијата покажува обратни трендови. Во Шведска, на пример, благодарејќи на масовното доселување на мигранти во изминатите децении, населението не само што не се намалува, туку се прогнозира дека вкупното население во Шведска по две децении ќе се зголеми за околу два милиона. Но колкумина од нив ќе го зборуваат шведскиот јазик на задоволително ниво, моментно е тешко да се прогнозира. Како ќе се обезбедат станови за толку голем прилив на население, и како ќе се успее во сопирањето на сегрегацијата на населението, се прашања кои го чекаат одговорот пред иднината.

Но најлош можен метод за изнаоѓање на решение за крупните негативни демографски промени е затворање на очите пред суштината на самиот проблем и неправење ништо, напоредно со неодговорно самозалажување дека иднината ќе покаже дека коцките ќе се наместат како што треба. Кому му оди во прилог да се турка под тепих прашањето дали во една мала и сиромашна земја, каква што е Македонија, живеат (без нерезидентите) два милиона жители, еден и пол милион, или можеби нешто помеѓу тие бројки?

Брутализацијата на партиско-политичката дебата веќе одамна ги има преминато границите на пристојноста. Општествената стварност не може постојано да се исполнува со лаги, конспирациски теории и измислици, несоновани политички обвинувања и заложби за анти-демократски идеали, без притоа да се преземе одговорност за идниот развој. А развојот во Македонија е неодвоив од демографското празнење на државата. Со одложувањето на пописот не можат да се одложат и остават под тепих и дилемите и стравувањата пред иднината.

Ивица Челиковиќ

Back to top button
Close