Пописот заврши – преживеавме!

Во цивилизирана, демократска атмосфера, без поголеми проблеми и возбудувања, пописот во Република Северна Македонија заврши. Што би се рекло, преживеавме во уште една (историска!?) победа на нормалноста во државава.

Во последните неколку дена се јавуваат и луѓе кои очекувале, а не биле попишани. Од Државниот завод за статистика велат дека во ниту еден попис не е можна опфатеност од 100% на населението, до последен човек. Во нашиот случај се работи за неколку илјади адреси кои – од најразлични причини – навистина ќе останат непопишани, но тврдат дека таа бројка ќе биде помала и од очекуваната статистичка грешка во вкупните попишани податоци што ќе се коригира и со споредбено користењето на другите постоечки обемни регистри на населението во државата.

Сепак, и тоа ќе биде причина да се продолжи со политички манипулации со „дознаваме“, „од извори вакви-такви“, „како што се слуша“, продолжено да се произведуваат од муви – слонови и да се пренесуваат дезинформации од разни „аналитичари“, „експерти“, евро-пратеници и други провокатори од соседството и пошироко, кои ќе даваат изјави и судови за етничката застапеност во нашево население. Има цела една „ударна бригада“ манипуланти кои само тоа ги интересира: како да се поткопа доверливоста и сериозната аналитичност на податоците, пред да излезат официјалните информации за собраната и обработена статистика за нумеричките состојби во Македонија.

И среде пописот, во изминатите денови различни политички и граѓански претставници лицитираа со процентуалната застапеност на етничките групи во населението – ако не сме волку или толку, не ги прифаќаме резултатите од пописот!

Но, официјално, главниот „политички“ губитник кај нас од успешно завршениот попис е десничарската „Левица“. Таа остана единствената, до крај, со повици и активности за бојкот на попишувачите. И се обрука. Повикот им остана со ефект како кога гнило дрво ќе падне во прашума и никој нема ни да го види ни да го чуе, среде предизборна кампања на која се подготвуваат да освојат десетици илјади локални гласачи. Тоа ја потврдува и тезата дека нивниот изборен резултат ќе биде повеќе протестна реакција кон „големите“ две партии/коалиции во македонскиот партиски блок, одошто – на пример – ефективна поддршка на илјадници граѓани за бојкот на пописот. Граѓаните се позрели од партиите за тоа кога и за што треба да се протестира.

Досегашните официјално соопштени пописни податоци – попишани се нешто над два милиони граѓани и околу 560.000 домаќинства – не навестуваат спектакуларни промени во бројчаната „состојба на нацијата“ (за потсетување, пописот на населението во 2002 година констатираше 2.022.547 лица), иако обработката на податоците ќе покаже колкумина се тука, а колку наши државјани живеат надвор од земјата. Нивниот етнички состав им е во центарот на интересот на политички нервозната јавност, но променетата динамика сериозните статистичари многу повеќе ја очекуваат во структурата на начинот на живот во земјава (урбано-рурална, земјоделие, образование итн.), отколку драматични промени во тоа кој каков јазик зборува или на кој бог му се моли (или воопшто не практикува верска активност).

Koлумната на Сашо Орданоски во целост прочитајте ја тука

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close