Поповиќ: Нема пари, власта ја загрози исплатата на пензиите и вториот столб
Владата на Мицкоски го доведе во ризик еден од најважните столбови на социјалната сигурност – пензискиот систем, пишува во денешното соопштение на СДСМ од прес-конференција на членката на Извршниот одбор на партијата, Наташа Поповиќ.

Нема пари во државната каса за исплата на пензии, а власта го загрози и вториот пензиски столб.
Дупката во ПИОМ се продлабочува и достигна речиси 40%. Ова е резултат на расипничките политики на ВМРО и јасен доказ дека Владата нема решение како да обезбеди долгорочна стабилност на пензискиот систем.
Изјавата на гувернерот Трајко Славески, дека до 80% од идните пензионери кои ќе се пензионираат во периодот 2030 – 2032 година нема да можат да обезбедат ниту минимална пензија, е потврда на катастрофалната состојба во пензискиот систем.
Наместо сериозни реформи и стабилизација, Владата посегна по уште поопасен чекор – го доведува во прашање и вториот пензиски столб.
Вториот столб кој се воведе за да се намали притисокот врз државниот фонд и да се обезбеди дополнителна пензија за идните генерации, сега Мицкоски најавува негово можно укинување или сериозно слабеење.
Парите во овој столб се лични средства кои работниците ги издвојуваат со години за сопствената пензиска сигурност.
Укинување или слабеење на овој столб значи уште поголем притисок врз ионака ослабнатиот државен пензиски фонд.
Дополнително, неговото укинување значи дека идните пензионери ќе зависат исклучиво од државниот буџет – кој е пред колапс.
Во отсуство на правилни политики, власта планира и зголемување на стапката за придонесот за задолжително пензиско за пренасочување на пари кон ПИОМ.
Ова е опасна политика. Кога Владата ги гледа парите на граѓаните како решение за својата неспособност да управува со јавните финансии, тогаш никој не може да биде сигурен дека неговите заштеди ќе останат заштитени.
Ова не е пензиска реформа, туку признание дека власта нема капацитет да го одржува пензискиот систем и да им гарантира сигурна пензија и на сегашните и на идните пензионери.
Фондот за пензиско и државниот буџет немаат доволно пари за исплата на пензиите.
Јавниот долг неконтролирано расте – само за две години ВМРО создаде нов долг од 2,5 милијарди евра, буџетскиот дефицит на средина од годината е потрошен.
И ова не се пари за стабилни пензии и плати, за подобро здравство, образование и повисок животен стандард – туку милиони евра за криминалните партиски тендери на ВМРО.
За две години Мицкоски и неговата Владата не само што ја загрозија сигурноста на сегашните пензионери, туку ја доведоа во прашање и иднината на генерациите што допрва треба да се пензионираат.






