Попризова: „Јавна соба“ и извидничкиот камп јасно укажуваат на непрепознававње за тоа што е сексуално вознемирување

Скандалот со извидничкиот камп сериозно го наруши угледот на извидничкото движење кај нас, кое има традиција. Јас не успеав да видам во медиумите некаква изјава или реакција од страна на извидничката организација и сметам дека треба да објават што презеле во своите редови, кај членовите по овој сериозен инцидент, прецизно да се лоцира одговорноста и сл. Целта на содржините кои се изведувале во извидничкиот камп не можам јасно да ја препознаам, но она што можам да тврдам е дека активностите не се прилагодени на возраста (средношколци), вели во разговор за „Локално“, училишниот психолог Ана Попризова.

Дали овој тип на активност може да се сврсти во сексуален чин извршен без дозвола?

Сметам дека овие активности претставуваат сексуално вознемирување.Сексуалното вознемирување е вид на вознемирување што вклучува употреба на експлицитни или имплицитни сексуални активности, вклучително и непожелно и несоодветно ветување за награди во замена за сексуални услуги. Сексуалното вознемирување вклучува низа активности од вербални престапи до сексуална злоупотреба или напад. Може да се случи во многу различни општествени средини како што се домот, училиштето, секции, клубови, верски објекти, и сл. Насилниците или жртвите може да бидат од било кој пол или род. Сексуалното вознемирување и малтретирање вклучуваат работи како: правење сексуални шеги, коментари или гестови, ширење сексуални гласини (лично, преку текст или социјални медиуми), објавување сексуални коментари, слики или видеа, сликање или испраќање сексуални слики или видеа, барање од некого за „голи“ фотографии од себе, барање за секс или понуда за секс, допирање или грабање некого на сексуален начин.Сексуалното вознемирување и малтретирање може да се случи лично или преку Интернет.

Какви последици или нарушувања можат да се појават кај децата при учеството на вакви активности?

Ефектите од сексуалното вознемирување за секоја личност се тешки, а особено за средношколците. Често може да се поврзани со насилници кои се возрасни или ја злоупотребуваат својата моќ. Дополнително, доколку лицето кое е жртва има доживеано претходно друг стрес или траума во својотот живот, може да се чувствува небезбедно или нападнато. Тоа може да избегнува да оди на места каде што може да биде изложено на вознемирување, како на пример училиште, хоби, секција и сл. Може да чувствува тага, страв или лутина – или сите овие емоции во исто време. Стресот од вознемирувањето генерално влијае врз добросотојбата на младите и може да доведе до проблеми со спиење, грижа, депресија, анксиозност, лутина, огорченост, негативна слика за себе и сопственото тело, изолација и повлекување во себе, чувство на недостаток на контрола врз сопствениот живот и пад на самодовербата, симптоми на психосоматски стрес како главоболки, болки во стомакот, несоница и раздразливост и на долг рок, самоубиствени мисли, употреба на психоактивни супстанции и чувство на несигурност во училиште, како и однесување на самоповредување и ризична диета за девојчиња, и пад на училишниот успех.

Сексуалното вознемирување и сексуалното малтретирање може да предизвикаат проблеми и за насилникот. Некои од овие однесувања се спротивни на законот. Сексуалниот насилник можеби не сфаќа како овие однесувања би можеле да влијаат врз неговиот живот. И во овој случај треба да се работи на изнаоѓање на начини на помош за корекција на однесувањето. Многу често насилникот не препознава дека изведува сексуално насилство или вознемирување, особено доколку се работи за усвоено (научено) однесување од средината во коај живее.

Иако поголем дел од децата веќе се информираат преку интернет. Сметате ли дека е потребно да се воведе задложително сексуално образование во училиштата со цел децата да имаат повеќе информаиции и сами да ја покренат свеста за тоа што се секусални активности, кога е вистинското време да се впуштат во таков чин?

Случувањата со Јавна соба и овој настан со извидничкиот камп, јасно укажуваат на непрепознававње кај средношколците на тоа што претставува сексуално вознемирување и потребна е едукација на оваа тема. Апсолутно сметам дека што побрзо треба да се воведе сексуално образование. Го поддржувам моделот предложен од МОН, за изборен предмет во 9то одделение, бидејќи истражувањата укажуваат дека со разработување на овие теми и поими е значајно да се започне пред започнување на сексуалната активност кај средношколците, за да можат да развијат стратегии за успешно препознавање и споравување со овие појави. Сметам дека програмата е солидна и во еден дел ги опфаќа токму темите кои се однесуваат на препознавање на сексуално вознемирување, давање согласност за врска и сексуален контакт, зајакнување на капацитетие на личноста да изрази несогласност и да се спротивстави и сл. Многу важно е и наставниот кадар добро да се обучи и да се чувствува сигурен во реализирањето на темите. Затоа мислам дека активностите кои се преземаат во пилот фазата каде се спроведе посериозна обука на наставници и тие имаат можност постепено да се воведуваат во темите, со поддршка и менторство на искусни едукатори, е соодветен начин на воведување.

За жал, постојат многу лажни вести и пропаганда поврзана со оваа тема, што само ги зголемува стереотипите и стигмата поврзана со сексуалното образование. Но, реалноста секојдневно не демантира, како и во овој случај со извидничкиот камп, укажувајќи на потребата да се едуцираат средношколците за овие теми, како да препознаваат сексуално вознемирување и како да постапат во таков случај.

Кога децата, а и родителите ќе се соочат со ваков тип на наршување што треба да направат со цел побрзо и посмирено да се надмине траумата?

Секој следен кој ќе се најде во слична ситуација најдобро е да разговара со возрасно лице на кое му верува, (како што беше случајот со извидничкиот камп, со училишниот психолог). На поголема возраст може или јавно да истапи, во случаи кога ќе се добие поддршка од околината дека личноста има капацитети и снаги да го направи тоа (како што беше случајот со девојката која беше жртва на Јавна соба и таткото на девојчето кое во јавност извести за случувањата во извидничкиот камп).

Често личноста се обвинува себе си дека таа е виновна за тоа што се случило, дека таа на некој начин придонела (го предизивикала) за однесувањето на другиот и чувствува вина и срам. Секој има право да се чувствува безбедно и во спротивно да реагира, да се спротивстави. Можно е сексуалното вознемирување да се повторува или засили по ваква рекација. Во тој случај потребно е да се извести возрасен во кој се има доверба, бидејќи оваа појава не е нешто со кое личноста сама може да се справи. Доколку возрасниот на кого му се обратиле, не реагира, личноста не треба да се откажува, туку треба да побара друг возрасен.

Доклку се работи за посериозно вознемирување и појава на симптоми кај личноста, потребно е да се побара и стручна помош од психолог или психијатар, при што би се работело на зајакнување на капацитетите за справување со симптомите и сл.

На родителите им препорачувам да одржуваат комуникација со своите деца, да се обидуваат колку што е можно повеќе да бидат поддршка за нив во процесот на адолесценција, кој е навистина комплексен, за да имаат младите доверба и без страв да споделуваат тоа што им се случува во животот, на сите полиња, а особено поврзано со насилство и сексуално насилство и вознемирување. Да не се плашат да ја отворат темата за сексуално вознемирување во животот на адолесцентот. Но и да разберат доколку не му е удобно на детето да зборува за сопствените искуства со родителот. Ние сме традиционално општество со многу отпор да се зборува за овие теми, а тој е присутен и кај родителите, кои сметаат дека средношколците треба сами да си бараат одговори на овие прашања, како што тоа и тие го правеле. Добар начин е заеднички да се договорат (родителот и средношколецот) да се обезбеди ментор кој има познавања на оваа тема, за да може да разговара и детето и родителот со него.

Важно и системски да биде регулирана оваа проблематика. Често се случува и при пријавување на сексуалното вознемирување, а кај нас и другите форми на вознемирување и насилство, да не се изречат мерки за насилникот.

Сакам да ги охрабрам и колегите од стручните служби да не се плашат да зборуваат за сексуално вознемирување со средношколците во безбеден амбиент, користејќи јазик соодветен на возраста. На пример, можат да разговараат за видовите на сексуално вознемирување и како тоа влијае на средношколците. Можат да се организираат работилници за форми на сексуално вознемирување со корисни информации како да се постапи при вакви случаи, на кого да се обратат и сл., кампањи за нулта толеранција за сексуално вознемирување, политики и протоколи за постапување во случаи на сексуално вознемирување или насилство.

Во случај средношколецот да се обрати до наставниик или стручната служба во училиштето, многу е важно тие да бидат добро информирани за начините за постапување во вакви случаи и/ или да се побара ментроска поддршка доколку е потребна.

Дали јавното говорење за ваков тип на ситуација ќе доведе до поголема свесност – грижа кај родителите, но и кај децата дека сепак треба прво добро да се информираат каде ќе одат и што ќе прават?

Јавното отворање на овие теми е многу значајно, за да можеме како општество да научиме да го препознаваме сексуалното вознемирување и насилство.

Според едно истражување спороведено од ОSCE во 2019г, најчести форми на сексуално вознемирување биле гледање (зјапање) или похотливи погледи кои предизвикале жртвата да се чувствува некомотно, потоа поставување прашања за приватниот живот, непосакуван допир, прегрнување или бакнување, коментари за физичкиот изглед (OSCE, 2019: 37).

Важно е да се напомене дека бројот на случаи на сексуално вознемирување е понизок во Северна Македонија, за разлика од земјите членки на Европската Унија (на пример, 81% во Шведска), но тоа не е резултат на ефективната работа на полицијата или пријавувањето од страна на жртвите, туку е резултат на различните општествени перцепции на сексуалното вознемирување. Имено, во нордиските земји и земјите на Западна Европа, постои долга традиција на движењата за родова еднаквост и сеопфатно сексуално образование, додека на Балканот, па и во Северна Македонија, постои перцепција дека е нормално индивидуи да се однесуваат на таков начин.

Затоа е важно и да се изучува сексуално образование за да може овие перцепции во иднина да се променат, да се развијат програми за превенција и постапки за санкционирање на насилниците, но и да се менува однесувањето на граѓаните. Колку повеќе младите ќе го препознаваат и ќе реагираат, толку се поголеми шансите тоа да се намали во иднина.Без едукација, ги оставаме младите да бидат и понатаму жртви на овој вид насилство и злоупотреба на моќ.

Back to top button
Close