Поради бугарските инсистирања не се усвоени решенија на 15. состанок на историската комисија, велат од македонскиот тим

Денеска членовите на комисијата дискутирале и за можноста личноста на Гоце Делчев да биде заеднички чествувана од двете држави, но како што рекле за МИА од македонскиот тим, и оваа дискусија го покажала различниот пристап и разбирање на историјата и нејзината улога во двете држави

Македонските и бугарските историчари денеска и вчера дискутираа за повеќе прашања во рамки на 15-тата редовна средба на заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања на Северна Македонија и Бугарија, што поради пандемијата со коронавирусот се одржа во онлајн формат. Како што брифираат за МИА од македонската страна во Комисијата, на средбата не се усвоени никакви решенија и препораки што се должи на исклучивиот пристап на колегите од Софија и нивното инсистирање да се наметне нивното гледање за минатото.

Ова беше четвртиот состанок од предвидените пет за оваа година, на мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, на кој, како што информираат од македонската страна на Комисијата биле дискутирани неколку прашања важни за работата на Комисијата.

„На првиот ден од дискусијата членовите на Комисијата разменија неколку предлог-идеи за препораки за учебниците по историја со кои би се подобрило историското образование во двете држави. Како и досега, предлозите од македонската страна беа засновани на современите разбирања за историското образование поддржани од УНЕСКО и Советот на Европа во кои се уважуваат различните погледи и толкувања на минатото. По исцрпна дискусија вториот ден покажа дека двете страни се сè уште далеку од решение кое би довело до подобрување на образовниот процес и остварување на заедничката цел – градење добрососедски односи и пријателство во кое минатото и различните толкувања на историјата нема да бидат пречка“, брифираат за МИА од македонскиот тим.

Во текот на вториот ден, како што информираат за МИА од македонската страна на Комисијата, членовите на комисијата дискутирале и за можноста личноста на Гоце Делчев да биде заеднички чествувана од двете држави.

„Како и во однос на прашањето за учебниците по историја, дискусијата за Гоце Делчев го покажува различниот пристап и разбирање на историјата и нејзината улога во двете држави“,велат за МИА од македонскиот тим на Комисијата.

Средбата на мешовитата Комисија се одржи во изборен период во двете земји – кај нас заврши првиот круг од локалните избори и тече кампањата во пресрет на вториот круг, а во Бугарија во тек е кампања за претседателските и предвремените парламентарни избори, што се закажани за 14 ноември.

На претходниот 14. состанок што се одржа на 10 и 11 јуни, од македонскиот тим во Комисија оцени дека ги имале најтешките разговори досега.

Формирањето на мешовитата македонско-бугарска комисија е согласно Договорот за пријателство, добрососедство и соработка потпишан меѓу двете земји во 2017 година, а нејзината работа е една од точките на патоказот 5+1 како можно решение за спорот со Бугарија и деблокада на пристапните преговори со ЕУ.

Инаку, токму овој 15. состанок беше наведен во објаснувањето на причините зошто историчарот Ванчо Ѓоргиев, кој е дел од комисијата, денеска си поднесе оставка. Тој наведе дека токму на овој состанок кулминирале обидите за политичко влијание врз работата на комисијата, преку директно мешање во стручната работа од страна на висок функционер во МНР.

И министерот за надворешни работи, Бујар Османи, и Владата денеска ги отфрлија ваквите наводи. Османи рече дека вчера, на првиот ден од состанокот, се расправало за Цар Самуил и дали да има препорака за внесување на насоките на комисијата во учебниците, така што, како што посочи, немало простор за какви било притисоци врз членовите на македонскиот тим во комисијата бидејќи, според него, станува збор за тема што е апсолвирана пред околу една година.

Од Владата, пак, рекоа дека во ниту еден момент ниту се мешале, ниту имале какво било политичко влијание во работата на Комисијата, туку, напротив, секогаш ја поддржувале нивната работа, како научници кои сами, заеднички двете страни, ги утврдиле своите принципи на работа.

Колегите на Ѓоргиев од историската комисија исто така реагираа и рекоа дека се изненадени од неговите тврдења. Научните принципи во работата на Комисијата, рекоа останатите членови, биле, се и ќе останат непроменети и не постои никаква основа да се тврди дека постои нов принцип на работа, ниту политички притисок од МНР, Владата или политичките партии.

Back to top button
Close