Поради дрон, привремено затворен аеродромот во Берлин
По привременото затворање поради забележување дрон во петокот вечерта (31.10.2025), главниот аеродром во Берлин, БЕР, денеска ги продолжи редовните операции. Повеќе нема никакви пречки, изјави портпаролот на аеродромот за германската новинска агенција ДПА.

Летањето вечерта беше суспендирано речиси два часа. Одреден број летови беа пренасочени. Според портпаролот на аеродромот, летовите биле суспендирани помеѓу 20 часот и малку пред 22 часот. Неколку авиони кои требале да слетаат на БЕР мораа да бидат пренасочени – четири авиони слетаа во Дрезден, четири во Лајпциг и три на аеродромот во Хамбург. Според распоредот на летови на веб-страницата на БЕР, летовите од Стокхолм, Анталија и од Хелсинки, меѓу другите, беа засегнати.
За да се компензираат доцнењата, на авионите им беше дозволено да полетуваат до 2 часот наутро и да слетуваат во текот на ноќта. Пет авиони кои полетаа ја искористија оваа исклучителна дозвола. Операциите на копно, во меѓувреме, не беа ограничени.
Дроновите во воздухот претставуваат голем безбедносен ризик, особено околу аеродромите. На почетокот на октомври, дронови со непознато потекло ги попречија летовите на вториот по големина аеродром во Германија, Минхен. Бројот на прекини предизвикани од вакви летала со непознато потекло се зголемува.
Во својот тековен извештај, германската контрола на воздушниот сообраќај регистрираше пет прекини поради летови со дронови годинава. Минатата година имаше 20, а во 2023 година повеќе од 15.
Дроновите се забранети во близина на аеродромите, во радиус од 1,5 километри, бидејќи можат да го загрозат полетувањето и слетувањето. Делумно или целосно прекинување на полетувањето и летањето е неопходно кога се забележи дрон. Овие забранети летови со дронови, како опасно мешање во воздушниот сообраќај, можат строго да се казнат.
Извор: dw.com/mk






