Поради градење, лани загубени над 23.000 хектари македонска шума
По пожари, дрвокрадци или напад од болести шумата пробува самата да се обниви. Но, во таа обнова помага и државата со пошумување. Граѓани го собираат семето, кое потоа се откупува од ЈП Национални шуми. Постои намера оваа година да се насадат над 1.000.000 нови дрвца.
„Просекот кој го садиме како Национални шуми секоја година е околу еден милион нови садници и тоа го правиме најмногу во есенските денови и во пролетните денови, меѓутоа акцентот е на есенското пошумување. И, оваа година, заедно со Министерството за земјоделие планираме некаде околу над 400 хектари да посадиме и мислам дека оваа година реалната бројка ќе биде некаде околу 1.200.000 садници, кои ќе ги посадиме иако нашите желби на почетокот беа и поголеми за оваа година, меѓутоа имавме неколку поплави во пролетниот дел кои уништија дел од расадниците кои ги имаме на отворено. Значи, Национални шуми има 11 расадници во државата, во кои има различни садници“, објаснува директорот на ЈП Национални шуми, Валентин Груевски.
Прашавме во кои делови од државата биле уништени тие расадници?
„Делчево. Во поплавите во Делчево во пролетниот дел. Исто и расадникот во Велес ни беше неколку пати поплавен со поројните дождови, кои ги имавме во пролетниот дел на територија на цела држава“, додава Груевски.
Пошумување со сеење
Расадникот во Куманово заедно со тој во Свети Николе е модернизиран со пари од Јапонската амбасада во Македонија. Во него се одгледуваат садниците, кои треба да се искористат за пошумување. Постои и едно друго пошумување, кое се прави со сеење.
„Учествуваме акциски. Одиме по шума, понесуваме вреќи со семе заедно со сѐ лушпа. Не го чистиме семето и ја имитираме природата. Онаму каде што сме интервенирале со одгледувачки мерки веднаш фрламе семе секоја година. Доколу не биде успешно овогодишното потсејување, го повторуваме сѐ додека не биде успешно. Што е целта? Целта е создавање на мешани шуми во паркот“, објаснува Томо Ѓорѓевски, раководител за заштита на шумите во НП Маврово.
Во минатите седумдесет години површината под шума во Македонија е двојно зголемена – од околу 500.000 хектари на над 1.000.000 хектари. Една четвртина од таа површина е постигната со пошумување. Процентот на зафаќање на садниците со сегашните пошумувања во Македонија се движел од 10 до 60 проценти на различни места, информира директорот на Национални шуми, според кого ефектот од акциите „Ден на дрвото“, правени пред една деценија, бил од три до седум проценти. Пошумувањето без натамошна грижа е проблематично.
„Важно е овие млади дрвја да ги преживеат првите години. И ако само садите, а потоа не се грижите, тоа е бескорисно. Тоа е само расфрлање со пари и фондови, и нема никакво влијание. Значи, треба да бидете сигурни дека овие млади садници, а потоа и дрвја, ќе преживеат“, вели Габриел Швадерер, диерктор на германската фондација „ЕуроНатур“.
Во пошумувањето помага и Европската унија.
„Тековната помош на ЕУ во шумарскиот сектор во Северна Македонија се фокусира на градење институции и законско усогласување за одржливо шумарство (…) со цел да се заштитат шумите од нелегална сеча, што е огромен проблем во земјата. Во исто време, поддршката на ЕУ за пошумување е можна и во рамките на ИПАРД помошта за рурален развој“, стои во дописот од Европската комисија.
Теоретски површината под шума не треба да се изгуби поради градба
Статусот на шума и шумско земјиште не се губи, ако на него се случил пожар. Се губи единствено при пренамена за градба на далноводи, патишта, хидроцентрали и тогаш инвеститорите плаќаат за пошумување на друго место на иста големина колку што е загубена со градежните активности. И покрај тоа, над 23.000 хектари шума се згубени во 2022 година.
Едно друго финансирање предизвикува реакции во невладиниот сектор. Во германската фондација „ЕуроНатур“ има незадоволство од тоа што во македонскиот буџет нема пари за менаџирање на националните паркови.
„Мислам дека постои клучно прашање за националните паркови во Северна Македонија, а тоа е дека управувањето со националниот парк треба да биде самофинансирано. И ние мислиме дека ова е погрешно“, вели Габриел Швадерер, диерктор на германската фондација „ЕуроНатур“.
Прашавме дали е погрешно што државата не ги финансира националните паркови?
„Да. Сметаме дека треба да има буџетски удел од националниот буџет за управување со заштитените подрачја. Сега управата на националниот парк е во непријатна ситуација, затоа што тие мора да заработуваат свои пари“, одговара Швадерер.
Директорот на германската фондација „ЕуроНатур“ пренесува впечаток дека некои македонски политичари не сакаат подобрување во однос на состојбата со шумите.
„Имавме многу добра соработка со некои луѓе во владата, во локалните власти и со други имавме впечаток дека тие повеќе блокираат и дека навистина не се заинтересирани за подобрување. Многу сме среќни поради прогласувањето на Шар Планина за национален парк, но не забораваме и дека ова беше многу долга приказна. И Јабланица – предлагавме заедно со Македонското еколошко друштво пред 20 години национален парк. Така што не сме среќни што тоа сега заврши со мал споменик на природата околу изворите во Вевчани. Но, колку што слушнавме, има позитивна поддршка за проширување и подобрување на заштитата таму“, вели Габриел Швадерер од „ЕуроНатур“.
3 / 3
Додека тоа да се случи, на Јабланица нелегално се сечат дрвја, а во тоа учествуваат албански државјани без регулиран престој и дозвола за работа. Со тоа се губи вредноста на шумата и шансите да биде прогласена за национален парк.
Автори: Александар Методијев, Сузана Мицева
Овој текст и документарниот филм „Кревките шуми“ беа развиени со поддршка на Journalismfund Europe.
Извор: Нота