Поради Ковид-19, при строги мерки, само 1000 луѓе на аџилак во Мека годинава

Саудиска Арабија ги соопшти мерките за заштита од коронавирусот за околу илјада верници на кои ќе им биде дозволено да одат на аџилак во јули во Мека.

Како што беше соопштено денеска, верниците ќе можат да земаат исклучиво флаширана вода од бунарот Земзем во дворот на Големата џамија во Мека.

За една од фазите на аџилакот, ритуалот каменување, ќе се користат само претходно стерилизирани и спакувани камења.

Годинава, по првпат, верниците од странство нема да дојдат во Саудиска Арабија, каде обично има околу 2,5 милиони луѓе на аџилак.

Аџии од земјата ќе бидат избрани од редот на здравствените и безбедносните работници кои се опоравиле од Ковид-19, во знак на благодарност за нивната работа за време на пандемијата.

Аџилакот годинава ќе им биде дозволено само на оние на возраст меѓу 20 и 50 години, карантинот ќе биде задолжителен пред и по аџилакот и сите ќе бидат тестирани на коронавирусот.

Во Саудиска Арабија речиси 2.000 луѓе починаа од Ковид-19, а повеќе од 200 000 се заразени со коронавирусот.

Back to top button
Close