Поради слаба продажба, Мерцедес се откажува од своите нови електрични модели
Германскиот автомобилски производител Мерцедес – Бенц ќе го запре производството на електричните модели EQE и EQE SUV веќе следната година, поради слаба продажба и совпаѓање со идните возила.
EQE беше претставен во 2021 година, а SUV верзијата една година подоцна. Иако се уште релативно нови, производството на двата модели ќе запре, пренесува „Autocar“.
Мерцедес планира да ги замени со новите електрични C-Класа EQ и GLC EQ, развиени на модерната MB.EA-M платформа со 800-волтна архитектура, која овозможува поголема ефикасност, практичност и најнова генерација на електромотори.
Иако првично беше најавен редизајн на EQE во 2026 година, компанијата реши да ги запре инвестициите во моделите и да се фокусира на идната електрична Е-Класа EQ, која треба да се појави во 2027 година.
Портпарол на Мерцедес одби да ја потврди информацијата за гасење на производството, но потврди дека наследник на EQE е веќе во развој.