Поради средбата Вучиќ–Курти во Охрид МВР со посебен сообраќајно-безбедносен режим

Активностите, како што денеска соопшти Министерството, опфаќаат физичко и сообраќајно обезбедување на сообраќајниците и на други објекти, за што се веќе остварени контакти и координација со службите на локалната самоуправа, со сите правни субјекти одговорни за одржување на патиштата и улиците во градот, со Фондот за комунални дејности, сообраќај и улици при Општина Охрид, со јавните претпријатија и со други релевантни субјекти

Поради средбата меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Албин Курти, што викендов ќе се одржи во Охрид, во градот и околината веќе се преземаат соодветни безбедносни мерки, информира Министерството за внатрешни работи (МВР).

Активностите, како што денеска соопшти Министерството, опфаќаат физичко и сообраќајно обезбедување на сообраќајниците и на други објекти, за што се веќе остварени контакти и координација со службите на локалната самоуправа, со сите правни субјекти одговорни за одржување на патиштата и улиците во градот, со Фондот за комунални дејности, сообраќај и улици при Општина Охрид, со јавните претпријатија и со други релевантни субјекти.

„Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Охрид интензивно презема мерки за сообраќајно обезбедување, контрола и регулирање на сообраќајот, пред сѐ по булеварот ‘Туристичка’, но и по другите патишта и сообраќајници каде не е дозволено запирање или паркирање на моторни возила и каде е предвидено да се врши непречено пропуштање на возилата со приоритет на минување“се наведува во соопштението на МВР.

Под посебно сообраќајно обезбедување се и останатите магистрални, регионални и локални патишта, заштитниот појас на патиштата, заедно со улиците во населените места и паркинзите.

„Апелираме до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците и по другите подрачја, со цел подигнување на степенот на сигурност за време на овој настан“велат од Министерството за внатрешни работи.

Средбата на Вучиќ и Курти во Охрид е продолжение на состанокот што двајцата го имаа на 27 февруари во Брисел во рамките на дијалогот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина што се води под покровителство на Европската Унија.

Средбата во Брисел меѓу Вучиќ и Курти заврши без договор, но како што изјави високиот претставник на ЕУ за надворешни работи, Жозеп Борел, двете страни постигнале согласност околу предлогот на Унијата за нормализација на односите.

Според најавената агенда, Борел и специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград–Приштина, Мирослав Лајчак, најпрво ќе имаат одвоени средби со Курти и со Вучиќ, а потоа ќе седнат на заедничка средба со нив.

Домаќин на средбата во Охрид ќе биде премиерот Димитар Ковачевски.

Вучиќ и Курти в сабота во Охрид на разговори со Борел и со Лајчак, премиерот Ковачевски ќе биде домаќин на средбата

Back to top button
Close