Пораката на Бајден и Макрон до новата власт на ВМРО-ДПМНЕ

Денко Малески

Николас Бигман беше амбасадорот на Холандија во ОН со кого се запознав како прв претставник на Македонија во светската организација. Имаше убави чувства кон Југославија која, како млад човек, ја крстосувал и каде што ја запознал идната сопруга, родум од Хрватска. По завршувањето на нашите мисии во светската организација го поканив да одржи предавање за меѓународната политика пред моите постдипломци на Правниот факултет во Скопје. Не знам колку тоа имаше влијание веќе пензионираниот дипломат да ја прифати позицијат претставник на НАТО во нашата земја.Во тоа време прермиер беше Бранко Црвенковски а министерка за надворешни работи Илинка Митрева. Со неговото доаѓање во Скопје нашето пријателство продолжи со по некоја средба во Идадија во Дебар Маало. Го прашувам за искуството со нашите политичари а тој ми објаснува дека му е многу непријатно што секогаш мора да биде многу директен со претставниците на нашата власт зашто тие не го разбираат јазикот на дипломатијата. Имено, правило е странски претставници да бидат крајно внимателни во изборот на зборови но таквиот дипломатски јазик не ја пренесува пораката кај нас. Очигледно, ништо не се сменило ни денес, кога неговиот земјак холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп, директно интервенира во нашиот судски систем свесен дека оди по крајните граници на дипломатската пракса.
Зборот ми е: забележувам дека не сме свесни што значи дипломатската порака која некни и ја упатија претседателите на Америка и на Франција на новите власти на Република Северна Македонија. Тие ја повикаа новата влада да остане фокусирана на патот кон ЕУ и да се придржуваат до своите меѓународни обврски. Ова се дипломатски зборови од соопштението на Белата куќа за деталите од средбата меѓу двајцата претседатели во Франција.Ако е точно дека ние како политика не го разбираме дипломатскиот јазик, а точно е, кој би бил тој непријатен директен јазик за кој зборуваше пред повеќе од две децении Ник Бигман? Директниот јазик од Бајден и Макрон би бил: Се повикува новата влада на Северна Македонија да го почитува „францускиот предлог“ и да не ги крши меѓународните обврски од Преспанскиот договор.
Ние, се разбира, можеме дома да продолжиме да се надмудруваме за некакви индивидуални права визави обрските од меѓународниот договор од Преспа, но тоа надвор не поминува. Она што треба да се прашаме е :Колку е сериозно ова предупредување? Би рекол – многу. Да се спомне малата Северна Македонија во негативен контекст, во разговорите меѓу водачите на светската сила број еден и една европска голема сила, во време кога демократските држави во светот се спротиставуваат на руската агресија врз Украина, кога Америка и Русија се на чекор до директна па и нуклеарна конфронтација, кога Макрон, после изборниот пораза за европскиот парламент закажа вонредни избори до крајот на месецов сметајќи дека Французите ќе се свестат и ќе им свртат грб на националистите, зборува дека работата со нас е сериозна.
Сериозна е и затоа што нема излезна стратегија од националистичката клопка во која падна новата власт. Имено, во текот на целата изборна кампања таа беше свртена кон народот и што тој посакува, буквално ги игнорираше пораките на Америка и на Европа како и на домашните критичари, конечно да го откријат својот (непостоечки) план со кој би држеле чекор со евро-атлантските интегративни процеси диктиран од големите сили. Сега на сите ќе им стане јасно дека таков план немало зашто единствениот план на нашите партии е како да се доберат до власта, а за после ќе видиме. Ама штетата е направена и таа ќе ја трпиме цел еден мандат од 4 или 5 години.
Премиерот и претседателката никогаш нема да изговорат „Северна“, зашто ако го сторат тоа ќе загубат образ и ќе треба да заминат од своите функции. Нивниот пример ќе го следат сите државни функционери. Потоа, новата власт ќе ја качи државата на истата вртелешка „за името“, на која се вртевме безмалку три децении.

Back to top button
Close