Пораките на еврокомесарката Кос се изгубија во гравчето, пинџурот и полнетите пиперки

Овие гурмански специјалитети одекнаа толку силно што ја задушија пораката на еврокомесарката дека идентитетот никој не може да ни го одземе. Нејзината изјава беше покомплексна и со поинаков контекст, но во јавноста беше потенциран фрагментот со македонската кујна и беше пренесен еден симплифициран, прилично упростен исказ. Високата гостинка, несомнено, немаше намера да нè навреди, ама ете ги изговори тие зборови, иако веројатно можеше да се изрази и поинаку, бидејќи сме чувствителни на таа тема. Но, која е поентата постојано да се нагласува некаков тенденциозен, непријателски став од ЕУ? Ставовите на Бугарија се познати и кај нас и во Европа, ама таа е дел од Унијата, а ние еве три децении тропаме на нејзините порти. Реалноста е таа. Никој не вели дека треба да бидеме сервилни, недостоинствени, да си ги голтнеме и гордоста и идентитетот. Но кои ни се опциите? Разочарани, уморни, па и папсани, патот до ЕУ да го пробиваме со повеќе сојузници и пријатели или да создаваме непријателства и таму каде што ги нема? Изборот, сепак, е наш

 

 

Посетата на еврокомесарката за проширување и добрососедска политика Марта Кос, која дојде во Скопје за да присуствува на лидерската средба ЕУ – Западен Бaлкан, падна во сенка на нејзината изјава дадена на зaедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски. Говорејќи за тоа дека идентитетот не е предмет на политичко одлучување и најдобар начин да се заштити е членството во ЕУ,  Кос кажа дека идентитет се и манастирите, погачата, тавче гравчето пинџурот и полнетите пиперки. Токму овие гурмански специјалитети одекнаа силно во јавноста, толку силно што ја задушија нејзината пораката дека идентитетот никој не може да ни го одземе.

Иако изјавата на еврокомесaрката беше покомплексна и со поинаков контекст, сепак во јавноста беше потенциран фрагментот со македонската кујна, фокусот беше ставен токму на тоа парче и беше пренесен еден симплифициран, прилично упростен исказ околу кој се поткрена атмосферата и се направи страшна  драматика.

Што кажа еврокомесарката Кос?

Високата европска претставничка на заедничката прес-конференција со премиерот Мицкоски, прашана какви гаранции ЕУ може да ѝ даде на Македонија дека Бугарија нема да го билатерализира процесот, најпрво го нагласи следното:

Нашата политичка цел е да се отворат преговорите за пристап на Северна Македонија, по кластер 1 најскоро можно, штом ќе ги задоволи Северна Македонија релевантните критериуми, договорени со Советот, односно ќе ги имплементира заложбите да се извршат уставните промени…. (од 16,00 минута -16, 26 минута од видеото)

Потоа потенцирајќи дека е многу важно да се изградат конструктивни односи со соседна Бугарија и да се изгради заеднички дух на доверба и разбирање, таа порача:

Сметам дека е многу важно, а денешниот состанок само го покажува тоа, дека Северна Македонија треба да се подбутне на патот кон проширувањето, особено со оглед на тоа дека некои други земји се силни конкуренти за завршување на предпристапните преговори. Сите препознаваме дека ова не е лесно, но можноста е отворена сега за проширување и ние сите треба да ја искористиме оваа шанса. И сите треба да придонесеме, не само овие две земји, туку сите од Европската Унија, да се изнајде начин што ќе овозможи Северна Македонија да започне најскоро што е можно. Најдобра гаранција за овој процес е да се остварат резултати(16, 42 минута – 17, 40 минута)

Кос потоа одговарајќи на новинарски прашања во врска со спорот со Бугарија и гаранциите што ги бара земјава дека процесот на евроинтеграција нема да се оптоварува со билатерални прашања од страна на Софија, кажа:

За Европската комисија ситуацијата е јасна. Доколку Северна Македонија ги исполни заложбите (обврските) и го промени Уставот, што секако не е лесно, свесна сум за тоа, тогаш веднаш ќе започнеме со меѓувладината конференција за отворање на кластерите без какви било дополнителни политички условувања. (18, 36 до 19,05 минута од видеото)

Прашана за коментар околу бугарските амандмани за Извештајот за Македонија, каде се бара „модерен – современ“ македонски јазик и македонска нација, Кос рече:

Членството во ЕУ според мене е најдобриот начин како да се заштити идентитетот, културата и јазикот на Македонците, поради тоа што Европската Унија е изградена на принципот на разноличност и ЕУ се грижи за сите земји членки поединечно, во смисла на тоа што нашиот идентитет е добро зачуван. Можам да зборувам од сопствено искуство Словенија исто така е мала земја со два милиони жители, но откако станавме членка на Европската Унија во 2004 година, словенечкиот јазик е еден од 24 официјални јазици на Европската Унија… 

И откога Молдавија стана земја кандидат во моето портфолио, помагаме во Молдавија да се спречи рускиот наратив што вели дека ќе го изгубат идентитетот. Идентитетот не може, според мене, никогаш не може да стане предмет на политичко одлучувањеИдентитетот е нешто што си го носиме во душите и во нашите срца. Идентитетот е како се чувствуваме и како ја чувствуваме нашата татковина, идентитетот е она како се грижиме за нашата традиција. На пример, манастирите во Северна Македонија, на пример погачата, тавче гравчето, пинџурот или полнетите пиперки… како на пример ги одржуваме традиционалните носии, какви односи градиме со постарите во земјата, каков однос имаме кон зачувување на нашиот јазик и никој не може ова да ви го одземе ова на вас Македонците.  (19,07 до 21,21 од видеото)

Значи, сето ова го кажа еврокомесарката, а сликовито објаснувајќи ги спомна македонската кујна и традиција, што може да се погледне и на видеото од прес-конференцијата споделено на официјалната Фејсбук страница на Владата и на Јутјуб каналот на Владата.

 

Што порача премиерот Мицкоски?

Прашан околу најавените амандмани од бугарските европратеници на Извештајот што треба да биде усвоен во Европскиот парламент на пленарна сесија закажана за 8 јули, Мицкоски кажа дека може сè да очекува и ништо не би го изненадило:

Што се однесува до верзијата од Извештајот што е сега пред европратениците можам да кажам дека очекувам секаков инженеринг, не би ме изненадило ништо. Јас сум малку повнимателен кога станува збор за идентитетот, секогаш. Да тоа е така дека ние го носиме со нас, длабоко во нас. Но, морам да признаам дека овие повеќе од три децении ние изгубивме голем дел од нашиот идентитет менувајќи знаме, менувајќи име, неколку пати менувајќи Устав. И во услови кога немаме гаранција дека ова ќе биде последна идентитетска отстапка која ние треба да ја направиме, јас би бил многу, многу повнимателен, бидејќи се водам од  максимата не ги слушај што зборуваат, гледај ги што прават. А тоа што го направија и сè уште прават дел од пратениците во ЕП од нашиот источен сосед, нема никаква врска со европските вредности. За мене мојот идентитет не е само прекрасната македонска кујна, туку е и Гоце Делчев и Шапкарев, и Миладиновци и Илинденското востание и Дамјан Груев и Јане Сандански…  Не знам дали ќе го споделат истото мислење и колегите од исток, но тоа се луѓето кои се дел од нашиот идентитет, македонски идентитет. (25,08 – 26,44 минута од видеото)

Со ова тој фактички ѝ реплицираше на еврокомесарката Марта Кос, ставајќи ги притоа на исто рамниште  идентитетот и историските прашања.

 

Како министерот Муртезани ја толкува изјавата на еврокомесарката Кос

За разлика од Мицкоски министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, смета дека изјавата на еврокомесарката Кос ја отсликува европската перцепција за идентитетот како нешто што е природно, препознатливо и неоспорно.

Муртезани во гостување на ТВ Сител (01.07.2025), прашан за коментар на изјавата на Кос во која таа ги поврзува македонскиот идентитет со „пинџурот, тавче-гравчето, полнетите пиперки и колку ваквите изјави му помагаат или му прават штета на целиот процес“, одговори:

Прво мислам дека ова што го кажавте е симплификација на изјавата на еврокомесарката, не кажа точно така. Меѓутоа, тоа е начинот на кој во Европа се перципира идентитетот како нешто што се знае дека е ваше, дека припаѓа на одредено поднебје и дека не се поставува под прашалник никогаш, туку се прифаќа, се почитува. Тоа е перцепцијата како од Европа гледаат на идентитетот. Меѓутоа, ние знаеме како е на балканските простори, особено во нашите односи со Бугарија не е така, имајќи предвид дека се проблематизира, се билатерализира една обична резолуција која нема никаков обврзувачки карактер и таму се инсистира да се стави зборот „модерен“ пред идентитетот и јазикот на државата… (од 0,08 до 1,11 минута од видеото)

 

**********

Високата гостинка од ЕУ, несомнено, немаше намера да нè навреди, ама ете ги изговори тие зборови околу кои зовре атмосферата во јавноста. Еврокомесарката, веројатно можеше да се изрази и поинаку кога сликовито го опишуваше идентитетот, за да не ни прозвучува грубо, бидејќи сме чувствителни на таа тема.

Но, која е поентата постојано да се нагласува некаков тенденциозен, навредлив, непријателски став од ЕУ?

Ставовите на Бугарија се познати и кај нас и во Европа, ама таа е дел од Унијата, рамноправна членка, а ние еве три децении тропаме на нејзините порти. Реалноста е таа. Никој не вели дека треба да бидеме сервилни, недостоинствени, да си ги голтнеме и гордоста и идентитетот заедно. Но кои ни се опциите? Разочарани, уморни, па и папсани, патот до ЕУ да го пробиваме со повеќе сојузници и пријатели во Европа или да создаваме непријателства и таму каде што ги нема? Изборот, сепак, е наш.

 

Back to top button
Close