Пораките за Македонија од еден говор во Будимпешта
Не знаеме дали она што порано на неколку пати го изјавуваше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски – дека експерти од Фидес, партијата на унгарскиот премиер Виктор Орбан, навистина помагаат при пишувањето на програмата за изборите на 8 мај – но знаеме дека официјална Будимпешта е во таква изолација меѓу сојузниците во НАТО и ЕУ што ситуацијата станува комплицирана за земјата.
Освен крајно десничарските партии од Европа, Браќата на Италија, француската Национален собир, шпанската Вокс, германската Алтернатива за Германија и сега новата ѕвезда на тоа небо, португалската Шега, Орбан нема некои пријатели во неговото поранешно политичко семејство, Европската народна партија, освен три партии од регионот: СДС на поранешниот словенечки премиер Јанез Јанша, СНС на српскиот претседател Александар Вучиќ и ВМРО-ДПМНЕ. Орбан во Белград е пречекуван како најдраг гостин. А Мицкоски и Александар Николоски одат често во Будимпешта како најверни пријатели.
Веќе напамет знаеме за онаа славна сентенца на високиот американски дипломат Џемс О’Брајан за тоа дека не би купил автомобил од Мицкоски, бидејќи продава нешто (почеток на преговори со ЕУ) без јасен план пред бирачите. Како и одговорот на Мицкоски во интервјуто за емисијата „360 степени“ – „Јас не сум политички подлизурко, да се подлизнувам и да виткам кичма пред влијателни меѓународни дипломатски претставници… Јас верувам во ова што го правам, јас ова не го правам за политички опортунизам“.
Можеби читателите помалку се сеќаваат на една тирада од јануари на високиот вмровски раководител Трајко Славески против администрацијата на Џо Бајден и Џемс О’Брајан и неговата глорификација на победата на Доналд Трамп на примарните избори во Њу Хемпшир.
Во четвртокот во Будимпешта имаше еден говор многу важен за целиот поширок регион. И за Македонија и за оние кои мислат дека претставувањето на херои-одметници, кои не сакаат да ги почитуваат правилата на безбедносниот блок чии членки се, мислат дека прават добро за земјата што ја претставуваат, ја раководат или ќе ја раководат. Тој говор не го одржа премиерот Виктор Орбан, туку амбасадорт на САД во Будимпешта, Дејвид Пресман, на одбележувањето на 25-годишнината од членството на Унгарија, Полска и Чешка во НАТО.
Еден ден подоцна, во петокот 15 март, Орбан го критикуваше Западот во жестокиот говор против Европската унија, повикувајќи ги своите поддржувачи да го „окупираат Брисел“ за време на претстојните европски избори.
„Тие започнуваат војни, уриваат светови, прекројуваат граници и пасат како скакулци“, рече Орбан пред поголемата група поддржувачи во Будимпешта, мислејќи на луѓето од западниот свет. „Ние Унгарците живееме поинаку и сакаме да живееме поинаку“. Тој ги повика своите следбеници да гласаат на европските избори во јуни, да изберат помеѓу „Брисел и унгарската слобода“. „Ако сакаме да ги зачуваме слободата и суверенитетот на Унгарија, немаме друг избор освен да го окупираме Брисел“, рече тој.
Тоа го кажа Орбан, но сега да видиме што кажа амбасадорот Дејвид Пресман во говорот одржан во поранешните простории на протераниот од Унгарија Централноевропски универзитет и зошто тој предизвика толку многу гнев кај унгарскиот премиер. Говорот е без преседан, тоа што го кажува еден американски амбасадор против владата во земјата каде што службува тешко се наоѓа во архивите. Целта е единствена – Унгарија не смее да го загрози единството и сојузништвото во НАТО, да ја поткопува организацијата во која членува и во овој исклучително критичен момент да има повеќе разбирање за Москва и Владимир Путин отколку за западниот демократски свет. Пораката на амбасадорот Пресман искажана неколку пати во својот долг говор е дека во таков случај – „САД ќе дејствуваат“.
Бидејќи ова се пошироки пораки и не само за Орбан и неговата влада и, секако одобрени од Стејт департментот, во овој текст ќе пренесеме опширни извадоци од говорот на Пресман. Тие зборуваат многу повеќе самите за себе отколку нивно прераскажување.
Како Орбан ги заборави своите зборови
„Додека размислуваме за 25 години од нашиот сојуз, ајде да погледнеме каде бевме. Пријателството на Америка со Унгарија датира со векови наназад. Во 2021 година, нашите држави прославија 100 години дипломатски односи, но нашиот однос се протега многу подалеку. Кога храбрите Американци се бореа за својата независност од Британската империја, унгарскиот благородник Михај Ковач беше тој што помогна во развојот и раководењето – и на крајот умре заедно со американската коњаница во Американската револуција.
Долгиот пат до слободата на Унгарија достигна пресвртница пред 25 години кога беше пречекана во Трансатлантската алијанса. Унгарија дотогаш беше на погрешната страна од својата историска судбина, исклучена од Европа, изоставена од заедницата на демократиите.
Виктор Орбан, кој беше премиер кога Унгарија влезе во НАТО во 1999 година, го сфати ова. Кога одржа говор на првото кревање на унгарското знаме како членка на НАТО во Брисел, тој рече: ‘Не можам да не почувствувам дека историјата ги наградува напорите на Унгарците од 1956 година, при прифаќањето на Унгарија како сојузник во НАТО’, во она што тој го нарече ‘Алијанса на Западот’.
Премиерот Орбан жалеше поради долгите години во кои унгарскиот брод останал на отворени води, ранлив. Унгарија можеби стана слободна во 1991 година, но таа продолжи да биде напаѓана од заканувачки сили. Но, со влезот во НАТО, премиерот Орбан потврди: ‘Сега конечно ја закотвивме нашата земја на западниот брег’.
Орбан, исто така, ја истакна важноста од воспоставување демократија и владеење на правото заедно со соседите кои исто така произлегоа од четириесетгодишната комунистичка диктатура. И тој беше во право. Унгарија не беше примена во НАТО поради нејзината трагична историја, туку поради нејзината посветеност на демократска иднина и нејзината способност да придонесе за безбедноста на трансатлантската заедница на демократии. Заедница од која Унгарија сега се наоѓа себеси сѐ поизолирана.
Каде стои овој однос денес?
Овој говор зборува за долгогодишен пријател и сојузник (Унгарија – н.з.) кој кажува и прави работи што ја поткопуваат довербата и пријателството.
Не можеме да го игнорираме тоа кога претседателот на Националното собрание на Унгарија тврди дека војната на Путин во Украина е всушност ‘водена од Соединетите Држави’. Не можеме да игнорираме актуелен министер кој ги нарекува Соединетите Држави како труп чии нокти продолжуваат да растат. Не можеме ниту да разбереме ниту да прифатиме премиерот да ги идентификува Соединетите Држави како ‘главен противник’ на нашиот сојузник, Унгарија. Или неговото тврдење дека владата на Соединетите Држави се обидува да ја собори унгарската влада – буквално, да го ‘порази’.
Некои велат дека треба да внимаваме што прави Унгарија, а не што вели. Но, гледате, сега токму тоа е проблемот: јас не зборувам само за она што го кажува владата, туку за она што го прави, за нејзините постапки.
Систематското преземање на независни медиуми, каде што олигарсите купуваа медиуми само за да ги подарат на фондација контролирана од владата, додека неколкуте медиуми кои останаа независни се соочуваат со истраги, даночни контроли и губење на приходите од реклами – тоа не се зборови, туку дела.
Законот за одбрана на суверенитетот, кој им се заканува на сите вклучени во ‘демократска дебата’ или ‘застапување’ во одбрана – не на суверенитетот на Унгарија – туку само на напорите на една партија да го монополизира јавниот дискурс.
Важноста да се работи заедно
Поистоветувајќи ја ‘независноста’ со ‘опозиција’, независните медиуми во Унгарија добиваат етикета за опозициски медиуми. Независните невладини организации добиваат етикета како политички пристрасни. Независните судии кои искажуваат мислења неповолни за владата или се среќаваат со американскиот амбасадор, се етикетирани како политичари финансирани и насочени од странство.
Се чини дека оваа влада има мал интерес за конструктивен дијалог за решавање на овие проблеми. Со другите сојузници се ангажираме, соработуваме, работиме заедно – дури и таму каде што имаме разлики. Овде, тоа не функционира – сѐ додека не дејствуваме.
За време на администрацијата на Трамп, Соединетите Држави ја предупредија Унгарија за опасностите што е домаќин на Руската меѓународна инвестициска банка во Будимпешта. Ги продолживме овие предупредувања по обновената руска инвазија на Украина. За жал, владата одлучи не да го намали тоа, туку да го удвои; да не се затвори платформата на Кремљ, туку да се зголемат инвестициите на Унгарија во неа.
Минатиот април ја санкциониравме оваа руска банка, што беше вонредна мерка против ентитет во Европската унија, чиј домаќин е сојузник на НАТО.
Дваесет и четири часа откако ја санкциониравме банката, Унгарија се повлече.
Сега сојузниците на Унгарија ја предупредуваат Унгарија за опасностите од нејзините блиски и проширени односи со Русија. Ако ова е политичкиот избор на Унгарија – и станува сè појасно дека е тоа со шестото патување на министерот за надворешни работи во Русија по руската инвазија на Украина, и со неговото следно патување во Русија планирано за две недели, и средбата на премиерот со Владимир Путин во Кина – ќе треба да одлучиме како најдобро да ги заштитиме нашите безбедносни интереси, кои, како сојузници, треба да бидат наши колективни безбедносни интереси.
Овие легитимни безбедносни грижи – кои ги споделуваат триесет и еден сојузник на Унгарија – не можат да се игнорираат.
Не е само тоа што не се согласуваме за руската војна во Украина. Тоа е и дека руската војна во Украина јасно стави до знаење дека повеќе не можеме да ги игнорираме долгогодишните несогласувања кои ги поткопуваат нашите односи и нашата заедничка безбедност. Војната не нè подели, но откри точки на тензија кои предолго беа оставени нерешени. Ниту еден од нас не смее да си дозволи да чека.
Унгарија вели дека сака мир и затоа отворено ги повикува САД и другите сојузници да ја отсечат Украина од воената поддршка за да се принуди на итен прекин на огнот и мировни преговори.
И САД сакаат мир. Сакаме оваа војна да заврши. Но, унгарскиот предлог не се заснова на реалноста. Дали Унгарија навистина верува дека ако нашите партнери и сојузници ја прекинат нашата воена поддршка за Украина додека таа се бори на своја територија за самиот нејзин опстанок, тогаш Русија ќе дојде на преговарачка маса? Или Русија би го направила она што го направи на друго место и ќе одземе повеќе од нивната земја, ќе ограби повеќе од нивниот имот, ќе лиши повеќе од нивниот народ од слобода, ќе киднапира повеќе од нивните деца? Унгарската политика се заснова на фантазија дека разоружувањето на Украина ќе го спречи Путин. Историјата покажува дека би се случило обратното. Тоа не е предлог за мир; тоа е капитулација.
„Додека Унгарија чека, ние ќе дејствуваме“
Ова не е пристапот на Трансатлантската алијанса, сојуз кој стоеше цврсто пред лицето на советската империја и се појави недопрена и во подем додека Советскиот Сојуз се распаѓаше.
Унгарија може да застане со Украина, заедно со сите нејзини сојузници во НАТО, да бара вистински мир, кој може да се заснова само на слобода, наместо да стои покрај Русија и да повикува на предавање и потчинување.
Во исто време, високите унгарски функционери кажуваат приказни за мешање во внатрешните работи на Унгарија. Сепак, се чини дека тие немаат дилеми самите флагрантно да се вклучат во такво мешање.
Премиерот Орбан, кој од една страна неосновано тврди дека владата на Соединетите Држави се обидува да ја собори неговата влада, јавно повикува на политички пораз на претседателот на САД и активно учествува во партиските политички настани во САД. Унгарија се залага за изборни кандидати ширум светот, од Полска до Бразил, а го осудува странското мешање овде дома.
Кој ја предводи владата на Соединетите Американски Држави – или која било влада – е прашање за кое одлучува само народот на таа земја.
Додека Унгарија се обидува да чека промени кај оние со кои не се согласува, без разлика дали се во Соединетите Држави или во Европската унија, остатокот од светот оди напред. Иако владата на Орбан можеби сака да ја чека владата на Соединетите Држави, Соединетите Држави сигурно нема да ја чекаат администрацијата на Орбан.
Додека Унгарија чека, ние ќе дејствуваме.
Соединетите Држави и Унгарија нема да се договорат за сè, и тоа е во ред. Ние не се согласуваме со ниту една земја за сè. Но, како сојузници, треба да се договориме за големите работи, за работите што се најважни, и врз основа на тоа, можеме да работиме преку какви било разлики за што било друго. Треба взаемно да бидеме загрижени за благосостојбата на демократските вредности, институциите и нашите односи – без разлика кој ја има привилегијата привремено да раководи со која било од нашите влади.
Има простор да се критикува – ниту една влада не е совршена, вклучително и мојата. Големата сила на Соединетите Држави беше нашата подготвеност да се соочиме со нашите недостатоци и отворено да дебатираме за нив. Додека дивата реторика на унгарската влада во медиумите контролирани од државата може да поттикне страст или да ја запали изборната база, опасните незасновани антиамерикански пораки е избор на политиката и ризикува да ги промени односите на Унгарија со Америка.
Не е време за политички игри
Ќе зборуваме и јасно за тоа што се случува и што гледаме. Ќе го опишеме она што го гледаме во Унгарија и во односот на Унгарија со нејзините сојузници. И тоа ќе го направиме непоколебливо.
И, конечно, и можеби најважно, нема да чекаме. Додека Унгарија може да избере да ги чека САД, САД нема да го сторат истото.
Соединетите Држави не го дадоа светото ветување дека ќе пролеат американска крв за да ги бранат Французите или германскиот народ или унгарскиот народ затоа што ги цениме овие народи или култури или јазици или религии или кујни повеќе од оние на другите земји кои не се во алијансата.
Ние го даваме тоа ветување затоа што споделуваме начин на живот како слободни луѓе кои можат сами да изберат своја влада; не како држави, туку како демократии. Ние се обврзуваме да се браниме еден со друг, не поради она што нѐ дели како различни нации, туку поради она што нè обединува во семејството на демократии.
Живееме во турбулентни времиња. Никој не може да се сомнева во тоа. Но, токму во овие тешки времиња кога пријателствата и сојузите се најсериозно на тест, тие исто така може најсилно да се коваат. Ова не е време за политички игри. Време е за цврста решителност.
Иако наутичката метафора можеби е незгодно прилагодена овде, во прекрасната, но без излез на море Унгарија, онаму каде што започна вашиот премиер пред 25 години, тука ќе заклучам денес. Унгарскиот брод гордо се ‘закотви’ на Запад пред 25 години. И таму припаѓа. Но, акциите и реториката на оваа влада прават да звучи како да не се чувствува толку цврсто закотвено. Соединетите Американски Држави нема да дејствуваат како ваш сојузник ако не ја изразиме директно загриженоста за курсот што Унгарија го крои, низ разбрануваното море по сопствен избор“.
Ова се некои делови од говорот на американскиот амбасадор во Будимпешта Дејвид Пресман. Многумина овде ќе ги разберат овие пораки, некои нема да сакаат да ги разберат, иако ги сфаќаат. Во светот на големите заеднички интереси на безбедносните сојузници владејат правила кои некогаш изгледа дека не се гледаат, иако се јавни. Орбан долго ја одлагаше ратификацијата на членството на Шведска во НАТО за потоа по неиздржливиот притисок да се согласи на тоа. Па и да нарача купување на уште четири авиони ловци „Грипен“ од Шведска, покрај десетте исти што Унгарија веќе ги има.
Овде вчера, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, изјави дека купувањето на осумте италијански хеликоптери „Аугуста“ за 230 милиони евра (испорака од 2026 до 2028) било „расипништво“, дека тие пари требало да им се дадат на општините да ги решат проблемите. А во исто време врвните лица од неговата партија ќе го глорифицираат Трамп, кој се закани дека ако стане пак претседател САД нема да ги бранат оние членки на НАТО кои не издвојуваат доволно за одбраната. Што е ова – политички аматеризам или орбанизам?