Поранешен директор во „Мајкрософт“ му пишувал на Епштајн дека сопругата и ќерката на Путин биле на неговата јахта

Интересот на Џефри Епштајн за Владимир Путин е документиран во материјалите што американското Министерство за правда ги објави кон крајот на јануари. Сега се појави уште една интригантна врска меѓу осудениот сексуален престапник и рускиот претседател: во досега необјавени електронски пораки што ги разменувал со Епштајн, поранешниот извршен директор во „Мајкрософт“, Нејтан Мирволд, навел дека во 2010 година на својата јахта ја угостил сопругата и ќерката на Путин.

Како што пишува рускиот независен медиум „Медуза“, Епштајн на 27 октомври 2010 година му испратил кратка порака на Мирволд со прашање: „Дали Путин беше на твојот брод?“ Одговорот пристигнал истиот ден: „Неговата сопруга и ќерка“, напишал Мирволд, потпишувајќи се со своето име.

Владимир Путин беше во брак со Људмила Путин од 1983 до 2013 година, а од тој брак има две ќерки – Марија Воронцова и Катерина Тихонова.

Преписката е пронајдена во најновиот сет документи од истрагата на американското Министерство за правда за Џефри Епштајн, финансискиот посредник кој во 2008 година беше осуден за кривични дела поврзани со детска проституција, а во 2019 година обвинет за трговија со деца заради сексуална експлоатација, по што истата година почина во притвор.

Во други објавени верзии на истите електронски пораки, одредени податоци, вклучително и името на Мирволд, се редактирани. Не е познато кога наводно се случило патувањето со јахта, ниту која од ќерките на Путин би можела да биде присутна. Исто така, не е јасно зошто Епштајн бил заинтересиран за таа посета.

Името на Путин се појавува во повеќе од илјада документи од најновиот пакет материјали поврзани со Епштајн. Според објавените записи, Епштајн со повеќе лица разговарал за можноста да се сретне со рускиот претседател, но нема докази дека таква средба навистина се случила.

Нејтан Мирволд (66) изгради кариера во технолошката индустрија пред да се посвети на патентирање изуми, развој на нуклеарна енергија и кулинарски истражувања. Во 1980-тите докторирал физика на Универзитетот Принстон, а работел и со Стивен Хокинг на Универзитетот Кембриџ. Во „Мајкрософт“ се приклучил во 1986 година, а од 1996 до 2000 година бил главен технолошки директор на компанијата. По заминувањето, ја коосновал компанијата „Интелектуал вентурс“ и е член на управата на „Терапауер“, стартап за нуклеарна енергија поврзан со Бил Гејтс.

Според „Сиетл тајмс“, новообјавените документи укажуваат дека контактите меѓу Мирволд и Епштајн датираат најмалку од 1996 година, а од 2010 до 2018 година редовно разменувале пораки и се среќавале во Сиетл и Њујорк.

И покрај тоа, преку свој портпарол, Мирволд повеќепати негирал дека имал личен однос со Епштајн, наведувајќи дека го познавал од конференции и како донатор на научни истражувања, како и дека жали што воопшто го запознал.

Во дел од електронските пораки, Епштајн го поканувал Мирволд на својот приватен остров на Американските Девствени Острови, место за кое повеќе жртви тврдат дека било база за неговите нелегални активности. Преписката содржела и пораки со вулгарна содржина, што, според медиумските извештаи, упатува на поблизок однос меѓу двајцата.

Податоците за јахтата на Мирволд се јавно достапни. Според отворени извори, тој е сопственик на 49-метарската суперјахта „Телеост“, изградена во 1998 година, со проценета вредност од околу 15 милиони долари и годишни трошоци за одржување од 1,5 милиони долари. Јахтата е достапна и за изнајмување по цена од 195.000 до 220.000 долари неделно.

Извор: skopje1.mk

Back to top button
Close