Поранешен главен албански обвинител осуден на две години затвор и одземање имот

Специјалниот суд против корупција и организиран криминал го прифати барањето на Специјалното обвинителство (СПАК), осудувајќи го на две години затвор, поранешниот главен државен обвинител Адриатик Лала, кому му се судеше за обвинение за нелегално стекнат имот.

Покрај затворската казна, на Лала, му се забранува извршување јавна функција во следните пет години. Исто така донесено решение за конфискација на стан во Драч од 60 квадратни метри и три хектари обработливо земјиште што го поседувал, а не можел да го оправда потеклото.

Неговиот адвокат Сокол Хазизи најави жалба на судската одлука.

Лала го одби предлогот за скратен судски процес, што ќе му дадеше можност за намалување на казната за една третина.

На функцијата главен обвинител Лала беше избран во декември 2012 од страна на албанскиот Парламент со 101 глас „за“, со претходно постигнат консензус меѓу политичките партии.

До неговото заминување од функцијата во ноември 2017 година се сметаше за еден од највлијателните луѓе во Албанија, од кого многумина стравувале. Во 2018 година, на Лала му беше забранет влез во САД поради сомневање за вмешаност во корупција.Забрана за влез во САД има и за неговата сопруга и двете деца.

Back to top button
Close