Поранешната хрватска министерка Жалац осудена на седум месец затвор поради злоупотреба на положбата и овластувањата
Жупанскиот суд во Загреб денеска ја осуди на седум месеци затвор поранешната хрватска министерка за регионален развој и фондови на ЕУ, Габриела Жалац за злоупотреба на положбата и овластувањата, соопшти Канцеларијата на европскиот јавен обвинител (ЕППО).
Жалац, која беше министерка од мај 2017 до јули 2019 година, најмалку деветпати наредила нејзините приватни трошоци во угостителските објекти да бидат платени со јавни пари. Утврдено е дека овие трошоци се делумно вклучени во трошоците за набавка на Дирекцијата за стратешко планирање и координација на фондовите на ЕУ од Оперативната програма за конкурентност и кохезија.
Жалац, која приватните трошоци ги подмирувала со јавни средства, се стекнала со имотна корист во износ од 9.732,35 евра – на штета на финансиските интереси на ЕУ (85 отсто) и на Република Хрватска (15 проценти).
Пресудата е донесена врз основа на спогодба за признавање на вина, бидејќи Жалац се изјасни за виновна. Уште за време на истрагата, таа го уплатила целосниот износ од 9.732,35 евра отштета.
ЕППО е независно јавно обвинителство на Европската Унија, одговорно за истрага, гонење и обвинение за дела против финансиските интереси на ЕУ, а го води Лаура Ковеши.
Жалац и претходно е осудена во аферата „Софтвер“. Жупанскиот суд во Загреб во јуни ја осуди на две години затвор за злоупотреба на положба и овластување и злоупотреба на влијание. Пресудата беше исто така резултат на спогодба за признавање на вина, а пред потпишувањето на спогодбата, таа плати 200.000 евра како делумна отштета.
Таа е осудена дека при набавка на информатички систем во 2017 година вештачки ја зголемила цената на 1,73 милиони евра. Се проценува дека буџетот на ЕУ е оштетен за најмалку еден милион евра, а државниот буџет на Хрватска за речиси 300.000 евра.
Против Жалац беше спроведена посебна истрага поради сомневање дека со средства од ЕУ ја платила и прославата на нејзиниот роденденот, што е потврдено и со денешната пресуда.