Поранешниот босански министер Ахметовиќ осуден поради злоупотреба на службената положба

– Поранешниот министер за безбедност на Босна и Херцеговина, Садик Ахметовиќ денеска е осуден на шест месеци затвор, откако Судот на БиХ го прогласи за виновен за злоупотреба на службената положба.

Ахметовиќ беше прогласен за виновен за склучување фиктивен договор за вработување на лице кое било ангажирано како возач во Министерството, а му исплаќал и за подготовка на документација, собирање податоци, изготвување стратешки планови и информации за безбедносната состојба поврзана со организираниот криминал, тероризам, јавен ред и мир, како и за други работи од доменот на Министерството за безбедност.

Судот го прифати заклучокот од истрагата дека Аднан Бектиќ, со кого е потпишан договорот, никогаш не ги извршувал задачите опишани во договорот, туку го возел Ахметовиќ како министер, иако тој не бил вработен како возач.

На тој начин Ахметовиќ му овозможил на Бектиќ незаконски да се стекне материјална добивка во износ од нешто повеќе од 15.000 конвертибилни марки (околу 7.600 евра).

Ахметовиќ беше назначен за министер за безбедност како кадар на Партијата за демократска акција (СДА и беше на функција од 2009 до 2012 година. Потоа се повлече од раководството на партијата и се вклучи на локално ниво во Сребреница, каде што е роден, охрабрувајќи го враќањето на Бошњаците.

По изрекувањето на пресудата, Ахметовиќ изјави дека пресудата е политички мотивирана.

– Сето ова е нарачано“, изјави Ахметовиќ, додавајќи дека не се чувствува виновен и дека на никаков начин не и наштетил на државата.

Тој најави дека ќе ја обжали пресудата.

Back to top button
Close