Поранешниот шеф на ФБИ Коми ги негира обвиненијата, има доверба во судскиот систем

Поранешниот директор на ФБИ, Џејмс Коми, ги негираше обвиненијата поднесени вчера против него, изјавувајќи дека е невин и оти има доверба во федералниот судски систем.

– Моето срце е скршено за Министерството за правда, но имам голема доверба во федералниот судски систем, а јас сум невин, па затоа – да имаме судење и да ја задржиме вербата, напиша тој на Инстаграм.

Како што пренесе ДПА, 64-годишниот беше обвинет од федерална голема порота по силен притисок од американскиот претседател Доналд Трамп. Министерството за правда соопшти дека тој се соочува со обвиненија, вклучувајќи давање лажни изјави и попречување на истрага на Конгресот.

За време на првиот мандат на Трамп, Коми ја водеше истрагата за руско мешање во претседателските избори во 2016 година, истражувајќи можни врски меѓу Москва и членови на изборниот тим на Трамп. Трамп го отпушти Коми во 2017 година, додека истрагата сè уште беше во тек.

Коми беше назначен од претседателот Барак Обама во 2013 година и ја водеше институцијата до мај 2017 година. Тој стана особено познат и по неговата улога во истрагата поврзана со користењето приватен мејл-сервер од страна на Хилари Клинтон додека била државен секретар,

По отпуштањето, тој стана јавна фигура и критичар на Трамп, а во 2018 година ја објави книгата A Higher Loyalty: Truth, Lies, and Leadership, која стана бестселер.

Во видео објавено на Инстаграм, Коми рече дека одамна разбрал оти спротивставувањето на Трамп има цена.

– Некој што многу го сакам неодамна ми рече дека стравот е алатка на тиранин, и таа беше во право, но јас не се плашам, и се надевам дека ниту вие не се плашите, изјави тој.

Обраќајќи се директно во камера, тој ги повика американските граѓани да се вклучат и да гласаат, велејќи: „Се надевам … дека внимавате и дека ќе гласате како вашата сакана земја да зависи од тоа – бидејќи зависи“.

Back to top button
Close