Пораст на трговијата со луѓе во услови на пандемија, социјалните мрежи нов облик за регрутација

 Трговија со луѓе, тема многу чувствителна, сериозна, за ранлива категорија граѓани, што укажува на потребата од континуирано работење заради препознавање, давање помош и поддршка, но во јавноста многу малку пласирана и на која малку и е посветено внимание.

Најважен е пристапот, жртвата мора да почувствува дека ја разбираш, дека не е само бројка, да стекне доверба, оти може да очекува помош, оти не е сама и оти ќе ја водиш низ каналите до безбедност и заштита. Треба да се јакне и свеста за да бидеме подготвени да им помогнеме безрезервно на жртвите на трговија со луѓе (ЖТЛ) преку соодветните стручни капацитети од надлежните експерти во делот на стручната помош и поддршка и во обезбедувањето на сите права што им ги дава и Уставот и меѓународните документи како граѓани на оваа држава.

Трговијата со луѓе е општествен, повеќедимензионален, криминален, и социјален проблем со кој се кршат основните човекови права и слободи на ЖТЛ. РС Македонија е една од првите земји во регионот која ги започна законските реформи за ефективна борба против трговијата со луѓе и има воспоставено одговорен, оперативен и координативен систем во согласност со релевантните меѓунаордни конвенции и протоколи.

Ана, која веќе е ресоцијализирана жртва на трговија со луѓе, во телефонски разговор, ја раскажа својата приказна. Како една од |ЖТЛ, искрено, вели таа, не се излажав ниту за пари, ниту за шетање, бидејќи потекнувам од добро ситуирано семејство, само што ете, издивнува, запознав погрешни луѓе и навлегов во погрешни води. Нагласува дека не е таа единствена жртва на трговија со луѓе, има, истакна Ана, и ќе има жртви на трговија со луѓе. Затоа,  испраќа, како што вели, порака од срце до сите, да ги слушаат своите родители, да се внимава, да не им се верува на сите луѓе, да се чуваат, оти не се знае никогаш од каде демне злото.

Ана оценува дека државата треба повеќе да се ангажира за оваа проблематика, социјалните работници да бидат на располагање, да бидат поблиску до граѓаните. Најважно е, според неа, во училиштата, на учениците во седмо, осмо одделение и на средношколците, тимови составени од професионалци да им објаснуваат со што може да се соочат и што може да им се случи.

– Се трудам на сите да им укажам дека не е сјајно и оти ЖТЛ се малолетни девојчиња со 13, 14, 15 и 16 години, девојчиња кои можат лесно да се излажат. Некои ги подмитуваат со пари, некои со шетања и тоа е тоа како секој може да се излаже, изјави Ана.

Проширување на мултисекторскииот пристап, програми, средства, буџет и можности, за да можат овие лица да бидат на еднаква основа со другите, да можат независно да живеат, да функционираат и да придонесат во општеството. Активно вклучување и соработка со локалните самоуправи во целиот процес во борбата против трговијата со луѓе, особено во текот на нивната ресоцијализицијата за да можат лицата да продолжат со нормален живот, креирање програми за ресоцијализација на локално ниво, вклучување ресурси со кои располага општината и формирање локални комисии за борба против трговијата сз луѓе.

Ова се дел од заедничките препораки за поефикасна и поуспешна борба против трговијата со луѓе, упатени од страна на заменик народниот правобранителот Васка Бајрамовска – Мустафа, од Магдалена Несторовска, државен секретар во МВР и координаторка на Национална комисија за борба против трговијата со луѓе, од Светлана Цветковска, координаторка на Националниот механизам за упатување жртви на трговија со луѓе при  Министерството за труд и социјална политика, од Маја Варошлија, раководителка на програма за помош и поддршка Отворена Порта – Ла Страда и од Соња Божиновска Петрушевска, раководител на канцеларијата на Mеѓународната организација за миграција (ИОМ).

Тие укажуваат и на тоа дека актуелна е проблематиката на трговија со деца за сексуална експолатација преку интернет сајтовите.

Дури се освестив, веќе навлегов во тој круг, морав да спасувам жива глава

Ана ни раскажа дека доаѓа од град во внатрешноста на РС Македонија. Жртва станала сосема случајно преку нејзина другарка, не знаела што таа работи и тргнала во нејзино друштво.

– Бев мала, тинејџерка и нормално како тинејџер – се што лета се јаде, но не било така. Дури се свестив веќе навлегов во тој круг и морав некако да спасувам жива глава. Сепак полицијата интервенираше, многу ми помогнаа Отворена порта прифатилиштето и не можам да опишам колку сум благодарна и ден денес сме во контакт иако има поминато многу години, изјави Ана, која повика оторено да се зборува за ова прашање со цел да им се даде поддршка и помош на ЖТЛ.

Ја прашав дали самата таа успеала да пријави во полиција или била идентификувана како ЖТЛ од страна на надлежните институции.

Немав јас пристап до телефон, одговори таа и појасни дека сосема случајно полиција стопирала и ги однела во полициска станица, бидејќи биле малолетни.

– Не запреа и не зедоа во станица бидјеќи бевме малолетни , немавме лични карти, ништо немавме, а шетавме во 2 во 3 часот наутро. Не приведоа во станица и тогаш таму констатираа дека се работи за жртви на трговија со луѓе. Од полицијата баш многу не сум задоволна, искрено. Како институција полицијата не си ја врши доволно својата работа, како што треба да си ја врши. Исто така и од социјалните служби не сум многу задоволно, бидјеќи само еднаш бев во социјално и толку. Не ме контактираа, ниту нешто друго. Најмногу ми помогнаа инспектор од Скопје и прифатилиштето Отворена порта. Тие ми помогнаа пак да се вратам во нормала, да почнам да живеам свој живот. Завршив средно образование, после тоа се запишав на факултет. Тие беа луѓето кои навистина ми помогнаа да застанам на свои нозе, рече Ана.

Таа потенцира дека не добила ништо од државата, единствено, како што рече,  многу му е благодарна на извесен инспектор Славчо од Скопје, кој ја однел во прифатилиштето на Отворена Порта, и помогнал и и го спасил нејзиниот живот. Од Отворена Порта, говореше со треперлив глас Ана, ми помогнаа, ми обезбедија доктор, покрив над главата, социјален работник да работи со мене, психолог и нивен адвокат.

Ја прашав дали имаше судска разрешница на нејзниот случај, таа одговори потврдно дека случајот бил решен, требало да и биде исплатена отштета, но до ден денешен, вели, не е исплатена. Сепак, најважно е, истакнува таа, тоа што по судскиот случај, не добила никаква закана, бидејќи полицијата од Скопје, се погрижила и со документ забраниле да можат да и се приближуваат. Ни посака секое добро и изрази надеж дека се поотворено ќе се говори за присутноста на оваа зло, кое, како што истакна, може да уништи многу човечки судбини и животи.

Национален механизам за упатување жртви на трговија со луѓе (НМУЖТЛ)

Во Министерството за  труд и социјална политика во 2005 година е воспоставен Националниот механизам за упатување жртви на трговија со луѓе (НМУЖТЛ), што е рамка за соработка меѓу институциите и здруженијата на граѓани кои работат на ова поле. Тоа значи идентификација на ЖТЛ, нивно упатување на соодветни сервиси и услуги за помош и поддршка, гарантирање на нивните права согласно меѓународните стандарди, помош и поддршка за ресоцијализација и реинтеграција, враќање во нашата држава или во друга држава каде се резиденти и прoдолжување со нивниот живот согласно нивните убедувања.

Светлана Цветковска, координатор на НМУЖТЛ во Министерството за труд и социјална политика, укажува на тоа дека важен елемент се социјалните работници од Центрите за социјална работа, па затоа во секој Социјален центар има по две обучени лица кои работат на оваа проблематика. Се соработува, вели таа, и со трудовите инспектори кои се надлежни покрај другото да вршат и проценка и идентификација на потенцијални ЖТЛ за трудова експлоатација.

Во таа насока, Цветковска се осврна на формираните мобилни тимови, чија цел е да се направи проактивна улогата во делот на идентификацијата и да работат со ранливите категории на граѓани. Цветковска појаснува дека мобилните тимови вршат теренска работа и многу добро ги познаваат условите во кои егзистираат ранливите категории и можат да препознаат одредени индикатори што упатуваат на ЖТЛ.

– Идентификацијата на ЖТЛ е долг и сложен процес. При првите сигнали тие лица се упатуваат за помош и поддршка во центрите за социјална работа. Се разговара со нив, се гледа кои се нивните итни потреби и се врши обезбедување на потребите во насока на нивна заштита. Им се нуди сместување во прифатилиште за жртви на трговија со луѓе. Генерално статистиките во однос на базата на податоци за ЖТЛ покажуваат дека околу 10 лица на годишно ниво се идентификувани како ЖТЛ. За 2021 година досега се идентификувани две ЖТЛ и двете се деца од женски пол, сместени се во Центарот за ЖТЛ и ја добиваат соодветната помош и психолошка поддршка, а се подготвува и системот каде понатаму ќе бидат ресоцијализирани, истакнува Цветковска која долги години работи на оваа проблематика.

Инаку, првиот Центар за ЖТЛ е отворен во 2011 година, а таму овие лица остануваат од три до шест месеци или до една година, зависно од нивните потреби, од тоа како се одвива судската постапка и каков е безбедносниот ризик по нивниот живот и здравје.

Ресоцијализицијата во местото на живеење или онаму каде што ќе одлучат тие да бидат вратени, информира Цветковска, се одвива  во Центарот за социјална работа, каде ги вклучуваат во системот на социјална заштита зависно од возраста, можностите, потребите и интересите на самите лица, а се вклучуваат и во активни мерки за вработување или пак во образовниот систем.

 – Сакам да истакнам. Во текот на ресоцијализицијата понатаму ни е потребна помош и соработка со активно вклучување на локалната самоуправа затоа што лицата треба да продолжат со нормален живот. Локалната самоуправа е таа што треба да креира програми за ресоцијализација на локално ниво, да бидат вклучени сите ресурси со кои располага локалната самоуправа и да се стават во функција согласно потребите на жртвите, порачува Цветковска, координатор на НМУЖТЛ.

Таа информира дека Министерството за труд и социјална политика треба да подготви генерална програма за ресоцијализација и реинтеграција што понатаму локалната самоуправа и другите институции треба да ја симнат на локално ниво и да ја имплементираат. До донесувањето на оваа програма, нагласува Цветковска, имаме специфична програма за реинтеграција на ЖТЛ, и на деца на ЖТЛ и врз основа на таа програма социјалните работници подготвуваат план за реинтеграција, а го спроведуваат социјалните центри. Се подготвува план за секое лице посебно затоа што, појаснува Цветковска, на некои им треба домување, образование, бидејќи програмата е индивидуална  според можностите, потребите и интересите на лицата и е флексибилна, во текот на една година, колку што се спроведува. Генерално, посочува таа, има по еден социјален работник што е одговорен, кој го води случајот, но се вклучуваат и други стручни профили зависно од потребите.

– Често поради траумите што ги имаат доживеано ЖТЛ, се вклучуваат различни професионалци психолози, психијатри, физиотерапевти и други, за да се намалат последиците од трговијата со луѓе, рече Цветковска.

Во борбата и во справувањето со трговијата со луѓе, смета Цветковска, треба разивање голем систем на вклучени институции и секако меѓународните институции, НВО-а, кои играат добра улога во однос на заштитата и соработката со нив е на доста високо ниво од аспект на размена на информации, на поддршка. Соработката постојано се надградува и се дополнува и со Единицата за борба против трговијата со луѓе, со цел заштита на жртвите.

Сепак, се случува и жртвите на трговија со луѓе да одбијат и да не сакаат поддршка и помош.

 – Особено тоа се случува кај возрасните жртви затоа што е големо чувството на самообвинување, на стигма, на срам, дека сами се виновни за тоа што им се случува. Кажав дека самиот процес на идентификација е долг, треба стекнување доверба со нив и работа. Имало случаи кога жртвите одбиваат соработка со институциите и се поотворени за соработка со здруженијата на граѓани. Но, имало и случаи кога не сакаат соработка со здрженијата, туку сакаат со институциите, бидејќи знаат дека кога ќе влезат во системот ги остваруваат и сите други права кои им следуваат согласно законската регулатива. Во однос на ова прашање и поддршката на меѓународните организации е многу значајна за градење на капацитет на професионалците, изјави Цветковска, потенцирајќи ја соработката со Меѓународната организација за миграции, со чија поддршка се воспоставени и пет мобилни тимови на терен и учествуваат во програмата за ресоцијализација на жртвите, но тука е, нагласува, и Советот на Европа.

Конвенцијата за акција против трговијата со луѓе стапи во сила за Северна Македониа во 2009 година. Таа е сеопфатен документ кој е фокусиран врз заштитата на правата на жртвите на трговијата со луѓе и бара кривично гонење на трговците со луѓе. Хоризонталниот инструмент на Европската Унија и Советот на Европа го поддржува усогласувањето на земјава со Конвенцијата преку градење на капацитети, поддржување на истражувањата и подигање на свесноста за ризиците од трговијата со луѓе.

Нема ниту една претставка ниту сега, ниту претходниот период до народниот правобранител за ТЛ  

За жал, нагласи заменик народниот правобранител Васка Бајрамовска – Мустафа ниту во претходниот период, ниту сега со назначување на националниот известувач за трговија со луѓе, до народниот правобранител нема ниту една претставка за оваа проблематика, за оваа многу чувствително прашање што претставува грубо повредување на човековите права, на човековото достоинство на ЖТЛ. Во пракса, оценува таа, резултатите се незадоволителни.

Таа појасни дека кај народниот правобранител има посебен оддел што се грижи за децата и лица со попреченост и меѓу другото покрај постапувањето по претставки имаат надлежност и можност да ги посетат и установите каде се сместуваат деца.

– Минатата година најдовме дека во мали групни домови се сместуваат и потенцијални ЖТЛ, па дури и дете ЖТЛ, кое е заедно со другите деца во мал групен дом од отворен тип, каде ја нема потребната стручна помош и поддршка, изјави заменик народниот правобранител.

Инаку, народниот правобранител во функција на национален известувач за трговија со луѓе и илегална миграција во текот на 2020 година својата активност ја насочи кон известување на релевантните државни институции и невладините организации надлежни за следење и спречување на трговијата со луѓе и илегална миграција за формирањето на Одделот на националниот известувач за трговија со луѓе и илегална миграција при Народниот правобранител, со кои беа остварени и средби заради согледување на предизвиците на полето трговија со луѓе и илегална миграција. Согласно планираните активности, стои во Годишниот извештај за 2020 година на народниот правобранител, ненајавено биле реализирани посети во прифатните транзитни центри Винојуг и Табановце и Прифатниот центар за баратели на азил во Визбегово, на кои е разговарано со раководните лица на центрите, како и со претставниците на граѓанските организации присутни на терен за спроведувањето на секојдневните активности и за постапките кои се водат за лицата бегалци.

Бајрамовска – Мустафа говорејќи за спроведеното истражување во однос на согледување на состојбите со трговијата со луѓе од 2017 до 2020 година за да може да се добие реална слика што се случува во ова поле, при што е опфатена и правната национална рамка и меѓународните документи, како и спроведеното истражување преку анкетен прашалник до релевантните органи и институции, укажа дека врз основа на добиените резултати треба многу посериозно да се посвети внимание на ова прашање. Надлежните органи и институции, смета таа, треба поинаку да пристапат имајќи предвид дека имаме стандардни оперативни процедури,  индикатори, имаме рамка што укажува на тоа како треба да се работи.

Како податок таа спомена дека во овој тригодишен период на истражување на националниот известувач, анализите на годишните извештаи од Националната комисија за борба против трговијата со луѓе укажуваат на тоа дека во државата има идентификувано 21 жртва на трговија со луѓе. Друг податок, подвлекува Бајрамовска – Мустафа, укажува на тоа дека надлежните органи, заедно со здруженијата на граѓани што се составен дел на мобилните тимови и заеднички работат на идентификување, идентификувале 345 ранливи граѓани.

– Ако споредувате таква бројка на потенцијални ЖТЛ над 300, а идентификувани се само 21 жртва, од кои само двајца странци како ЖТЛ, укажува на потреба од нецелосно и неефикасно идентификување на потенцијалните, претпоставените ЖТЛ, за потоа да зборуваме за некоја формална идентификација. Во овој контекст, не можеме да не ги споменеме и децата, бидејќи најголемиот број од идентификувани потенцијални ЖТЛ, дури 61, 7 проценти, согласно извештаите за овој тригодишен период, се однесуваат на деца ЖТЛ, изјави заменик народниот правобранител Бајрамовска – Мустафа.

Таа потенцира дека треба да имаме предвид дека се работи за жртви – лица без разлика дали се формално ЖТЛ или се потенцијални ЖТЛ, кои се под присила, под страв, без помош и поддршка и реално нив им треба време и простор да ја  стекнат довербата на институцијата што им пристапува, а имаме, подвлекува таа, цела една рамка од надлежни органи и институции што работат заеднички и треба да имаат соодветен пристап кон овие жртви за да ја стекнат нивната доверба.

– Една од нашите препораки е идентификување на жртвата и работа со нив без оглед на казнената одговорност. Тоа да биде посебна постапка, а на жртвата мора да и се дадат потребната помош и поддршка на што укажува меѓудругото и Конвенцијата на Советот на Европа и Акцискиот план на делување во поглед на надминување на овој проблем. Друга препорака посочена во Годишниот извештај, е вклучување и на локално ниво, односно проширување на тој мултисекторски пристап. Не само надлежните министерства, Центрите за социјална работа, мобилните тимови…, тука од голема важност се и специјализираните невладини организации, кои во пракса покажуват дека потенцијалните жртви или ЖТЛ имаат најголема доверба во нив, да се проговори за проблемот што со години ги следи. Тука поактивен пристап да има и теренската работа за утврдување на ЖТЛ, локалната самоуправа има битна улога во овој дел, вели заменик народниот правобранител.

Она што е битно за нас, на што укажуваме, дури и да има макар еден од трите елементи што се бара за ЖТЛ, истакнува Бајрамовска – Мустафа, е активност, средства и цел, да се работи со потенцијалната жртва и тука да може да се почне таа фаза на работа, на нејзино соодветно сместување во посебно засолниште или сигурна куќа. Ако се работи за странец, да се применат одредбите од Законот за странци.

Според неа, социјалните работници задолжително треба да бидат вклучени во овие тимови и да бидат соодветно стручно оспособени и обучени, да имаат пристап до ЖТЛ.

Кога говорам за жртва, наведува таа, не мислам на онаа жртва кај која со сигурност се утврдени елементите, туку и за претпоставена жртва каде што еден од елементите укажува на ризик од ЖТЛ. Таа повтори и предупреди дека зборува за категорија на граѓани кои се или опфатени со сиромаштија или жртви на насилство, или измамени поради возраст или социјалните прилики во кои живее, лесно се подводлива да бидат можна ЖТЛ.

– Крајната цел не е само да се казнат сторителите, туку истовремено да не заборавиме на жртвите, да ги вратиме во општеството да го продолжат нормалното живеење во семејствата каде што живеат или да создадат нови семејства. За тоа да го направат ним им е потребна постојана помош и поддршка, човек од доверба, а кој друг ако не тимовите, целокупната релевантна рамка и инструменти што даваат таква помош. Најважен е пристапот, жртвата мора да почувствува дека ја разбираш, дека не е само бројка, да стекне доверба, оти може да очекува помош, оти не е сама и оти ќе ја водиш низ каналите до безбедност и заштита, категорична е Бајрамовска – Мустафа, која со огромни емоции говори на оваа тема.

– За успешна ресоцијализација треба индивидуален пристап кон секоја жртва. Проценка и на слабостите и на потребите. Треба да работат тимови од различни профили, за секој во рамки на својата надлежност да утврди што му е потребно на тоа дете, односно ЖТЛ, за да го надмине стресот, траумата, за да се врати во општеството. Зборуваме за ресоцијализирани жртви каде и по возраста и доколку се работи за малолетни, треба да размислуваме за нивно вклучување или враќање во образованието, за нивно вклучување во остварувањето на правата од здравствена заштита, нивно вработување или користење на право од социјална заштита. Сето тоа се сфери на делување каде секој од надлежните органи треба да го даде својот придонес, ако ништо друго преку отворање дури и посебни програми што ќе можат да им дадат помош и поддршка, бидејќи независноста на жртвата по враќањето во средината за успешна ресоцијализација е многу битен фактор. Ако вие оставате ЖТЛ без никакви приходи и поддршка, големи се можностите таа повторно да потпадне под влијание, да биде измамена, дури на некој начин сама да прифати некои работи навидум за егзистенција, а после тоа да премине и во некој друг вид на експлоатација на жртва…, нагласува таа.

Во моментот кога вие го враќате назад помеѓу граѓаните, порачува Бајрамовска – Мустафа, на тоа лице мора да му дадете услови да продолжи да функционира, не може да го оставите, ако го нема, без дом, без приходи или обезбедена финансиска помош за егзистенција или без работа. Има ЖТЛ кои имаат и свои семејства, потсетува таа, и треба да се работи и со семејствата за прифаќање на таа жртва кога ќе се  врати назад, да не биде етикетирана генерално во општеството.

Таа порачува дека треба да ја јакнеме и свеста за да бидеме подготвени да им помогнеме безрезервно на ЖТЛ преку соодветните стручни капацитети од надлежните експерти во делот на стручната помош и поддршка и во обезбедувањето на сите права што им ги дава и Уставот и меѓународните документи како граѓани на оваа држава.

Нова Национална стратегија 2021-2025 година од Национална комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција

Националната комисија за борба против трговија со луѓе претставува сублимат на претставници на повеќе државни органи и граѓанскиот сектор, во која се настојува да се обедини и создаде одредена синергија помеѓу стратегискиот пристап што го води Комисијата и оперативното постапување што се случува на терен каде се соочуваат претставниците на државните органи, кои конкретно работат на таа материја и се соочуваат со конкретните жртви на трговија со луѓе, појаснува координаторката на Националната комисија за борба против трговијата со луѓе, државниот секретар во МВР, Магдалена Несторовска.

По извршената евалуација на старата Национална стратегија, при што се откриени слабостите во стратегиските области во кои делува Комисијата и кои треба да се корегираат, изработена е и петата, нова Национална стратегија 2021-2025 година, чиј составен дел е и новиот национален Акциски план.

Врз основа на овој Акциски план, наведува Несторовска, ќе се носат оперативни планови за една година, во кои уште поконкретно ќе се разработат активностите.

Акцискиот план се фокусира на пет стратегиски области и во секоја од тие области тргнувајќи од препораките дадени во евлуацијата и содржините на новата Национална стратегија, ги дава смерниците, како и што ќе се работи во следниот период.

Има пет стратегиски области во кои се делува. Една е подржувачката рамка, потоа е превенцијата, идентификацијата и упатувањето, директната помош изразена преку реинтеграција и ресоцијализација на ЖТЛ и илегална миграција и ефикасното казнување или одговорот на државата во форма на санкционирање на извршителите на кривичните дела трговија со луѓе и криумчарење мигранти.

Активностите што се предлагаат во Акциониот план тргнуваат од подржувачката рамка, појасни Несторовска, затоа што на дел од слабостите што се рефлектираат на оперативно ниво, коренот им се наоѓа на некој  начин во стратегиската рамка, па почнуваат од тоа што треба да направи државата во сферата на зајакнување на подржувачката рамка, од аспект на институционалното поддржување, од аспект на измена на законската регулатива.

– Од аспект на директната помош во претходниот период се направени повеќе исчекори, а најмногу во сферата на идентификација на жртвите. Тоа ни е една од слабите точки. Кога ќе ви ги кажеме бројките што се под 10 на идентификувни ЖТЛ, веднаш е јасно дека тука е проблемот во процесот на идентификација на ЖТЛ. Акцискот план укажува дека треба повеќе да се работи на идентификацијата, изјави Несторовска.

Според неа, одговорот се состои во институционален локален одговор. Потребно е добро и ефикасно да функционираат локалните комисии, да бидат формирани, затоа што ги нема насекаде, има само пет.

Таа предупредува дека не може на стратешко ниво да се идентификуваат ЖТЛ. Може да се утврди оперативна рамка, да се предвидат чекорите и како тоа се спроведува, меѓутоа, потенцира таа, се соочувате со индикаторите дали е некој ЖТЛ или не, на терен.

Потребно е, оценува претседавачот со Националната комисија, да функционираат локалните комисии, кои во својот состав ги имаат сите локални претставници од НВО, од Министерството за труд и социјална политика, од полицијата и фактички е одговорна и ги знае елементитте на конкретната средина.

Меѓу другото, посочи таа, потребно е да се одвојат повеќе финансиски средства, како од државниот буџет, така и од општинските буџети.

– Ставот на Националната комисија е локалната комисија да ја води претседавачот на Советот на Општината, затоа што се обезбедува инволвираноста на некој начин на луѓето кои се избрани од граѓаните да ги претставуваат, а нивни интерес е борбата против трговијата со луѓе и илегалната миграција, нагласи Несторовска.

Да бидам искрена, вели таа, уште пред да започне пандемијата, се обидуваме да ги заживееме локалните комисии, и некаде и формиравме и заживеаја, како што е во Куманово, во Гевгелија. Меѓутоа, наведе Несторовска, дел од локалните комисии многу тешко ги ставаме во функција, иако се обидовме и преку градоначалниците и преку Советите.

 – Не сум задоволна од одговорот на локалните комисии и од нивната инволвираност во оваа тема. Суштината на ефикасноста лежи во локалните комисии, изјави претседателот на Националната комисија за борба против трговијата со луѓе, државниот секретар во МВР, Несторовска.

Тоа се должи, смета таа, на недоволната сензитивност за оваа тема на советите на локално ниво, а понекогаш и недоволната подготвеност да се одговори на локално ниво. Се има чувство, многу често, истакна Несторовска, дека ова е тема за која државата треба да води сметка и одговорот да се бара на државно ниво.

– Советите на локалната самоуправа како да имаат чувство оти оваа тема не е премногу нивна. Тоа е моето искуство, впечаток како национален координатор. Мислам дека акцентот треба да се стави на поинтензивен притисок од страна и на меѓународниот фактор и од страна на самите организирани облици како што е Националната комисија, почести средби, подетално објаснување каде е надлежноста на локалната комисија. Таа не е надлежна да ги лови трговците со луѓе, има органи кои тоа го прават. Затоа реков, локалната комисија е микро Национална комисија и таа треба да детектира во кои области во сферата на образованието, во општините, во училиштето има потреба од дополнителна обука, да ги детектира каде се критичните и кризните точки во локалната средина. Има потреба од повеќе вклучување на новинари или на јавите гласила од Општината во информирање на луѓето, на младината. Нејзината задача е во тој правец, појасни Несторовска.

Мобилните тимови, како продолжена рака на Таск форсот, откако се формирани исконтактирале над 400 луѓе, кои се детектирани како потенцијални жртви. Тие ги детектираат кои се индикаторите и во кои области треба да се бараат потенцијалните жртви и поаѓаат од одредени социјални средини, притиснати од сиромаштија, во делови во кои постои индиција за семејно насилство итн…. Локалната комисија тоа не треба да го прави, туку да помогне во обезбедување одржливост на мобилните тимови.

– Една од замките на ТЛ на која една држава може да падне на испитот е фактот што е многу тешко да ги направите видливи ЖТЛ. Кога ги правите видливи, Вие сте ја добиле половина од битката. Кривичното дело трговија со луѓе и илегална миграција ни се свети преку тоа што има мноштво на скриени форми, дали страв, се кријаат од јавноста, од очите на јавноста, се крие ЖТЛ. Првиот чекор е да ги направите видливи, да допрат и до институциите, да проговорат и да бараат помош. Националната комисија и државата ги менува процедурите, има нови оперативни процедури, кои се чекорите како да и се помогне на жртвата. Кога теоретски  зборуваме, го сменивме Законот за странци, предвидовме два месеци рефлексија кога може да се реинтегрира и ресоцијализира, можност во рок од пет дена  МВР да мора да даде дозвола за привремен престој, имаме превидено вработување, бесплатна правна помош, образование, здравствена и социјална заштита, реинтеграција изразена во форма на подготовка на средината каде што треба да се врати жртвата. Значи еден дијапазон мерки, меѓу кои и бесплатната правна помош, можност за ослободување од кривично гонење на ЖТЛ, да не одговара ако била принудена да изврши кривични дела. Тоа е сплет на мерки што државата ги превзела, а во тек е постапката, на иницијатива на Националната комисија и на препорака на Советот на Европа, за донесување Закон за обештетување на ЖТЛ, го подтогвува Министерството за правда заедно со МВР и Советот на Европа и ќе се формира посебен државен фонд со кој жртвата и финансиски ќе биде обесштетена, вели Несторовска.

Ла Страда: Поголема вклученост на локалната самоуправа во спроведување на Програмата за помош и поддршка при реинтеграција на ЖТЛ 

Има повеќе предизвици на кои треба да се работи за подобрување на состојбите, особено кога се работи за ефикасна идентификација и успешна реинтеграцијаа на жртвите од трговија со луѓе, оцени Маја Варошлија, раководителка на програма за помош и поддршка Отворена Порта – Ла Страда

– Во РС Македонија во 2014 година е донесена Програмата за помош и поддршка при реинтеграција на жртвите на трговијата со луѓе. Постоечката програма не се спроведува во практиката најмногу поради неиздвојувањето финансии и технички капацитети од страна на државата и надлежните институции. Дополнително, покрај напорите за децентрализација на сервисите за ранливите групи, вклучувајќи ги и жртвите на трговијата со луѓе, не
постои доволна вклученост на локалната самоуправа во спроведување на државната Програма за помош и поддршка при реинтеграција на жртвите на трговијата со луѓе. Оттаму произлегува и препорака за поголема вклученост на локалната самоуправа во спроведување на Програмата за
помош и поддршка при реинтеграција на жртвите на трговијата со луѓе, преку обезбедување услуги и  човечки и финансиски ресурси, истакна Варошлија.

Во РС Македонија во 2005 година е отворено првото прифатилиште за заштита на жртвите од трговија со луѓе од страна на ЗГ Отворена порта, кое до 2011 година функционираше како самостоен центар за жртвите на трговијата со луѓе, поддржан од меѓународни донатори. Од 2011 година, прифатилиштето станува државен Центар за жртви на трговијата со луѓе под надлежност на МТСП, а раководено од страна на Отворена порта. МТСП ги покрива трошоците за просторот и режиските давачки, додека програмските активности 24/7 ги спроведуваат вработените од ЗГ Отворена порта.

Од 2018 година во прифатилиштето, покрај жртвите на трговија со луѓе, може да се згрижат и жртви на сексуално насилство.

Центарот е од полуотворен тип, се наоѓа на тајна локација и со него
раководи стручен тим составен од социјални работници, психолози и педагози, кои имаат долгогодишно искуство во оваа проблематика, изјави раководителката на програма за помош и поддршка Отворена Порта – Ла Страда.

Програмата за директна помош и поддршка во прифатилиштето се состои од советодавна работа, психолошка индивидуална и групна терапија, едукативни и слободни активности и задоволување на основните потреби.

Исто така, нагласи Варошлија, на корисничките, со предвидената програма на ЗГ Отворена порта, им се обезбедува медицинска и правна помош,  вклучување во образование и обуки за остручување, хуманитарна помош и други услуги во зависност од потребите на жртвите. Дополнително, со Програмата за придружна социјална работа како ризични категории се опфатени лица кои се под висок ризик како жртви на ТЛ или се жртви на ТЛ, кои не се сместени во прифатилиштето.

Со оваа програма, посочува Варошлија, се опфатени и жртвите кои го напуштаат Центарот, со цел олеснување на процесот на реинтеграција и вклучување во нормалните животни текови. Лицата опфатени со оваа програма, покрај директна помош и поддршка, добиваат и семејно и индивидуално советување, олеснување на пристапот до соодветните услуги на локално ниво и долгорочна емоционална поддршка.

Инаку, Здружението за акција против насилство и трговија со луѓе Отворена порта е здружение кое од 2000 година работи на превенција, едукација, помош, поддршка и застапување на жртвите од трговија со луѓе и сексуално насилство. Своите активности оваа организација ги спроведува преку три програми и тоа програмата за лобирање и застапување, програма за превенција и едукација и пограма за социјална асистенција или директната поддшка на жртвите на трговија со луѓе и сексуално насилство. Најважни
директни сервиси кои што Отворена порта ги раководи е бесплатната СОС линија за помош од трговија со луѓе 0800 11111, што започна со работа во далечната 2002 година, која е специјализирана за помош од трговија со луѓе и е отворена 24 часа секој ден во неделата.

Вториот важен сервис е Центарот за жртви на трговијата со луѓе и на сексуално насилство, кој е дел од системот на социјална заштита и овозможува привремено сместување и психо-социјална помош и поддршка, со цел рехабилитација, надминување на траумите реинтеграција во средината.

Трговците со луѓе постојано ги менуваат тактиките со кои делуваат односно т.н. модус операнди

– Трговијата со луѓе е мошне комплексен и динамичен криминал. Одговорот против трговијата со луѓе бара мерки во делот на превенцијата, на директната асистенција на жртвите, како и во делот на гонењето на сторителите. Мошне битно е да се има активности во сите овие сегменти и програми во сите овие три сегменти, односно континуирано имплементирање програми во сите овие три сегменти, изјави Соња Божиновска Петрушевска, раководител на канцеларијата на Mеѓународната организација за миграција (ИОМ).

Според Божиновска Петрушевска, исклучително важно е да се лоцираат доволно човечки и технички ресурси на институциите кои имаат компетенции во борбата против трговијата со луѓе, а континуирано треба да се работи и на унапредување на процесот на идентификација на жртвите на трговија со луѓе. Од големо значење, потенцира таа, е компензација на ЖТЛ, односно компензација од страна на државата, со што би им се помогнало во процесот на нивната ресоцијализација.

– Трговијата со луѓе е динамична форма на криминал. Во овој контекст трговците со луѓе постојано ги менуваат тактиките со кои делуваат, односно т.н. модус операнди и во овој контекст е мошне битно да се применуваат истражувања преку кои ќе се следат тактиките на трговците со луѓе, како и профилот на жртвите, изјави Божиновска Петрушевска.

Според неа, превенцијата е мошне значајна бидејќи, како што вели, овозможува и да не дојде до трговија со луѓе, а мобилните тимови се добар пример за меѓуинституционална координација и соработка со НВО во адресирањето на трговијата со луѓе и асистенцијата на жртвите.

– Ресоцијализацијата е мошне битна. Многу е важно ЖТЛ да имаат пристап до психосоцијална заштита, здравствена заштита, можности за вклучување во образовниот систем, вработување итн, бидејќи преку долгорочната реинтеграција се овозможува нивно вклучување во нормалниот живот, а тоа има и превентивна улога, бидејќи превенира тие да бидат повторно виктимизирани и да бидат ранливи во однос на трговијата со луѓе, оценува Божиновска Петрушевска.

 Кога станува збор за пандемијата, таа истакна дека одредени глобални извештаи укажуваат на тоа дека на глобално ниво, криминалните групи во голема мера ја искористиле пандемијата за пораст на криминалните активности.

– Овие глобални извештаи укажуваат на тоа дека во светот е зголемена регрутацијата на жртви на трговија со луѓе преку интернет, како и експлоатирањето во приватни објекти. Во тој контекст овие меѓународни извештаи укажуваат на тоа дека како резултат на влошената економска состојба во светот, како резултат на пандемијата, уште е поголем ризикот во контекст на трговија со луѓе, бидејќи се повеќе ќе се јакне побарувачката на работната сила што е ниско платена. Во овој контекст се очекува дека ќе има пораст на трудовата експлоатација, додава Божиновска Петрушевска.

Кога станува збор за пандемијата и одговорот кон трговијата со луѓе, таа истакна дека обично во услови кога има кризи, кога има економски последици, оние социјално ранливи категории стануваат уште поранливи и уште поризични во однос на нивната ранливост спрема трговијата со луѓе.

Затоа, нагласи таа, битно е да се работи на проактивната идентификација на овие групи кои се во висок ризик, со цел да се преземат адекватни превентивни мерки во контекст на нивно социоекономско зајакнување, нивна едукација за ризиците и опасностите во трговијата со луѓе.

Битна е и идентификацијата, подвлекува таа, и укажува на тоа дека кога жртвите ќе бидат идентификувани, тие ќе бидат спасени и од целокупната експлоатација и траумите на кои се изложени, но во контекст на КОВИД тоа има заштитен елемент и од аспект на заштита од пандемијата.

– Би сакала да истакнам дека додека жртвите се предмет на експлоатација, тие се изложени на мошне нехуман третман од страна на криминалните групи, од страна на трговците, така што практично е невозможно да применуваат какви било превентивни мерки или пак да бидат заштитени. Во овој контекст, во моментот кога ќе бидат идентификувани, битно е да се обезбеди здравствена заштита, психолошко советување, третмани со оглед на траумите, посебно во услови на КОВИД, но и да се работи во насока на нивно долгорочно социо-економско зајакнување и превенција од повторна виктимизација, изјави Божиновска Петрушевска

Во контекст на мигрантите кои транзитираат низ западнобалканската рута и се задржуваат релативно краток период во земјите низ кои поминуваат, меѓудржавната соработка меѓу институциите што имаат надлежностите во борбата против трговија со луѓе, е од огромно значење.

Во изминатиот период, информира Божиновска Петрушевска, беа склучени протоколи помеѓу земјите од регионот за адресирање на трговијата со луѓе, а институциите се во процес на преговори за склучување протоколи со Грција. Сметам, нагласува таа, дека примената на заеднички истражни мерки и соработката во адресирањето на трговијата со луѓе помеѓу мигрантите има огромно значење.

Кога станува збор за тоа каде се наоѓа РС Македонија во однос на други земји во Западен Балкан, Божиновска Петрушевска вели дека фактот што трговијата со луѓе е мошне комплексна форма на криминал и заштитните и соодветни мерки во борба против трговија со луѓе се состојат од превенција, директна асистенција на жртвите и гонење на сторителите, мошне е тешко да се прави споредба, но одредени меѓународни извештаи ги класифицираат земјите од Западен Балкан во приближно иста групација.

Инаку, во текот на долги години присуство во РС Македонија, ИОМ има имплементирано бројни активности во делот на превенцијата преку социоекономско зајакнување на ранливите категории, потоа преку имплементација на информативни кампањи за зајакнување на јавната свест во однос на опасностите и ризиците поврзани со трговијата со луѓе, бројни активности за јакнење на капацитетите на институциите во сите сигменти во адресирањето на трговијата со луѓе.

Божиновска Петрушевска информира дека ИОМ во нашата држава има имплементирано и бројни истражувања корисни во смисла на одредување на видот на трговијата со луѓе, профилот на ЖТЛ, го помага процесот на донесување законски оперативни процедурални и стратешки документи во оваа област.

Цветанка Миновска

Ана не е вистинското име на ресоцијализираната жртва на трговија со луѓе. Нејзиното име и презиме се заштитени со законските одредби за заштита на личните податоци. Со помош на ЗГ Отворена Порта – Ла Страда, е обезбедена нејзина телефонска изјава за потребите на оваа анализа.

Back to top button
Close