Портал X: Еден човек, неколку функции: Кој е суперфункционерот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Андонов?

Претседател на Советот на Општина Кочани, претседател на две советнички комисии, член на уште две комисии, претседател на Општинскиот фудбалски сојуз во Кочани, селектор на македонската женска А репрезентација и актуелен претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Кочани. Сите овие функции ги извршува еден човек – Александар Андов актуелен претседател на општиснки комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Колку функции се доволни, колку се дозволени и дали нивното истовремено извршување отвора прашања за судир на интереси?
Според составот на работните тела на Советот на Општина Кочани, Андов е претседател на Комисијата за култура, образование и спорт и права на децата, како и на Комисијата за финансии, буџет и локален економски развој.
Покрај тоа, Андов е и член на Комисијата за статут и прописи, како и на Комисијата за мандатни прашања, избори и именувања.
Андов и претходно беше предмет на интерес на Државната комисија за спречување на корупцијата. Против него беше поднесена кривична пријава од независната советничка група „Доста беше“, откако Антикорупциската комисија дала мислење дека истовременото извршување на функциите претседател на општински совет и директор на основно училиште е неспоиво.
Иако мислењето на ДКСК било дадено во февруари, Андов оставка од директорската позиција поднел дури на 5 мај.
Околу десетина дена подоцна, тој јавно му се заблагодари на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, откако беше назначен за претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Кочани.
Во објавата на својот Фејсбук-профил, Андов напиша:
„Почитувани, сакам да изразам голема благодарност до претседателот Христијан Мицкоски и Извршниот комитет за довербата да го предводам Општинскиот комитет Кочани. Ова за мене претставува чест, но и голема одговорност. Со чесна, посветена и домаќинска работа ќе продолжиме да работиме во интерес на граѓаните и за развојот на Кочани. Ќе градиме политика заснована на чесност, единство, почит и вистинска грижа за секој човек. Кочани отсекогаш било симбол на истрајност, достоинство и силна поддршка за ВМРО-ДПМНЕ, и така ќе остане место на патриотизмот, заедништвото и победничкиот дух.“
ПорталИкс побара одговор од Државната комисија за спречување на корупцијата. Оттаму потврдуваат дека за случајот е оформен предмет, но постапката сè уште е во тек и Комисијата нема донесено одлука.
„Во ДКСК е оформен предмет, по кој постапката е сè уште во тек и од страна на ДКСК не е донесена Одлука. По завршување на постапката ДКСК на јавна седница ќе донесе Одлука која согласно Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси ќе биде објавена на веб-страницата на ДКСК.“, велат тие.
До донесување на одлуката, останува отворено прашањето дали истовременото извршување на функциите на претседател на Советот, претседател на советнички комисии, спортски селектор и партиски претседател е во согласност со законот.






