PortaliX: Директорот на ЦУК “прави теле” од народот со слика од пожарите од Калифорнија

„Меѓу хаосот и пламените јазици, заедно со пожарникарите на Град Скопје успеавме да спасиме мало теле кое останало заробено на теренот зафатен од пожарот. Мало, исплашено, но живо – мала победа во еден тежок ден“, напиша на својот профил на Фејсбук директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али.

Приказната за малото теле на прв поглед изгледа емотивно и впечатливо. Сепак, кратко пребарување на интернет открива дека станува збор за фотографија и приказна од друг настан, кој се случил во Калифорнија во 2020 година, а кој директорот на ЦУК го претставува како приказна од пожарите во Палиград.

Приказната за јагнето Шарлин е вистинита, но не е поврзана со неодамнешните пожари во Македонија. На 9 септември 2020 година, порталот Agriculture.com ја објавил приказната и фотографијата под наслов „Чудо: Теле преживеа силен пожар во Калифорнија“.

Во текстот е опишано како фармерката Каскарина го пронашла јагнето во нива зафатена од пожарите.

„Бев во шок“, раскажала таа. „Кога го кренав, сè уште беше покриено со остатоци од породувањето, а земјата беше влажна од раѓањето. Трепките му беа изгорени. Само го гледав во неверување. Не знаев што да направам, па го ставив во возилото со четири тркала и го однесов на безбедно место.“

Во изјава за Порталикс, директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Али, признава дека фотографијата со телето не е направена во Македонија, туку била искористена како илустрација на настанот. Тој тврди дека сцената прикажана на фотографијата била идентична со онаа што, според него, се случила за време на пожарите во Македонија.

„Значи, ние ист настан имавме тука вчера. Јас бев на лице место на пожарот. Никој не ми ја прати фотографијата, јас бев таму на лице место. Бев со пожарникарите и ја видовме таа сцена. Не направив фотографија, бидејќи не сум по слики. Сликата не е од пожарот, но настанот е таков. Ние го спасивме телето, а потоа го презеде овчарот. Настанот е ист. Таму не пишува дека сликата е направена на лице место“, вели Али.

Освен од Али, приказната со фотографијата за телето набрзо ја објавија голем број медиуми, без притоа да го проверат нејзиното потекло.

Back to top button
Close