Порти широки, Пенушлиски
Има една куќа во која живеам, кога можам, кога не сум тука, во сите лудила и светот кој не е мој, а знам дека не е ничиј, никој повеќе не го признава. Куќата изгледа доволно високо, за да се помисли дека ги разбива облаците и го сече небото, сѐ до соништата, кај што никој не допира.
Има куќа во која би сакала да живеам, само заради тоа што е во најубавата, најголемата слика која кога било ја имам видено. Тогаш кога почина Илија Пенушлиски, куќата беше најбезбедното место да се замине, јас таму, тој во историјата.
Некои ги сакаат Мартиноски и Личеноски и Кондовски, за мене најголемиот беше Пенушлиски, таа магија никој не може да ја подари на овој свет, на оваа изгубена држава, која има сѐ, а се прави за да нема ништо. Колку веста за заминувањето на Пенушлиски е болно за оваа држава, толку беше незамисливо и тивкото збогум на неговата и нашата Илинка Митрева.
И двајцата ја градеа историјата на оваа земја, секој на свој начин. И двајцата правеа сѐ да биде поинаква, поголема државава, веројатно последниот пар кој портите на светот ни ги отвори.
Ме растажи, ама и ме насмеа, ме однесе повторно во куќата на сликата на Пенушлиски, ме заболе ама и ме расположи збогувањето на неговиот син, Илија Митрев Пенушлиски, каков човек, каков човек е тоа, колку нежно, смирено, колкава е таа бура, олуја, невреме, совршено време, сѐ во едно:
“Татко ми почина вчера. Живееше без преправање, без оклоп, непропустлив за бучавата на времето. Живееше со длабок хуманизам, незаситна љубопитност, желба за живот и непоколеблива луцидност и присутност.
Немаше никаква приврзаност кон нештата – само кон идеите, креацијата и луѓето. Беше исклучителен уметник, познат на многумина, но рамнодушен кон тоа да биде познат.
Неговите идоли беа уметници, каубои, пијаници и Хозе Мухика“, вели Митрев-Пенушлиски.
Сакате да знаете уште повеќе кој е големиот уметник Илија Пенушлиски?
Во февруари 2022, Пенушлиски јавно ја замоли Галичката ликовна колонија да го повлече неговото дело кое беше поставено во бугарскиот Културно-информативен центар (КИЦ) во Скопје и од Центарот да го избрише неговото име од излогот. Сликата беше дел од изложбата „Заедно“, која на 25 ноември беше отворена за промоцијата на новите простории на бугарскиот КИЦ.
Пенушлиски во јавната реакција рече дека сликата ја насликал за време на Галичката ликовна колонија пред 20-тина години, и дека од изненадени пријатели дознал оти неговото име стои и на излогот на центарот.
„Се прашувам, која е смислата на оваа изложба? Кого таа го претставува? Во некој нормален свет една ваква изложба би била вообичаен пример за културна соработка меѓу два народа.
Но, со оглед на зацементираниот бугарски став за непостоење на македонска нација, на македонски јазик, па од таму и на македонско сликарство и култура, одговорот се наметнува – за нив, Бугарите, изложбата не може да биде ништо друго освен изложба на дела од бугарски Бугари и македонски Бугари.
А на таа изложба ме убутале и мене. Сè додека бугарската политиката не престане со примитивните и за нас болно навредливи посегнувања по сржта на на нашето постоење, секоја ‘културна соработка’ ќе биде травестија“, реагираше Пенушлиски.
Таква беше Илинка Митрева, таков беше и Илија Пенушлиски. Булдожери за Македонија. Нашите чувари на државата, на оваа куќа која кој стига ја расклатува, ја понижува и потпалува, особено баш заради тоа, моравме да ги имаме Илинка и Илчо, застанати на ветрометина, со свои раце ја држеа, кога ја напаѓаа од сите страни. Не знаеме да цениме такви луѓе, да ги чуваме и штитиме. Затоа и имаме ваква држава.
Сакате да знаете кој беше Илија Пенушлиски, освен што беше сликарот кој нѐ носеше во магични места и настани, кај што само големите можат?
“Познавам раскошни градови. Сум видел и грди градови. Го знаев и го сакав Скопје. Сликам градови со децении. Ме опседнуваат. Од магијата на градот не можеш да побегнеш“, кажа тогаш Пенушлиски, а на прашањето зошто вели дека го сакал Скопје, рече:
„Оти не го сакам веќе. Јас сум роден скопјанец, цел живот сум во Скопје, но на Водно не сум се качил. Чист воздух не ми годи на здравјето. Фудбал не сум шутнал, такво ми беше и друштвото, ние бевме повеќе по шах, карти, женски и кафеани. Денес од Скопје ми се допаѓа само името, ми ѕвони во ушите, ме потсетува на еден град кој веќе го нема. Скопје беше град со дух. Сега не можам да откријам ниедна улица што нема да ме извади од памет“.
Скопје имаше дух, ако беше мал град, се однесуваше поградски отколку денес. Да не почнувам за ова што се случи за Скопје 2014. Откако се случи, центарот е забранета зона за мене. Не можам да ја поднесам таа грдотија“.
Сѐ е ова Илија Пенушлиски. Вчера требаше да започнат сите вести со заминувањето на големиот Пенушлиски. И да завршат повторно со неговото име. Тешко дека знаеме да ги чуваме нашите великани, онака како што тие ја чуваа нашата куќа, големите наши Илинка Митрева и Илија Пенушлиски. Шчо напраифме? Сега кога сме оставени без нив, ова е нашето наследство, до нас е што ќе сториме со него:
Ако куќа не направив
со високи шимшир порти,
куќа цел свет братски ми е
братски срце што отвора,
срце – порта наjвисока,
срце – куќа наjширока.







