Портрет на Џон Кенеди – најурнебесниот меѓу политичарите: Како еден сенатор го чува Уставот и како во Вашингтон да докажеш дека не си глупав

Портрет на ЏОН КЕНЕДИ – НАЈУРНЕБЕСНИОТ МЕЃУ ПОЛИТИЧАРИТЕ

Како еден американски сенатор го чува Уставот со „сакам да купам базука“ и „дали мажот може да дои бебе“

„Сакам да купам базука, најдов една поволна понуда во Европа. Може ли да ја купам, да ја поседувам и да користам овде во Америка?“. Вака 74-годишниот републикански сенатор Џон Кенеди го провери идниот американски судија Ендру Дејвис за тоа како ќе си ја врши својата работа.

Испрашување на идните судии со апсурди

Кенеди веќе подолго време гради препознатлив стил на сослушувања во Сенатот: кратки, често апсурдни хипотетички сценарија со кои ги турка кандидатите во правни и вредносни агли. Проверува дали тие се ставаат во одбрана на граѓаните, нивната слобода и правото на приватна сопственост или пак, на страната на бирократијата. Од друга страна го тестира нивното правничко знаење (и самиот е правник кој студирал право на дури три универзитети): што ќе одберат уставен амандман или пак, федерален закон и зошто.

Сепак, зад хуморот стои јасна стратегија – поедноставување на комплексни правни прашања.

Хуморот како политичко оружје

„Сенаторот што сака да купи базука“ е последното вирално видео на Кенеди во кое тој всушност ја реотвара дебатата за Вториот амандман – дозвола да се носи оружје за самоодбрана наспроти забраните од Националниот закон за огнено оружје. Но, не и единствено… Во ера кога вниманието е ограничен ресурс, Кенеди ја разбира логиката на дигиталната публика: кратко, остро и забавно.

Она со што најмногу привлекува е уникатниот хумор, говори полни со народни метафори. Сенаторот користи јужначки акцент, суров е и директен кон соговорниците, без лажна политичка коректност.

Периодов во фокусот му се миграциските прашања. Минатата недела на седница на Сенатот најави дека ќе ги брка своите колеги-сенатори „како да му го украле Божик“ само за да прифатат закон за идентификација на гласачите на избори со американско државјанство и лична карта со фотографија. Во негов стил, мртов-сериозен на крај се шегува со неколку сенатори демек им го греши името, со цел да ги прозве за гласање. „Дали е тоа во ред за тебе, Макс? Ооо, ти не си Макс. Ти си Бред. Во ред“, вели републиканецот. Со вакви потези, тој успева да го задржи вниманието – и на јавноста, и на политичката сцена. Инаку, колку за информација на обичниот македонски гласач кој остава отпечаток од прст при гласање, а претходно беше прскан итн, во САД сега може да се гласа без лична карта.

Меѓу сатира и стратегија

Кенеди отворено се залага за фискална дисциплина, редовно критикувајќи ги федералните агенции дека трошат „како пијан морнар“ – со забелешка дека „пијаниот морнар барем троши свои пари, додека Вашингтон ги троши парите на даночните обврзници“. Со вакви формулации, тој ја поедноставува комплексната буџетска политика во јасна, лесно пренослива порака за јавноста.

Неговите метафори често одат и чекор понатаму. Кога сака да дискредитира експерти или функционери кои, според него, нудат некомпетентни ставови, знае да каже дека тоа е „како да прашате калуѓерка за секс“ – контроверзна, но медиумски ефективна споредба.

„Да или не?“

Покрај „испрашувањето на судиите“, Кенеди посебно е урнебесен кога ги сослушува експертите што се повикани во комитетите, а кои доаѓаат од таборот на демократите. Често се повикува на уставните амадмани, но ги предизвикува соговорниците со апсурдни примери со цел да ја прикаже нивната контрадикторност. При тоа, за да не се избега од поентата, Кенеди често вели: „Не ми терај говори. Одговори: да или не?“. На крај си дава и заклучоци, па наместо да заклучи политички коректно: „Не ја зборувате вистината“,  коментира: „Готов(а) си како пржена кокошка“.

Заборавете на политичка коректност

Пред две недели пак, Кенеди успеа за нецели 8 минути да изигра симулатнка и да победи дури тројца соговорници – експерти блиски до демократите на тема: илегалните мигранти. Кенеди сака да покаже дека демокртатските експерти често ги преувеличуваат антимигрантските политики на Трамп со користење на термини како етничко чистење, но дека всушност тие не се борци за човекови права туку во мигрантите само гледаат нови гласачи.

Најостро помина Дејвид Биер, демократски експерт, близок на претходната администрација на Бајден, познат по неговите анализи во Като институтот кои се сметаат за најрелевантни во одбрана на државната помош за илегалните мигранти. Накусо дел од дебатата:

Кенеди:  Не мислите ли дека вашите преувеличени изјави ја поткопуваат вашата кредибилност?

Биер: Која преувеличенa изјава сум ja дал?

Кенеди: Рековте, цитирам: „Ако пресудите против агендата на Трамп за чистење на населението…“ — тамам без хипербола тука — „националистите ќе ве обележат, ќе ви се закануваат и ќе тргнат по вас.“

Биер: Кога зборувам за „чистење на населението“, мислам на тоа дека се обидуваат да депортираат луѓе родени во САД. Луѓе родени тука. Се обидуваат и нив да ги депортираат…

Кенеди: Од која планета паднавте? Ми го предизвикувате нагонот за повраќање.

Бестселер автор

Продемократските медиуми го критикуваат како карикатура во  политиката, прорепубликанските пак, како народен политичар. На социјалните медиуми тој е омилениот сенатор за урнебесни видеа од негови говори од Сенатот и коментари. Анкетите пак, редовно го издвојуваат како еден од најпопуларните сентори во САД. На локално ниво, во Лузијана – од каде и доаѓа, според последната анкета на Морнинг Консалт дури 55 отсто од граѓаните ја поддржале неговата работа во Сентатот.

Од пред неколку месеци, според Њујорк тајмс сенаторот Кенеди е и бестселер автор со книгата „Како да докажеш дека не си глуп: И зошто Вашингтон никогаш нема да го постигне тоа“ (“How to Test Negative for Stupid: And Why Washington Never Will”). Се работи за политички сведоштва на Кенеди од Сенатот, но со многу хумор и сатира на приликите во Вашингтон, како продолжение на култниот предизборен спот во кој застанат на бела позадина коментира:

„Луѓето велат дека сум премногу директен. Точно е. Имам право да молчам — само немам способност за тоа. Јас сум едноставно тоа што сум, Џон Кенеди. Луѓе, никогаш нема целосно да се вклопам кај сите тие вашингтонски инсајдери и елитисти на кои им ги повредувам чувствата. Еве ви еден бесплатен совет: купете си пони за емоционална поддршка, затоа што јас нема да замолчам. И уште нешто — секогаш бидете свои… освен ако сте ептен катастрофа“.

Не мора да бидете будала за да ве изберат во Сенатот, таму со задоволство ќе ве направат таков

Еве уште еден сегмнет од неговиот урнебесен, но крајно интелигентен хумор.

На прашањето дали американскиот Сенат е толку глупав како што изгледа однадвор:

-Па, дозволете ми да кажам вака. Не мора да бидете будала за да бидете избран во Сенатот на Соединетите Држави. Внатре, со задоволство ќе ве обучат да бидете будала. Знаете, Конгресот е непопуларен. Разбирам зошто. Секоја анкета што ја видов, покажува дека ние сме популарни колку што се популарни габичните инфекции на ноктите на нозете. Постои причина за тоа. Мислам дека дел од тоа генерално, тоа што Американците денес, американските луѓе имаат многу помала доверба во своите институции. И тоа е, искрено, вина на двете партии. И тоа се случува во подолг временски период. Единствената институција што ја знам, можеби има и други во кои американскиот народ изгледа има доверба е војската, но освен тоа, бројките се намалени. Делумно, дозволете ми да го кажам ова, и ако бидам предолг, прекинете ме, делумно причината е што многу луѓе се жалат дека Сенатот не прави ништо. И знаете, стара е шегата дека да не се прави ништо е тешко. Зошто, Затоа што никогаш не знаете кога ќе завршите. Но, делумно, Сенатот постои токму затоа.

Од друга страна, околу половина од мојата работа е да промовирам добри идеи. Другата половина од мојата работа е да убивам лоши идеи. И тоа, во голема мера објаснува зошто Сенатот се движи толку бавно. Мислам дека и нашите основачи го имале тоа на ум, односно сакале Сенатот токму така да функционира.

Може ли мажот да дои бебе? 

Во интервју за Фокс Њуз, пак, на забелешката дека анкетите покажуваат водство на демократите пред републиканците кога станува збор за економската состојба во САД, Кенеди вели:

-Слушајте, мислам дека анкетата е точна. Кога мајките и татковците лежат будни навечер и не можат да спијат, тие не лежат таму грижејќи се – како што понекогаш мислат демократите – дали мажот може да дои бебе.

Тие се загрижени за трошоците за живот. Уморни се од тоа што мора да продаваат крвна плазма само за да купат намирници. Исцрпени се од растечките трошоци за домување и повисоките премии за осигурување. Би можела да продолжам да редам без престан.

 

Back to top button
Close