Посебен режим на сообраќај на неколку локации во Скопје

Во Скопје денеска ќе има посебен режим на сообраќај на неколку локации поради одржување ракометен напревар, хуманитарна трка и атлетска трка.

Поради атлетска улична трка денеска 07:30 часот до 10:30 часот во Скопје ќе има посебен сообраќаен режим во општина Аеродром.

– Атлетската улична трка е со стартно-целна позиција на бул.„Јане Сандански“ при што натпреварувачите ќе се движат на дел од бул.„Јане Сандански“ (десна коловозна лента гледано во насока на движење исток-запад) на потегот од крстосница со бул.„Србија“ и бул.„Видео Смилевски Бато“ до крстосница со ул.„Владимир Комаров“, на дел од ул.„Васко Карангелевски“ (во двете насоки на движење) на потегот од крстосница со бул.„Јане Сандански“ до крстосница со бул.„АСНОМ“ и на дел од бул.„АСНОМ“ (десна коловозна лента гледано во насока на движење исток-запад) на потегот од крстосница со бул.„Киро Глигоров“ и бул.„Србија“ до крстосница со ул.„Васко Каранѓелевски“ во Скопје. Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај, при што сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници, информира Министерството за внатрешни работи.

Од Средно Водно до манастирот Св.Пантелејмон во Скопје ќе има посебен режим на сообраќај поради одржување на хуманитарна трка со почеток во 10:00 часот.

-Хуманитарна трка по повод одбележување на Денот на Европа насловена како „Сите за Кочани – трчаме заедно“, е со траса на движење од долниот паркинг на Средно Водно по регионалниот пат (Р2138) до паркингот на манастирот Св.Пантелејмон и обратно. Од тие причини, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај, при што сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници, соопштуваат од Министерството за внатрешни работи.

Исто така, во Скопје денеска ќе има посебен режим на сообраќај поради меѓународниот спортски натпревар во ракомет меѓу „Алкалоид“ и АЕК од Грција.

-Со почеток во 20:30 часот во Спортскиот центар “Борис Трајковски” ќе се одржи меѓународен спортски натпревар помеѓу РК Алкалоид од Р.С.Македонија и РК АЕК од Р.Грција. Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај на сообраќајниците кон и околу спортскиот центар, соопштуваат од Министерството за внатрешни работи.

МВР апелира до учесниците во сообраќајот да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвиваат двете трки, и воедно апелира до граѓаните во наведениот временски период кога се одржува ракометниот натпревар доколку немаат потреба да не ги паркираат возилата во близина на спортскиот центар.

Back to top button
Close