Поскапува такси превозот во Скопје

Такси- превозот во Скопје поскапува. За петнаесетина дена такси- превозниците ќе возат по повисоки цени и тоа: наместо 40 денари старт и 25 денари секој нареден километар, ќе возат по тарифата 50 денари старт и 30 денари секој нареден километар.

На денешнатаа седница на Советот на Град Скопје, во втор обид беше изгласана одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за авто-такси превоз на патници на подрачјето на градот Скопје, откако на претходната таа не помина.

Во рок од осум дена откако ќе биде објавена во Службен весник, веќе ќе можат да се штелуваат таксиметрите, а за 15 дена веќе влегува во сила новата цена.

Инаку, во одлуката Советот за сообраќај предложи три тарифи , а по која ќе се наплатува, ќе зависи од тоа дали цената на бензинот ќе расте или ќе се намалува. Првата тарифа е старата по која таксистите возат веќе 11 години и е 40 денари старт и 25 денари за секој изминат километар, како и чекање во место за еден час 300 денари. Втората тарифа е 50 денари старт и 30 денари за секој изминат километар, како и 420 денари чекање во место за еден час, што ќе биде, всушност, и новата цена по која ќе возат таксистите и третата тарифа е 60 денари старт и 35 денари за секој изминат километар, како и 480 денари чекање во место за еден час.

Овие три тарифи веќе се усогласени и прифатени од Асоцијацијата на легални таксисти, Синдикатот на таксисти и Групацијата на автотакси-превозници заради вртоглавиот раст на цената на горивата.

Back to top button
Close